Обид за укинување на митологијата

26.09.2016 12:13
Обид за укинување на митологијата

Боговите се собраа во барака во предградието. Зевс зборуваше како и обично, долго и досадно. Конечниот заклучок: треба да се укине организацијата, доста е со бесмислени конспирации, треба да се влезе во ова рационално општество и некако да се остане жив. Атина потшмркнуваше во аголот.

Откако - тоа треба да се подвлече - беа поделени последните приходи, Посејдон беше оптимистички настроен. Гласно викаше дека тој ќе се снајде. Најлошо се чувствуваа заштитниците на регулираните потоци и исечените шуми. По малку, сите сметаа на соништата, но никој не сакаше да зборува за тоа.

Немаше никакви заклучоци. Хермес се воздржа од гласање. Атина потшмркнуваше во аголот.

Се враќаа во градот доцна навечер, со лажни исправи во џебовите и грст лажни пари. Кога преминуваа преку мостот, Хермес скокна во реката. Го видоа како тоне, но никој не го спасуваше.

Мислењата беа поделени: дали тоа беше лош или напротив, добар знак. Во секој случај, тоа беше почетна точка за нешто ново, нејасно.

Превод: Иван Шопов
Слика: Елена Ѕаноти

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото