Конфабулација

03.10.2016 18:40
Конфабулација

Имам пет-шеснаесет години, седиме со Шиљо, со брат ми и со Цеца кај нас дома во Куманово. Шиљо има сламена коса, развлечена маица и широка насмевка, брат ми – долга, светлокостенлива, убава како на девојче, Цеца е преслаба и не знае што попрво сака да биде во животот, јас сум по малку смотана. Си играат мајтап со мене. Сите тројца цртаат подобро од мене, позабавни се, слушаат модерна музика, а јас Здравко Чолиќ („Загрли ме око врата / олуја се диже / не може ти ветар ништа / ако приѓеш ближе“), одвај почнувам да го засакувам Џони Штулиќ, во мали дози, песна по песна, од „Грација“ („Ајде, узми ме са собом / уради ми све што знаш“), преку „Јаблан“, сѐ до целиот албум „Филигрански плочници“ некоја година подоцна. Не одат на сите часови, „само на интересните“; Цеца вистински плете со два молива како игли и со клопче волница под клупата на час по хемија, јас одам најревносно на сѐ, во фолклорна секција, во шах-клуб,... како војник, плус учам и дома. „Глупача!“, ми вика Шиљо и врз „Вечерње новости“ на татко ми црта коњ кој само што не потрчал. Брат ми низ смеа му прави портрет на Шиљо на мојата тетратка по француски на корицата („Сите учат англиски, она француски!“) - исто тој! Цртежот има сламена коса, развлечена маица, широка насмевка и само што не ми рекол „Глупача!“.

Доаѓа Кирчо, свирка во дворот. Нему ѕвончето на влезната врата му е непознатица. Мајка ми излегува на тераса и му вели:
- Ајде, де, Кирчо, влези, не звижди!
- Нејќам - вели Кирчо и продолжува да звижди во дворот. Онака силно, само со устата.
Брат ми и Шиљо пуштаат „Секс пистолс “ до даска (или можеби беше „Клеш“, Сид Барет...) колку што држи нашата „Тоска 10“. Мајка ми си пржи ќофтиња. Втора смена е, уште малку и ќе тргне на работа во „Киро Фетак“. Секоја минута совршено ја шие, ништо не ѝ бега под прстите. Јас имам за учење... ама се преправам дека тоа не ми е важно.
(„Ќе си научам кога ќе си отидат... Ако некогаш си отидат... “)

Имам стотици години. Цеца е постара од мене 11 дена, Шиљо и Кирчо имаат некоја година повеќе, брат ми има точно 3 години и 19 дена живот без мене. Срам ми е секогаш кога ќе се видиме, особено со Шиљо и Кирчо, неудобно ми е, зашто имам фарбана и фенирана коса, високи штикли, лакирани нокти и внимателно се облекувам. Се плашам дека Шиљо ќе ми рече „Глупача“, а Кирчо ќе го впери прстот во мене и ќе почне силно да свирка. Читам дека има изложба во МКЦ, умирам што нема да одам, би му свиркала на платото пред МКЦ, ама... „Не, не, не одам! Како ќе му се појавам олку стара! Мора да имам пет-шеснаесет за него. За Шиљо можам да имам до кај 25. Постара е непристојно да им се појавам, зашто тие не се како мене, тие останаа момчиња!“

Кога ние бевме студенти и кога името на Ацо Станковски се ширеше низ чајџилницата „Галерија 7“ како опоен мирис, Лукаш се раѓаше некаде низ градов. Премало бебе. Веројатно немал ни 100 грама.

– Да одиме да го видиме! – предлагам.
– Седи тука, не мрдај, има време, ќе го запознаеме после 30 години, кога ќе порасне - вика Кирчо, додека јас седам во ќошот, под омилениот цртеж на Пепси кој денес ми стои на почесно место во дневната соба. На мојот психоделичен ѕид на точки. Го читам Стендал и пијам јак, турски чај од кој ми се повраќа. Заљубена сум во главниот лик од „Црвено и црно“ – Жилиен Сорел. „Глупача!“, вика Шиљо и ми ја доправа црвената слика со фудбалскиот тим како подарок за дипломска.

- Јас ќе го заебам факултетот! – скокнува Кирчо.
- Зошто? – се стаписуваме во еден глас Жилиен Сорел, моите оценки во индексот во ранецот и јас.
- Литературата е срање! – вика Кирчо.
- Не е! – се противставувам јас.

„Глупача“, дофрла Шиљо и ја закачува сликата во мојот сегашен дом, во Капиштец.

Расказов или што и да е ова, како што го пишувам – така паралелно го чита Коља (кај кого сме биле дома со Ванчо Полазаревски доцните осумдесетти, во една голема соба со убав паркет, многу книги и пренизок кревет за седење,.. иако и двајцата тврдат дека не, дека сум конфабулирала!), Коља ми префрла дека надмено се однесувам со зборовите, дека непотребно го уфрлам Лукаш сегде. Се бранам колку можам...

- Нели сите пишуваме за Кирчо? Нели се ова негови денови!? Па Лукаш прв го напиша она за изложбата, дури и пред тебе!
– Ако, нема везе – вика Коља.
- Знаеш – му велам - веќе не ми се ни пишува расказот за Кирчо после твојот текст за изложбата. Толку ти личи текстот на Кирчо каков што и јас го помнам, што глава ме заболе.
– Како сакаш – вели Коља, буквално излегува од приказнава и ја треснува вратата на вистината.

Си пуштам „Т.Б. Трачери“ на слушалки, и онака „Фолтин“ , Дарко Рундек и Зоран Предин ги стишав од неодамна, и потпевнувајќи ги стиховите на Кирчо („Седам сам со Оскар Вајлд / цела ноќ прашуваше за тебе / ми кажа дека уште ме сакаш /... не, ти нејќеш да си тема“) си ветувам себеси дека наредниот пат дома ќе искречам чисто бело. Ни слики на ѕидови, ни спомени, ни бутур. Ќе си шијам, ќе си месам леб, ќе си пржам ќофтиња, ќе си стареам на раат и ќе си звиждам.

(Кирчо е Арсовски, Шиљо е Синиша Цветковски, брат ми е Часлав Марковиќ, Цеца е Светлана Јакимовска-Родиќ, Пепси е Перица Георгиевски, Коља е Никола Гелевски, Лукаш е Владимир, мајка ми е почината пред 11 години, Жилиен Сорел, Ванчо Полазаревски, Здравко Чолиќ, Џони Штулиќ, Дарко Рундек, Зоран Предин и Ацо Станковски се со целосни имиња и презимиња.)

Цртежи: Кирчо Арсовски

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото