„Hurt“ на Џони Кеш: најубавата обработка на сите времиња

06.10.2016 10:01
Џони Кеш „Hurt“: најубавата обработка на сите времиња

Има денови кога во супермаркет кесата не можете да ја отворите ни од петти пат, кога колата не сака да запали низбрдо, кога шефот ве измачува само зашто ви е шеф, кога забораваат да ви одговорат на порака, кога се чини дека никој не ве разбира и се прашувате каква е поентата да се стане од кревет. Во тие денови некои паѓаат во очај, некои прават глупости, некои се оддаваат на пороци, а некои своето нерасположение го претопуваат во книга или песна. Иако што било од спомнатото нема да ги реши вашите проблеми, разбирање можете да најдете во последново. А тоа не е мала работа, особено ако се чувствувате како натрапник сегде каде што ќе се најдете.

Како некој кому музиката му значи повеќе од добрата лага на политичарот, има многу песни кои ми помогнаа да ги пребродам дождливите денови. Една од нив е верзијата на песната „Hurt“ во изведба на кантри-фолк легендата Џони Кеш. Таа секогаш удираше во плексус. Како Мики кој го тренираше Роки Балбоа, таа секогаш беше во состојба да ме фати за реверите, да ме протресе и да ми каже дека треба да ми дојде умот – и некогаш навистина тоа се случуваше - само поради една песна која трае малку повеќе од двесте секунди.

Ист, ако не и посилен ефект, има спотот снимен во февруари 2003 година. Во него се преплетуваат слики од сегашноста и младоста на Кеш – гледаме како на остарениот Кеш му се тресат рацете додека става вино, неговата сопруга Џун Картер плаче, додека изморениот баритон на Џони пее: „What I have become my sweetest friend / Everyone I know goes away in the end.“ Спотот освои многу награди, а одговорно тврдам дека во животот не сум видел подобар. Тежина додава податокот дека Џун умрела само три месеци по снимањето, Џони седум месеци подоцна, а нивната куќа во која живееле и каде е снимен спотот изгорела во пожар четири години подоцна. Само овие информации се доволни за да ви се наежи кожата. Спотот е создаден за солзи.

„Hurt“ впрочем е песна на индустријал рок групата Nine Inch Nails. Освен основната мелодија и текстот, обработката нема голема врска со оригиналот. Верзијата на Кеш има само акустична гитара и клавир. Но, клавирот прави чуда, особено во последната строфа кога е најгласен. Трент Резнор, авторот на песната, рече дека веќе не ја доживува како своја. Од истата песна Џони направи сосема нова и покажа што сè може да направи музиката. Резнор не можел да верува дека ја слуша својата песна во таква соголена верзија, а потоа сфатил колку е горд што ја отсвирел и отпеал Џони Кеш токму на тој начин. Во едно интервју призна дека ни неговите образи не останале суви откако го видел спотот.

Трент ја објасни суштината. Многу музичари свират обработки кои многу често се пресликани оригинали, само за да пополнат дупка на албумот или да го насочат вниманието кон себе. Само најхрабрите се осмелуваат да ја интерпретираат на сосема поинаков начин. Покрај Кеш, за оваа верзија е заслужен и продуцентот Рик Рубин, кој му предложил на Џони да ја отсвири. Тој ги продуцирал последните шест „American“ албуми на Џони Кеш, а оваа песна се нашла на плочата „American IV: The Man Comes Around“ од 2002 година.

Дали ова е најубавата преработка на сите времиња? Додека музиката не стане дел од олимписките игри, тоа ќе биде прашање на кое секој ќе мора да даде одговор за себе. Ако од обработката барате душа, емоција и симболика на која би можел да ѝ позавиди оригиналот, сигурно нема да најдете повеќе примери од оној на Кеш. Кога станува збор за прашањето од почетокот на пасусот, авторот на овој текст нема дилема.

Кога ќе помислите дека веќе нема каде, дека болката што ја чувствувате е неподнослива и дека главата и срцето ќе ви експлодираат истиот момент, сетете се на стиховите под кои дивее клавирот на Кеш и со кои завршува песната: „If I could start again / A millions miles away / I would keep myself / I would find a way“ („Кога би можел одново да почнам / Милион километри далеку / Би бил тоа што сум / Би го пронашол својот пат“). И можеби навистина ќе успеете да го пронајдете вистинскиот пат. Не знам за вас, но за Џони сум сигурен. Каде и да е сега.

Извор: Политика