Изгорени од сонцето

03.06.2010 10:26
Der_schwarze_koe_diamant.jpg

Вечерта, во Универзална сала, првиот груевист Груевски ги „демаскира“ оние кои ја саботираат првата петтолетка на неговата „преродба“. Ги прогласи за коњи од ергелата на Бранко Црвенковски. А коњите ги убиваат, зар не?

Деснолевите „преродбеници“ од ден на ден се трансформираат во леводесни. Во неделата го зацрвенеа Скопје. Каде ли исчезна портокаловата? Пред очите ми треперат црвените знамиња и маици што ги носат младите груевисти додека чекорат пред тарабата што ја заградува најголемата дупка на нивната „преродба“. Тарабата е излепена со плакати на кои пишува ЗА ТАТКОВИНАТА (со црвени букви) ПРОДОЛЖУВАМЕ (со бели букви). Сцената како да ја режирал Михалков, режисерот на „Изгорени од сонцето“. Сакав да изустам „Заради татковината, запрете!“, но останав без збор кога забележав дека паролата на плакатите се надвиснала над класовите златно соцреалистичко жито. Да имаше и комбајн, делото ќе беше достојно за Александар Герасимов, папата на соцреализмот, омилениот сликар на Сталин.

Не верувам дека „младите сили“ слушнале за Герасимов, Сталин или соцреализмот. Нивните лица кажуваат само дека се мнозинство. Што би рекле Русите - „бољшевики“. Другите се малцинство. Што би рекле Русите - „мењшевики“. Нив треба да ги снема. Меншевиците, социјалдемократите, социјалреволуционерите, анархистите. И ги снемало. Изгорени од сонцето забесто сибирско.

Вечерта, во Универзална сала, првиот груевист Груевски ги „демаскира“ оние кои ја саботираат првата петтолетка на неговата „преродба“. Ги прогласи за коњи од ергелата на Бранко Црвенковски. А коњите ги убиваат, зар не? Еве ги по ред, онака како што се построени во неговиот говор објавен на партиската веб-страница: Фрчко, Ѓунер, Сашо, Геро, Ефтов, Милчин и неговата група што му е на платен список, Стевчо, разно разни аналитичари, публицисти, колумнисти, па некои новинари, политичари, по некој странец, по некој професор кој никогаш не излегол на избори... Ги реди Груевски саботерите и театрално и мелодрамски се фаќа за глава, како да верува дека така ќе предизвика патриотско стампедо кое ќе се излее од Универзалната и ќе се втурне по улиците скопски да ги гази коњите од ергелата на Црвенковски. И ќе завладее молк во земјата македонска, која најпосле ќе може да ужива во рајот груевистички во кој ситите груевисти непречено ќе ги хранат гладните со лаги.

Ете, дочекавме Груевски да се објави како инспиратор на вербалниот линч на кој се изложени сите оние кои на Македонците им објаснуваат дека тој ги лаже дека Македонија може да влезе во ЕУ и во НАТО без компромис за името на државата. Не го кажува она што му е кажано. Не еднаш и не двапати. Безброј пати му е кажано. А сега веќе почнаа и да го заобиколуваат. Зашто не му веруваат. Зашто ги лаже како што не лаже и нас. Двајцата словенечки европарламентарци, нашите поддржувачи Талер и Кацин, му порачаа, од Скопје и од Брисел, дека веќе нема простор за шикалкавење и дека одговорноста на политичарот се состои во тоа да не кокетира туку да предводи.

А Груевски и неговиот агитпроп неуморно ја вртат лагата за платните списоци. Бедни чираци на Гебелс! Секојдневно фрчат скандалозни откритија за бесрамните злоупотреби на буџетот заради полнење на џебовите на оние кои се на платните списоци на груевистичката власт, а нејзиниот агитпроп и понатаму произведува клевети за луѓе кои не возат џипови и не живеат во луксузни апартмани. Алчноста на груевистите е толкава што ќе се изедат меѓусебно, откако претходно ќе ја изедат Македонија. Затоа Груевски, всушност, се фаќа за глава. Не може веќе да ја подмачкува машинеријата што ја создаде. Во понеделничкиот „Шпиц“ Геро пишува за госпожата што вака го прокоментирала протестот на стечајците: „Ако треба, нека умрат од глад!“ И тука е крајот.

Нахалноста на оваа изјава е рамна само на глупоста на приказните дека ЕУ и НАТО ќе пропаднеле и дека поголемите нации ќе исчезнеле пред нас. Отров во душите, отров во умовите, слепи при очи, глуви при уши, изгорени од сонцето! Тоа се плодовите на пропагандата, платена од буџетот, со која „преродбеничките“ болшевици ги трујат Македонците веќе четири години! Кутрата Марија Антоанета! За изјавата: „Ако немаат леб, нека јадат колачи!“ ја изгуби главата под гилотината. А госпожата од „Острилката“ на Геро ја носи гордо својата малограѓанска фризура и се насладува на графитите „ВМРО до смрт!“ кои повторно се множат по скопските ѕидови. Госпожата е дел од стампедото поттикнато од груевистите. Стампедо кои безглаво јури кон сопствената пропаст. И гази преку луѓето кои ќе му се најдат на патот. Кој ќе го преживее пропаѓањето на стампедото во бездната што ја ископаа демагогијата и манипулациите? Се плашам дека тоа нема да биде татковината. И дека ќе бидат оние што пропуштија навреме да го запрат подемот на оној што нè одведе во поразот кој можеше да биде победа.

„Шпиц“, 02.06.2010.

слики: Julius Hofmann

Изгорени од сонцето

Добар текст! и би додал уште само малку колку да ги доразмрдаме „санта мастите“: „Предавници“ и „Патриоти“ се јавуваат кога политиката на една држава е во перманентен сукоб со една или повеќе држави. Конфликтот надвор ствара конфликт внатре. Поради таквиот сукоб кој го протежира власта се раѓаат „патриотските“ и „предавничките“ мантри. Всушност, што добога значи патриот и предавник и дали ваквите будалаштини можат да донесат нешто добро?
2) Патриотизмот кај нас стана еден од највалканите зборови. За мене човек-патриот е оној кој  работи на својата култура и својата политика за да биде подбро.
3)и последно) - Како да се разберат овие работи кога се живее во ултра-конзервативно општество?
Мислите ги собрав од книги кои се пишувани за држави кои пред 200 год. ги поминале овие детски сипаници.
Поздрав од маргините,
Ваш Ненад.

го гледав почетокот на

го гледав почетокот на јутјуб:
-многу малку ја знаат химната ???
-пејсажите???
-ЗА ТАТКОВИНАТА???
-Си помилсив дека на водителот некој му има подметнато текст??
Кога и да видам нешто од дечкиве, имам чувство како да сум на рубу памети.
19-годишнина?
не знам зошто прво што ми падна на памет е почетокот на една драма: прослава 72-годишнината...
поздрав од земјата на Кастели,
Л.А.