Граѓаните по навика живеат како стандардот да не пораснал

27.09.2016 02:18
Граѓаните по навика живеат како стандардот да не пораснал

Скопје, 27 септември 2016

Рекордниот раст на животниот стандард до кој дојде изминативе години во Македонија, ги изненади граѓаните кои продолжија да живеат како ништо да не се променило, покажува истражувањето спроведено од нашата редакција.

Економистите и аналитичарите со кои разговаравме истакнуваат дека е потребно време граѓаните да се прилагодат на подобриот живот и дека наскоро ќе станат свесни за напредокот кој е остварен.

„Сосема сум свесен дека ни е многу подобро, дека заработуваме сè повеќе, ама никако да се навикнам на тоа“, вели Силјан Георгиевски од Скопје. „Намирници и понатаму купувам на акција, имам по еден пар чевли и патики, а гардеробата ја обновувам само кога ептен морам. Сè уште живеам во постојан грч, како ништо да не се променило. Се обидував да живеам во согласност со новонастанатата ситуација и да трошам повеќе, ама некако не ми оди. Сè уште имам впечаток дека немам доволно пари и дека едвај врзувам крај со крај. Мислев дека проблемот е само кај мене, но пријателите и колегите ми велат дека го имаат истиот проблем, па ми се чини дека тоа навистина е прашање на менталитетот“, заклучува тој и додава дека е спремен да се менува за да ги исполни очекувањата на државниот врв.

Поранешниот премиер Никола Груевски тврди дека неговата влада направила сè за стандардот на граѓаните да биде највисок во историјата и тие тоа ќе го почувствуваат за некоја година.

„Лошите навики од времето на Бранко Црвенковски се длабоко вкоренети кај нашиот народ, а меѓу нив е и таа да живеат под своите можности. Би требало сите да се угледаме на скандинавските земји, чиишто граѓани умеат да живеат во согласност со своите примања. Иако не сакам да се фалам, морам да кажам дека успеав да допрам до младите кои сè подобро го разбираат овој проблем и изразуваат желба да заминат во странство, за да можат да стекнат работни навики и да научат да живеат значително подобро отколку сега“, објаснува Груевски.

Извор: www.njuz.net