Погрешни лекции

04.10.2016 11:31
Погрешни лекции

Пред 15 години се затекнав во Њујорк во моментот на најголемиот терористички напад врз Америка во нејзината историја. Се сеќавам на тој ужасен ден како да беше вчера. Единаесетти септември 2001, беше вторник, сончев ден, така што јасно се гледаше како чадот и пепелта се шират низ градот. Наскоро се појавија плакати на кои се бараа вести за исчезнатите. Непогрешливиот мирис на чад со недели лебдеше во воздухот. Сите бевме во шок оплакувајќи ги мртвите. Се сеќавам на неверувањето со кое набљудував како првиот авион се забива во Светскиот трговски центар и дека по ударот на вториот авион помислив дека ова не е несреќен случај. Помислив дека, ако се покаже дека терористите се муслимани, тоа ќе ги загорчи животите на сите муслимани во САД.

Петнаесет години подоцна се наѕира крајот на војната против тероризмот, која ја следи жестоката расправа дали на муслиманите треба да им се дозволи влез во САД. Некои политичари укажуваат на интернирањето на Јапонците за време на Втората светска војна како модел кој треба да се примени за муслиманите. Се предложува и воведување општа регистрација на муслиманите, која веќе постои за машките посетители од 24 земји со мнозинско муслиманско население. Повеќето анкети покажуваат дека околу 50 проценти од американските граѓани негуваат антимуслимански чувства, додека насилството кон нив е во постојан пораст. Според студијата на Универзитетот Џорџтаун, веројатноста дека американски муслиман ќе биде жртва на злосторство од омраза во 2015 година била 6 до 9 пати поголема отколку пред 11 септември 2001.

На овие податоци треба да им се додадат и незавршените и нерешените војни во Авганистан и Ирак, нестабилноста на Блискиот исток и фактот дека во терористичките напади ширум светот гинат невини луѓе што го засилува антимуслиманското расположение. Вашингтон пост неодамна извести дека додека Американците уживаат во последните денови од летото, САД бомбардираат шест земји (Ирак, Сирија, Јемен, Либија, Сомалија и Авганистан). Дали станавме толку рамнодушни? Зарем 15 години по 11 септември не треба да се запрашаме што научивме?

Одбележувањето на годишнината од нападите оваа година е на истиот ден кога муслиманите го слават својот најголем верски празник, Курбан бајрам. Нема ништо мистично или злобно во тоа, зашто муслиманите го користат лунарниот календар со 12 месечеви циклуси, кој секоја година се поместува 11 денови наназад во споредба со Грегоријанскиот календар. Ова совпаѓање може да нè потсети дека исламот преку Аврам ги споделува истите корени со јудаизмот и христијанството и дека меѓу нас има повеќе сличности отколку разлики. Би требало заедно да ја обликуваме нашата иднина, и покрај опасните приказни за конфликтот на цивилизациите. Муслиманите веќе со векови се дел од американската историја и култура и се надевам дека така ќе биде и за 33 години, кога следниот пат ќе се совпадне годишнината од 11 септември и Курбан бајрам. И, се надевам дека тогаш војната против тероризмот ќе биде само лош спомен.

11.09.2016

Извор: The Guardian