Раководни лица од УБК осомничени за злоупотреба на над 862 илјади евра

28.09.2016 13:08
Раководни лица од УБК осомничени за злоупотреба на над 862 илјади евра

Специјалното јавно обвинителство денеска го објави првиот случај за економски криминал под кодно име Трезор.

Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, се работи за групна злупотреба на Буџетот на РМ.

Од доказите во овој предмет има основано сомнение дека злоупотребата на положбата и оштетување на Буџетот се искористени искористени за друга корист – имотна корист и лично богатење.

Во истрагата што се отвора осомничени се три раководни лица од УБК и едно од МВР за прибавена имотна корист за добро познато правно лице регистрано како Финзи ДОOЕЛ во вредност од 53 милиони 15 илјади и 794 денари или 862.045 евра за која вредност е нанесена директна штета на Буџетот.

Од доказите прибавени во предистрага има основано сомнение дека од јули 2010 до 2012 година првите три осомничени лица ја искористиле службената положба и за трето лице обезбедиле имотна корист која надминува 35 милиони 488 илјади 294 денари или 577 илјади и 45 евра.

За четвртоосомниченото лице постои сомнение дека со умисла им помогнал во реализацијата.

Доказите упатуваат дека трите осомничени лица со цел да набават електронско телекомуникациска опрема опрема за МВР и УБК во име на УБК од 07 до 09 јули 2010 година биле во Велика Британија каде оствариле средба со правно лице за набавка на опрема од тоа правно лице за потребите на 5-та управа при УБК. Четвртото осомничено лице ги подготвувало техничките спецификации.

Наместо да се набави опремата директно од добавувувачот од Британија, а со цел прибавување на имотна корист, како посредник е вклучена фирмата Финзи ДОOЕЛ каде како управител до 3.2.2011 година е лице кое е во крвно сродство со третоосомничениот во истрагата.

На 23 декември 2011 година е склучен Анекс на договорот од страна на МВР и сведок од Финзи ДОOЕЛ, сега покојниот Коста Крпач, во вредност од 49 милиони 265 илјади и 246 денари.

Според обвинителката Фетаи, за сите осомничени ќе бидат побарани мерки на претпазливост и мерка замрзнување на имотот.

Крпач, инаку академски сликар, управител на Финзи и еден од аболицираните на списокот на претседателот Иванов, на 27 април беше појанден мртов во неговиот стан во Капиштец. Како што соопшти обвинителката и портпаролка на СЈО, Ленче Ристовска, тој со изјава им укажал дека примал закани, но за тоа какви и од кого не прецизираше, со цел да не се попречи истрагата и за неговата смрт која ја води Основното обвинителство.

-Лицето Коста Крпач доброволно се јави за да биде сведок во една предистражна постапка, која сè уште не е објавена. Малку сме ограничени со информациите кои по однос на овој случај може да ги дадеме, бидејќи не се работи за само наша предистражна постапка, туку се работи за предистражна постапка и на Основното јавно обвинителство и не би сакале да ја нарушиме тајноста.

Ние имаме изјава од лицето Коста Крпач со која ни укажува дека постоеле такви закани, за тоа е известено Јавното обвинителство, доказите кои ги поседуваме се тука кај нас, меѓутоа доставени се и до нив сите релевантни информации кои можат да им послужат. Кога ќе заврши предистражната постапка јавноста ќе биде известена за сите околности за овој случај, посочи Ристовска на прес конференцијата на 3 јуни.

Извор: НоваТВ
Слика: Свирачиња