1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
1.
Премногу принципи се погазија последниве неколку години. Од страна на опозицијата, секако, зашто другата страна нема принципи. Се погазија и политички, и демократски, и морални… секакви. И тоа после се враќа како незалечена вироза. Или бумеранг, како сакате. Едно од тие правила беше/е дека со криминалци не се разговара, дека со злосторници не се седнува на иста маса. Зашто после тоа се влече како стигма, луѓето ве идентификуваат односно поистоветуваат со оние со кои што сте седеле на иста маса, ве гледаат како еднакви – битанги, бараби, криминалци. Кога седнувате со нив на иста маса, тоа ним им е знак дека сте барем еднакви, во сè, вклучувајќи го тука и лоповлукот, неписменоста, вандализмот.
Така впрочем дојдовме и до оваа точка каде Министерството за (не)култура ќе хистеризира и етикетира за нечие наводно „отсуството на визија и безидејноста на СДСМ за унапредување на состојбите во културата“, за „непознавање на проблематиката од областа на заштитата на културното наследство“, ќе држи лекции за тоа кој и колку направил – а тие по правило направиле најмногу, итн. Тие се сега осоколени да прифаќаат, или дури не прифаќаат да ги нарекувате работите со вистинските имиња, зашто нивниот вокабулар има проблем со придавките од типот злосторничко, криминално, неуко, бандитско …
Затоа тие, денес, сметаат дека завршиле голема работа и со преорувањето на Плаошник, со инсталирањето на секакви нивни малоумни измислици врз археолошкиот локалитет, со градбата на она монструозно бетонско чудо насадено врз столбови. Тие, утре, веројатно ќе речат дека и губењето на покровителството на УНЕСКО врз Охрид е успешен проект зашто ќе можат да градат до сто и едно, и назад! А бргу го заборавија и почетокот – безмилосното и непотребното уривање на „Султан Мехмед џамијата“ на Имарет – од истите такви злосторници!
2.
Кога седите со злосторници, со докажани бандити на иста маса и разговарате за идната (наводна) демократизација на државата, им оставате простор истиот миг да ви држат предавања за нивните успеси на сите полиња, особено на планот на културата: за „… трудот на повеќе од 100 стручни лица и преку 500 работници кои работеа на истражувањата на Плаошник и кои во слоевите на овој локалитет на површина од 27.000 метри квадратни пронајдоа преку 65.000 артефакти и конзервираа голем дел од нив“, како да е тоа некаков квалитет сам по себе а не ударничка акција од болшевички тип за уништување на културните слоеви на местото; за нивната божемна заштита на културното наследство преку неговото префасадирање и стиропоризација; за нивната божемна грижа за „… трудот и ангажманот на сите актери, режисери, музички уметници, на сите стручни лица …“ кои во изминативе десет години ги девалвираа и деградираа до најнизок можен степен, конечно наградувајќи ги со епитетот „даватели на услуги“ …! Ама пак тие, проверени бандити и незнајковци, ги унапредувале состојбите во културата во Македонија! Како? Со што?
Трагите на нивните злосторства не можат така лесно да се избришат. Уште помалку да се покријат со стиропор! И тие тоа го знаат. И затоа им пречат зборовите „злосторници“ и „злосторство“ сврзано со Плаошник, и не само со Плаошник, зашто ги потсетуваат, секојдневно, на неделата, на вандализмот, на манипулациите, на клиентелизмот … што царуваше десет години во македонската култура, и не само таму.
3.
Но, ете, човек да им се смилува – иако тоа најмалку го заслужиле – но: како поинаку да се именува злосторството? Како да се ублажи убиствениот звук на наведениот збор, а да се добие истиот, или сличен, ефект? Ќе бидат ли посреќни со зборот бандити? Или криминалци? Или полуписмени малограѓани кои ја ползувале службената положба за лични цели и уништување на македонската култура (иако суштината можеби не е баш доловена)? Или шизофрени малоумници кои се ставиле во служба на некаква ретроградна „идеологија“ насочена кон инструментализирање на минатото и деконструкција на културното наследство? Или ситни политикантски профитери впрегнати во машинеријата на злото и промовирањето на кичот како културна вредност? Дали, можеби, би биле позадоволни со вакви описни искази наместо – злосторство и злосторници?
Дури склон сум да помислам дека тие и би се согласиле на некои вакви преформулации, само да се одлепат од етикетите „злосторство“ и „злосторници“. Иако овие најдобро им одговараат, во секој случај. Па затоа е најдобро и да им останат. До мигот кога етикетите ќе бидат заменети со соодветни броеви!
Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња