Јас (не) сум од тука

29.09.2016 10:50
Јас (не) сум од тука

РАНОЕСЕНКА

Раната есен е рането лето што
крвави како рана на прозорецот
Крвта на лозјето, споулавените круши.
Сакам да го испијам летото до последна капка.
Рамноденица, па рамнење на сметките –
од утре ноќта ќе почне да краде од денот.
Изгазеното грозје кај и да е ќе стане вино.
Сакам божоле, шиширано, сега!
Ох, овој пој на розите од чие трње
ми крвават очите кога ги берам.
Сакам да се опијам како
дете во нов луна-парк.
Сакам да не сакам
да се вратам дома.

21.09.2016

 

ЈАС (НЕ) СУМ ОД ТУКА

Уморен сум,
здодеано ми е од сè.
Би сакал да не сум од овде.
Би сакал Скопје да ми биде
попатна дестинација
на пат кон Југот.
Да го видам, да се сепнам,
да се запрашам дали
е ова нормално,
и да го напуштам со
крајна рамнодушност.
Но, за жал, неможно е тоа.
Скопје е лицето на
мојата лузна.

28.09.2016

Фотографија: Иван Блажев

ОкоБоли главаВицФото