Моќта на печатот

05.10.2016 12:17
Моќта на печатот

Јован Петровиќ ја изгуби работата и стана новинар. Беше искрен. Значи, имаше многу непријатели. Бидејќи глупаците и подлеците секаде се мнозинство, и статистички и парламентарно, Петровиќ се наоѓаше во малцинството, речиси осамен.

Еден ден излезе белешка во „Белградски журнал“ дека Јован Петровиќ е - шпион.

Наклеветениот само сожалувачки се насмеа и, немајќи пари за судски такси, не тужеше. Презирајќи, не разговараше.

Но народот, многуте читатели на „Белградски журнал“, не познавајќи го наклеветениот, поверува. Најпосле и тој поверува во клеветата и пишуваше белешки.

Еднаш Јован Петровиќ се сретна со клеветникот во кафеана и се испокара со него. Уредникот, едно пијано човечиште, силен како вол, му викна пред сведоци дека е никој и ништо и доушник. Петровиќ, слаб, ироничен и шкрофулозен - што ќе прави, ја премолче навредата. Сакаше да тужи, ама никој да посведочи против уредникот, свој и министерски прв пријател.

И Јован Петровиќ доживеа наутро, додека сè уште лежеше в кревет, да му влезе полицискиот писар и да пробуричка низ неговите хартии. Неколку писма од Австрија им беа сомнителни на органите на власта. Вечерта во „Белградски журнал“ излезе следново:

Утрово, полицијата во писмата на познатиот шпион Јован Петровиќ - „Шпире“ - најде нешта кои тешко го обвинуваат. Се надеваме дека власта ќе го прати на робија тој жолт, реакционерен неранимајко, арамбаша на нашата мафија и белградски лумпенпролетаријат. А ти, нерасипан граѓанину, плукни на гнасната муцка.

Кога наредниот ден Јован Петровиќ дојде во својата редакција, уредникот, иако непријател на „Белградски журнал“, ги триеше рацете, гледаше во чевлите, усилено се смешкаше, го фалеше талентот на Петровиќ и најпосле го отпушти. Човекот се најде на улица!

Слушаше како му шепкаат зад грб:
-Да, тоа е тој... шпион.

Бараше работа, тропна на една, па на друга тврда врата. Секаде го одбија како сомнителен тип, компромитиран. Прати свои текстови во две-три редакции; не ги печатеа. Се истроши, гладуваше, се исплаши. Ја бараше причината за толкавата несреќа и не можеше да поверува дека можеше да го упропасти еден глупак и клеветник кој му е познат на целиот свет.

И си стана сомнителен на самиот себе!

Веруваше дека, на крајот на краиштата, мора да има некаква вистина кога целиот свет му врти грб.

Најпосле и самиот поверува.

И стана шпион.

1904

 

Превод од хрватски: Ѓорѓи Крстевски
Слика: Даниел Серва
Извор: Уморни раскази, Темплум, Скопје, 2011.

Антун Густав Матош (1873-1914) е централна личност на хрватската модерна. Естетицизмот и уметничките норми се неговите примарни критериуми. Во книжевноста тој влегува во 1892 година, со расказот „Моќта на совеста“, кој го означува почетокот на перидот на модерната. Во неколку наврати пишувал за своето сфаќање на поетиката на прозното творештво и за своите литературни херои. „...Од новелистите најмногу го сакам генијот на Едгар Алан По, потоа супериорната, концизната точност на Проспер Мериме и природноста на сатирата на Ги де Мопасан...“ вели во едно писмо до еден свој пријател. Стремежот да не се повторува никаде, да не западне во маниризам, успеал да го оствари во повеќето свои раскази собрани во три збирки и објавени по следниов редослед: „Деланки“ (1899), „Нови деланки“ (1900) и „Уморни раскази“ (1909).

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото