Испитајте ја дојката со допир

04.10.2016 11:56
Испитајте ја дојката со допир

Малигната болест на дојкa, т.н. рак на дојка, почесто се појавува во богатиот отколку во сиромашниот свет, што би значело дека има среќни жени кои и покрај немаштијата се во помала опасност од злокобната болест. Сепак, ниту богатството, а ни сиромаштијата не мораат да бидат пресудни. Некои жени имаат предиспозиција во најголема мера генетска, што не значи дека болеста мора да се појави, но говори за склоноста кон неа, особено кога и начинот на живот придонесува за нејзиното појавување. Примери за тоа се дебелината, претераното сончање, пушењето и алкохолот.

Во земјите во развој ракот на дојка е поредок, но кога се јавува смртноста од него е поголема отколку во развиениот свет: односот е 17:12 отсто, што не е мала разлика. Од друга страна, бројот на рак на дојка кај жените е пет пати поголем во Европа и САД отколку во Кина и развиената Јапонија. Оваа разлика е делумно условена од генетиката, додека влијанието на животната средина е навистина силно – речиси одлучувачко. Се покажало дека веќе во втората генерација кај жените пристигнати од источна Азија во Европа и Америка, ракот на дојка станува исто толку чест како и меѓу жените „староседелки“.

Грешки во ДНК ланецот

Во работната хипотеза за најважен фактор на ризик се земаат два вида на рак. Кај едниот болеста се јавува кај жените во животна доба од 35 години па натаму, додека другиот се јавува порано – обично почнувајќи од седумнаесеттата година на животот. Оваа разлика е последица на нееднаквата концентрација на естроген, главниот женски полов хормон кој во текот на развојот на плодот во матката влијае на неговото сексуално дефинирање, но притоа, со својата превисока концентрација, во поголема или во помала мера, може да ги оштети гените во ткивото на идните дојки. Последица е неочекуван рак во раната младост или подоцна.

Градите на идните девојки и жени, како биолошки и еротски сигнали на зрелоста, растат за време на пубертетот, бидејќи во нив се забрзува поделбата на клетките и се умножува комплексниот систем на каналчиња кои од внатрешната страна се обложени со плочести или епителни клетки. Естрогенот го стимулира умножувањето на тие клетки, и тоа прво за време на пубертетот, а потоа пред бременоста. Понекогаш во тој процес се јавуваат многу грешки во ДНК ланецот и затоа поделбата на епителните клетки излегува од контрола, т.е, се создава ракот. Иако развојот на млечните жлезди на машкиот и женскиот фетус е подеднаков, а и граѓата во суштина им е иста, жените се речиси исклучиви жртви на рак на големите млечни жлезди; на мажите отпаѓа помалку од еден процент од вкупната смртност. Што се однесува на неговата зачестеност во женскиот свет, тој е за нив она што за мажите е срцевиот удар.

Сите фактори на ризик за рак на дојка се свртени кон естрогенот. Раното појавување на менструацијата, доцната прва бременост и доцната менопауза, сите заедно го продолжуваат траењето на високата концентрација на естроген и шансите за рак на дојка. Причината лесно се гледа од анализата на типичниот менструален циклус. Дневното ниво на естроген е ниско, а пред овулацијата повеќекратно расте. Поради тоа кај оние жени кои имаат поголема овулација доаѓа и до повеќе последователни естрогенски удари.

Во Европа првата менструација или менарха настанува на 12,5 години. Просечната животна доба на жените во менопауза е 50,5 години но, што е најлошо, овој опсег се зголемува. Така гледано, овулацијата се одигрува во текот на 38 години. Кога тие 38 години ќе се помножат со 13 овулации годишно, се добиваат 494 овулации. Од тоа, секако, се одзема времето на бременоста и супресијата на овулациите за време на доење. Ако жените во Европа во просек имаат 1,8 деца и доколку ги дојат три месеци, треба да се одземат 23 овулации. Доколку претпоставиме дека поради спонтани абортуси и ановулациски циклуси изостанале уште 20 овулации, ќе добиеме вкупно 450 естрогенски удари во текот на просечниот живот на жените.

Во гладната Африка менструацијата доаѓа просечно на 16-годишна возраст, а менопаузата на 47 години. Тоа се вкупно 30,9 години во текот на кои се одигрува овулација - време во текот на кое се јавуваат 402 естрогенски удари. Освен тоа, во семејствата има и по шест деца, што е далеку повеќе отколку во развиениот свет, а да не се споменува доењето кое по правило некогаш трае и по две години. Резултатот е и по 215 „поништени овулации“. Доколку го вклучиме ановулацискиот циклус, спонтаните абортуси и мртвородените деца, излегува дека жените во зафрлените племиња во Африка немаат повеќе од 160 овулации во животот, но имаат неспоредливо помалку рак на дојка.

Нешто цврсто

Очигледно е дека жените во развиениот свет, на кој барем според количината на произведена храна припаѓа и Србија, доживуваат трипати поголем број естрогенски удари од изгладнетите жени во Африка и затоа се чести жртви на болеста. Од рак на дојка во Србија годишно заболуваат околу 5000 жени, а речиси третина од нив за жал и умираат. За среќа, добро е втемелен и организиран масовниот скрининг на женската популација, пред сè од педесеттата до седумдесеттата година од животот, а од 2015 година на Институтот за онкологија и радиологија во Србија можно е да се дијагностицираат мутации на генот БРЦА1, и БРЦА2, типични за наследните видови рак на дојка и за рак на јајниците.

Сепак, ништо не е поинтимно, полесно и покомфорно од секојдневното утринско, за време на туширање, допирање на дојките, за да може лесно да се утврди дали во неа се појавило нешто цврсто, нешто на што не му е таму местото. Таквата постапка е мошне корисна, а искуството говори дека многупати била патоказ кон лесната и брза идентификација на ракот и подоцнежна победа над него. Скринингот на дојката е од епохално значење, но негова мрачна страна се големиот број лажно позитивни дијагнози. Но, за тоа во друга прилика.

Слики: Tono Stano

Извор: Политика

ОкоБоли главаВицФото