1010 hPa
82 %
11 °C
Скопје - Саб, 06.12.2025 09:59

Кога луѓето робата ја плаќаат со ладните опипливи готови пари наместо со картичка или преку интернет, тоа повеќе ги пече, па купената роба им е повредна, тврди Авни Шах, асистентка по предметот маркетинг на Универзитетот Торонто Скарборо.
Нејзините заклучоци призлегуваат од лично искуство. Еден ден заборавила да ја понесе дебитната картичка, па кафето го платила со пари – кафето тој ден ѝ делувало попријатно.
Можеби причината за тоа била поврзана со начинот на плаќање?
Својата теорија ја проверила пред две години во текот на докторските студии на Универзитетот „Дјук“ во Северна Каролина. Одлучила евтините шолји со знак на универзитетот да ги продаде на наставниците и колегите во нивните канцеларии.
Замолила една група шолјите кои чинеле два долара да ги плати во готово. Другата група платила со картички. Два часа подоцна се вратила кај своите купувачи и им рекла дека мора да ги откупи шолјите и да ги врати назад. За да ја ублажи ситуацијата, побарала од нив тие да ја одредат цената.
Купувачите кои ја платиле шолјата со картичка барале во просек 3,38 долари, а оние кои платиле во готово, 6,71.
„Некои кои платија во готово буквално ја покрија шолјата со рака и ми рекоа дека не може да ја добијам“ – раскажува д-р Авни Шах, која предава и на Ротман, факултетот за менаџмент на Универзитетот во Торонто.
Својата студија ја објавила во списанието за истражувања посветени на потрошувачката, а коавтори биле Ноа Ајзенкрафт, Џејмс Бетмен и Тања Чартранд.
Во друго истражување на учесниците им дала по пет долари да ги подарат во добротворни цели. Едната група сумата ја добила во готовина, а другата во облик на ваучер.
Потоа на учесниците им поделила траки за ревер со кои би покажале дека дале прилог.
Подоцна околу половина од луѓето кои дале готовина ја известиле дека ја носеле траката, додека од групата со ваучерите траката ја ставиле само 14% од нив.
Тоа покажува дека групата која плаќала во готово, иако не ги приложила своит пари, била емотивно поповрзана со добротворната цел.
Плаќањето со картички или преку интернет е премногу лесно
Од сите начини на плаќање, „готовината е најболна“ – вели Авни Шах. „Плаќањето со чек исто така боли“. Според тоа, и купеното е позначајно.
Во едно друго истражување поврзано со добротворни прилози открила дека луѓето кои дале чек се посклони повторно да приложат нешто следната година отколку оние кои донирале со картичка.
„Картичките и дигиталното плаќање делуваат помалку стварно од готовината“ – вели Авни.
Точно е дека нестварноста на овие начини на плаќање ги наведува луѓето повеќе да трошат (на штета на сопствените финансии), но истите тие луѓе помалку им се предани на марките, објаснува таа. „ Тоа е став според кој е добро само она што е ново. Но, со ова не тврдам дека треба да се вратиме на плаќањето во готово“ – додава таа.
Меѓутоа, можно е, фактот дека се разделуваме од парите да се направи повпечатлив, на пример, со доделување на непријатен звук во постапката или со праќање на електронски потсетник за плаќањето.
Компаниите и организациите кои сакаат клиентите да се вратат, би требало во постапката на плаќање да воведат малку болка – тврди Авни Шах.
Слика: Michael Waraksa
Извор: Глобус