Големиот лажго

24.09.2016 13:04
Големиот лажго

Некогаш одамна, веќе знаете кој рече дека пропагандистите треба да ја применуваат техниката на големи лаги. Тие треба да бидат толку големи што сите ќе поверуваат во нив, зашто нема да им падне на ум дека некој може толку да лаже. Низ историјата овој пристап добро им дошол на многу деспоти. Но, Доналд Трамп смисли нешто што може да се нарече тактика на голем лажго. Поединечно, неговите лаги се со средна големина. Тие не се наивни, но не се ни блиску до оние дека Евреите им ја пијат крвта на децата. Но, неговите лаги доаѓаат како поплава и не оставаат ни време ни простор за деманти. Трамп верува дека оваа стратегија ги парализира медиумите, кои нема да се осудат кандидатот на една од двете најголеми партии отворено да го обвинат дека лаже толку. А, кога ќе ја погледнеме ТВ емисијата „Врховен командат“, изгледа дека е во право. (Притоа не тврдам дека Трамп е новиот Хитлер. Повеќе ми наликува на Мусолини. Но, да се држиме до темата.)

И политичарите се луѓе, а сите луѓе понекогаш ја избегнуваат вистината. Оној што тврди дека никогаш не лажел – лаже. Прашање е само колку лажете и какви се последиците од тие лаги. Факт е дека Хилари Клинтон во оваа емисија ги избегнуваше одговорите на прашањата за своите мејлови. Од друга страна, ако погледнете што велат за тоа независните експерти од PolitiFact и Washington Post, јасно е дека обвинувањата против неа се млаки: таа е обвинета за претеран легализам и неискреност, но не и дека баш лажела.

Тука е и во јавноста недоволно забележаната потврда на нејзината изјава дека поранешниот државен секретар Колин Пауел ѝ помогнал да отвори приватна мејл адреса. Имено, објавен е мејл кој господинот Пауел го испратил три дека откако ја преземала должноста, што е спротивно на некои негови тврдења. Сè на сè, нејзината искреност е на завидно ниво за една политичарка – далеку поголема од сите републикански кандидати, па дури и од републиканскиот кандидат од минатите претседателски избори, Мит Ромни.

Од друга страна, господинот Трамп е сосема посебен случај. Тој лаже за стапката на невработеноста и стапката на криминалот. Тој лаже за надворешната политика и тврди дека претседателот Обама ја основал ИСИС. Но, пред сè, лаже за себеси, а кога ќе го демаскираат, тој продолжува да лаже. Едно од очигледните прашања пред емисијата во средата беше дали ќе го потврди тврдењето дека од самиот почеток се противел на војната во Ирак, што е неточно, се разбира. Неговиот единствен документиран коментар од времето пред почетокот на војната сведочи за неговата поддршка на војната, а интервјуто кое толку сака да го цитира како доказ за своето противење е објавено една година по почетокот на војната. Но, тој и натаму го повторува тоа и се прашав како модераторот Мет Лауер ќе реагира ако го повтори тоа уште еднаш. Тој го повтори, а господинот Лауер, кој потроши една третина од времето разговарајќи со госпоѓата Клинтон за нејзините мејлови, само помина на следното прашање.

Зошто е толку тешко да се соочи господинот Трамп со неговите бесрамни лаги? Делумно затоа што новинарите едноставно се преплавени со нивната количина. Со кој исказ на Трамп би требало да ја започнат емисијата? Со неговата лага за Ирак? Со неговите пофалби за Владимир Путин, кој има поддршка од 82 проценти? Со неговото понижување на американската војска, чии команданти се „целосни руини“? На некои луѓе им е срам да посочат кон непријатната вистина. Уште 2000 година, кога почнав да ја пишувам оваа колумна, ми рекоа дека треба да го избегнувам зборот „лага“ кога пишувам за неискрените тврдења на Џорџ Буш. Се сеќавам дека ми беше кажано дека е непристојно да се биде толку искрен за еден од кандидатите од најголемите партии. Веројатно и сега се случува нешто слично, зашто само неколку луѓе во медиумите се подготвени да признаат дека Републиканската партија за претседател на САД кандидираше бесрамен лажго и социопат.

Но, дури ни ова не ја објаснува асиметријата на нападите на двата претседателски кандидати. Некои медиуми преминуваат преку грубите лаги на господинот Трамп, но подготвено ја малтретираат госпоѓата Клинтон заради ситните грешки, некое претерување или нешто сосема безопасно. Дали тоа е сексизам? Не знам, но навистина е запрепастувачки. Останува отворено прашањето дали ќе пројде тактиката на голем лажго на господинот Трамп. Ако се суди според она што го видовме во средата вечерта, одговорот е да.

09.09.2016

Извор: The New York Times
Слики: Butcher Billy

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото