Разбиена опасна мрежа за нелегално правење ајвар

01.10.2016 12:17
Разбиена опасна мрежа за нелегално правење ајвар

Скопје, 1 октомври 2016

Македонската полиција во голема организирана акција уапси десетина припадници на мафијашки клан кој организирано, низ повеќе скопски населби, се занимавал со производство на ајвар на јавна површина, соопшти Министерството за внатрешни работи на РМ.

„Борбата против илегалното производство на ајвар е еден од приоритетите на македонската полиција и таа нема да запре овде“, стои во соопштението на МВР.

Лицата кои го организирале правањето ајвар на јавни површини добро се познавале меѓу себе иако живееле во различни населби во Скопје, тесно соработувале, разменувале совети, рецепти и си помагале при набавката на пиперки и дрва, а нивната крајна цел била на заеднички собир да го дегустираат нелегално произведениот ајвар.

Граѓаните со кои разговараше редакцијата на Пара вести ја поздравија акцијата на МВР.

„Со години, во нашата оаза на мирот и безбедноста, најголемата опасност што ни се заканува беше илегалниот ајвар. Време беше нешто да се преземе“, вели 52-годишниот Ј.С. од Тафталиџе.

И З.Д. (37) ја поздрави акцијата на македонската полиција, велејќи дека сега конечно може мирно да спие.

„Можеби киднаперите на деца, педофилите, силувачите, дилерите на дрога и оружје, функционерите кои украдоа милиони се на слобода, но конечно се чувствувам слободен и безбеден, можам мирно излезам пред зграда без да бидам нападнат од мирисот на ајвар“, вели З.Д.

Во меѓувреме, полицијата ги засили патролите низ скопските маала, трагајќи по уште ајвар-криминалци.