Подвиг кој треба да ги соочи генерациите

30.09.2016 13:19
Подвиг кој треба да ги соочи генерациите

Целта на патувањата со „Тоа на М-по патот на хипокризијата и солидарноста“ е да се сретнеме со луѓе кои што со својата храброст и одважност поттикнале и инспирирале, луѓе чиишто дела нашето општество треба повисоко да ги вреднува и цени.

На овие личности им се поставуваат низа прашања преку кои ние се обидуваме да го креираме нивниот профил, да ја креираме нашата перцепција за нив, за на крај да изведеме вредности и особини кои би требало да станат дел од нас и да го обликуваат нашиот колективен карактер.

Нашето прво патување со „Тоа на М - по патот на хипокризијата и солидарноста“ нè однесе во Битола, да дознаеме нешто за подвигот на една битолчанка.

Софија Бејковска Чачоровска е учителка, спортист аматер, која со својот подвиг испрати силна порака до сите генерации за тоа дека нашата држава има многу идни херои меѓу децата, но за да бидат тоа, потребно е да им се отворат можности за да може да се докажат како такви. Една таква можност е и изградба на затворен базен во Битола, која беше една од потешкотиите кои ја мотивираа Софија да го направи подвигот, а од другата страна на мотивацијата била нејзината незгаснатата љубов кон пливањето.

Волјата на стартниот блок број 2

Откако се слушна надалеку низ државата, и пошироко, за овој подвиг, покрај нашата решителност да направиме средба со Софија, за подвигот разбра и последниот „стартен блок бр. 2“ од струшкиот затворен пливачки базен, кој цврсто и до последно, чекаше да се појави таква волја за неговата мака во Струга. Откако разбра дека таму некаде постои некое девојче (бидејќи С.Б. 2 е стар 45 години), соочен со реалноста дека веќе ги нема неговите други пет браќа-соборци, реши да се откорне од линијата на постоење за да се запознае лично со оваа пливачка со цврста волја, за да слушне за нејзините почетоци, за нејзините неостварени детски желби и постигнати подвизи.

За средбата и за подвигот

Средбата, во најмала рака беше емотивна.

Во истото време кога струшкиот базен бил во своето најславно време, полн со вода и со детски воздишки, смеа и борби, последниот „стартен блок бр. 2“ разбрал дека Софија тренирала во помошниот резервоар со вода, кој е со должина 166 м и широчина 60 м, и е дел од хидросистемот „Стрежево“ за снабдување со вода.

Софија објаснуваше дека и покрај тешкотиите со студената вода, оваа акумулација по својата големина била идеална за обука за маратонско пливање.

Нејзините подготовки за сегашниот подвиг се одвивале во летниот период кога и функционира битолскиот 50-метарски базен на отворено, а потоа продолжува со подготовките во Охрид, за време на колективниот одмор, кога таа со сопругот и со својата приколка се „усидрила“ во кампот „Љубaништа“. Подготовките биле макотрпни, голем дел од тешкотиите и маките кои што ги имала при подготовките си ги задржувала за себе, стискала заби и продолжувала. Љубовта кoн пливањето и волјата очигледно биле поголеми од болките. Кога разумот и науката обично препорачуваат одмор, особено пред натпревар, Софија, поради недостиг од врeме за соодветна подготовка, чувствувала дека и тоа време за одмор мора да го искористи за работа со цел да успее и да ги исплива триесетте километри.

На крај таа успеа. Оние кои што се запознаени со пливањетo како спорт, а особено оние кои се занимавааат со маратонско пливање, се свесни за големината на подвигот, особено кога тој подвиг го прави 29-годишна учителка, со двомесечна подготовка во Охридското Езеро, одморајќи се меѓу тренинзи во тесна приколка, извршувајќи ги сите секојдневни обврски кои одат заедно со таквиот начин на престој. И тука се насетува поддршката која што ја имала Софија од својот сопруг, потоа од својот тренер, и на крај од својот татко.

Нејзиниот подвиг со испливувањето на 30-километарската маратонска патека на Охридското Езеро е чист триумф на духот и умот над телото.

Би било клише да се споредува нејзиниот подвиг со неколку други спортски пливачки македонски подвизи, но со математичка, коцкарска и човечка сигурност тврдиме дека ова е подвиг кој може да го сретнеме кај 1 човек на 6 милиони луѓе, земајќи ги предвид условите, приликите, возраста и другите околности во случајов.

Соочување со генерациите, победи и загуби - подвизи и срамови

Подвигот на Софија фрли сенка врз институциите, срам врз луѓето кои раководеле и раководат со институциите, но и наметна еден помалку експониран срам кој би го дефинирале како „соочување со генерациите“.

Oние кои се запознаени со пливањето во Македонија во 80-тите и 90-тите години, како пливачи и натпреварувачи имале прилика да се сретнат со деца каква што била Софија, деца кои доаѓале од Битола и Штип на државни пливачки првенства кои се одржувале во Охрид. Тие деца биле срамежливи и свесни за своите слаби пливачки способности и вештини, не затоа што не можеле или не знаеле, туку поради лошите услови за работа не можеле да го следат развојот и постигнувањата кои се случуваа во градовите Скопје, Струга и Охрид. Најчесто поради суровоста на детскиот карактер на другите деца, овие деца биле исмејувани поради спортската „заостанатост“ и им делувале како од некое друго време.

Возрасните од тоа време, како и ние, денес потфрливме да го разбереме значењето на нивните обиди, нивната тежина, нивната волја, потфрливме да ја разбереме потребата од услови и можности кои ќе им дадат шанса да се докажат и да успеат.

Подвигот на Софија дојде како слатката одмазда - триумф на тие деца. Подвигот ги надмина сите први, втори и трети места на сите државни првенства, ги стави во сенка тие успеси и наметна нов однос, нова волја, нова јавна свест.

Подвигот наметна срам на постарите и повозрасните генерации, кои во сета своја гордост не ја разбрале пораката и тежината на тие деца, за на крај таа иста тежина да ги стаса и нив и тоа во 21 век, доживувајќи ја истата судбина – да останат без базен.

И токму поради тоа, токму сега, подвигот на Софија означува спој на генерациите, оние минатите кои беа успешни и не се грижеа за неуспехот на другите, овие сегашните кои сè помалку имаат за што да се грижат, затоа што сè полека исчезнува, и оние идните генерации кои еден ден ќе нè прашаат „зошто нема? - јас можев да успеам“.

Подвигот на Софија треба да предизвика преиспитување на човечките, моралните и спортските вредности, дали правиме доволно и дали во вистинска насока го правиме тоа за нашите идни генерации да не ја доживеат судбината која што ја доживуваат многу генерации од Битола и од други градови во државава.

Навистина таму, овде некаде, по нашите улици, во нашите дворови има некое дете кое може да биде херој, но ние не сме му дозволиле да биде поради нашата игнорантност, неспособност, безволност и самозадоволност.

Мора да се обидеме да изградиме можности, во случајов - базен, но треба да разбереме дека базенот не е само градба, тој означува подобро и поуспешно општество, повисок степен на развој, повеќе здрави деца, и сигурно по некој херој на кој ќе се огледува секоја следна генерација, ќе се обидува да ги достигне и престигне величините на детето-херој пред него.

Уште колку вакви подвизи се потребни за да се разбуди нашата свест, за потоа да го направиме сето она што треба да следува? Дали нашата кусогледост и самозадоволност е сè што ни треба или има нешто повеќе од тоа? Еден таков подвиг кој ги разбива овие ограничувања е направен, сега на нас останува да покажеме дека можеме да одговориме на повикот и да покажеме дека знаеме како треба да живееме.

Септември, 2016

(Статијата „Подвиг кој треба да ги соочи генерациите“ е дел од статиите на З.Р.А. „Аква“од Струга со кои учејќи за другите, правиме обид да се подобриме себеси. Институционален развој поддржан од Цивика Мобилитас.)

ОкоБоли главаВицФото