Како да падне нашиот режим

06.10.2016 11:06
Како да падне нашиот режим

Вчера беше 5 октомври, убав ден, посебно за оние кои веруваат во демократските вредности.

Многумина се потсетија на 5 октомври пред 16 години, денот кога падна режимот на Милошевиќ. Вчера низ глава ми се свртеа две прашања. Првото: замислете што ќе беше денес Србија ако Милошевиќ останеше на власт?

На оние кои добро се сеќаваат на хиперинфлацијата на српскиот динар и празните продавници пред падот на Милошевиќ, јасен им е контекстот на моето прашање.

Второто: Како ќе реагиравме ако некој тогаш ни кажеше дека некој како Никола Груевски во 2016-та ќе владее со Македонија како што Милошевиќ владееше со Србија?

Тоа беа прашања за вчера.

Од денес, повторно, има само едно прашање: Како да падне нашиот режим?

Засега јасно е дека сето ова треба да заврши на некакви избори, а знаеме дека избори се закажни за 11 декември. Добро, не сме баш сигурни дека ќе се одржат, но и да се одложат, опозицијата засега е на став дека режимот на Груевски и Ахмети треба да падне мирно, на избори.

Изборите на 11 декември, ако се одржат, нема да бидат фер и демократски, од истите причини поради кои беа одложувани во април и јуни. Нема одвојување на режимските партии од државата, со што ДПМНЕ и ДУИ повторно ќе имаат стартна предност пред сите други учесници во изборите. Мнозинството граѓани со право немаат доверба во избирачкиот список. Медиумската сцена во огромен дел и понатаму е контаминирана со режимска пропаганда.

Има и уште еден момент кој не дозволува фер избори, а тоа е отсуството нa трошка правна држава. Па, во пракса ќе имате две владеачки партии кои организирале и извршиле пљачка на милијарди евра сите овие години, без никакви последици, да излезат на избори со многу повеќе пари од своите противници.

Деновиве можевте да чуете и прочитате дека ВМРО-ДПМНЕ има имот од 60 милиони евра, што е повеќе од имотот на најголемата партија во економски најразвиената европска држава, Германија. Или, тоа е повеќе и од вкупниот имот на двете најголеми партии во Британија.

Сепак, деновиве има интересен развој на настаните.

Режимот покажува јасни знаци дека е спремен да ги одложи изборите. Не ги исполнува обврските за непречена работа на СЈО, ниту ги решава проблемите со големината на изборните единици. Покажува страв од избори кои би дале минимална шанса да се добие ново мнозинство. Додека, пак, опозицијата покажува спремност и голема флексибилност да оди на какви-такви избори.

Не знам дали режимот ќе се обиде да го р’чне дополнително СЈО преку Уставен суд, или можеби ќе изгласа некој закон за амнестија, но не гледам нешто друго што би можело да ги одложи изборите на 11-ти декември.

Од каде доаѓа стравот на режимските партии?

Прво, одговорно тврдам дека сериозно мнозинството граѓани се против политиките на Груевски и Ахмети. Мнозинството граѓани не се задоволни во која насока се движи Македонија, ниту се задоволни од социо-економската состојба. Ако ги прашате граѓаните „Што мислите, како ќе живеете идната година?“, мнозинството ќе ви одговори дека очекуваат да биде уште полошо.

Второ, процесот кој го водеше СДСМ, на чело со Заев, наречен „Вистината за Македонија“ на ДПМНЕ и ДУИ им го одзеде легитимитетот да управуваат со државата, што во овој момент внесува нервоза во редовите на режимот.

Трето, работата на СЈО, која е единствена институција во државата во која мнозинството граѓани имаат доверба, а богами и голема поддршка од САД и ЕУ, исто така им создава нервоза и паника.

Четврто, во ДПМНЕ знаат дека после сè што слушнавме и видовме, на минимум кредибилни избори, тие во најоптимистичките прогнози ќе бидат под 400.000 гласа. Повторувам, во најоптимистичките прогнози за нив. А на ДУИ им е јасно дека во овој момент и бројката од 100.000 гласа е недостижна за нив. Да ве потсетам, на изборите во 2014-та ДПМНЕ имаше нешто над 480.000 гласа, а ДУИ над 150.000 гласа.

Оштетувањата во системот што го одржува во живот режимот се видливи. Главното прашање е: дали се доволни?

Според мене, опозицијата не смее да дозволи да има неизвесност на денот на изборите. Изборите треба да бидат само ден во кој поразот на режимот ќе биде официјализиран. Тоа значи дека во краткото време до изборите опозицијата треба жестоко да ја тресе политичката сцена со храбри потези и да преземе жестока иницијатива. Со други зборови, да стисне гас до крај. Еве неколку предлози што треба да се направи:

1) Да создаде широк демократски фронт, кој ќе биде мултиетнички. Тој фронт ќе треба да се обврзе да ја нормализира и стабилизира Македонија, да ги спроведе реформите на Прибе, да спроведе попис на населението, да овозможи зголемен капацитет за работа на СЈО, реформи во судството, да создаде рамка за конфискација на барем дел од неколкуте милијарди евра и да отпочне жестока борба против криминалот, па дури потоа да организира нови, фер и демократски избори.

2) Во демократскиот фронт да бидат вклучени и опозициските партии на Албанците, да се вградат Беса, Движењето на Села, дел од партијата на Руфи Османи, Унитети и ПДП. Предизборно да се потпише транспарентен договор во кој детално ќе биде опишано што сè ќе направи демократскиот фронт за да ја стабилизара Македонија. Тука постои можност да се создаде наратив кој ќе ги минимизира ризиците од губењето гласови, а ќе отвори пат да се искористи целиот потенцијал од соработката помеѓу опозициските партии од двата блока. На терен треба да одат заеднички тимови од активисти.

3) Ќе треба да се внимава и на улогата на „помалите“ етнички заедници во опозицискиот фронт. Да не се добие впечаток дека се создава бинационална држава, затоа што Македонија во реалноста е мултиетничка. Ќе треба внимателно да се одберат и промовираат играчи кои носат гласови кај Турците, Ромите, Бошњаците, Власите и Србите, ама не одземаат кај Македонците. Дека овој процес ќе биде во ред, ме убедуваат последните две кадровски решенија на опозицијата, Санта Аргирова за уредник во МТВ и Мухамед Зекири во СДСМ.

4) Внатрешното единство не смее да се сведе на симболика, како што не смее ниту отворањето кон гласачите Албанци. Мора да има квалитетни и одржливи решенија. Беше одлично да се гледа како Заев и Црвенковски заедно влегуваат на конгресот на СДСМ.

5) Искуството од 2011-та и 2013-та година. вели дека десничарските опозициони партии треба да настапат посебно во еден заеднички блок. И тука треба да се внимава со персоналните решенија, да се настапи со посебна стратегија.

6) Кампањата мора да биде креативна. Опозицијата и граѓанскиот сектор ќе треба да им објаснат на граѓаните дека ако излезат масовно и јасно ја изразат својата волја, ги намалуваат шансите за малверзации на изборите. Покрај сè останато, мора да има кампања од врата на врата. Програмата мора да буди надеж кај луѓето! Опозицијата ќе треба да организира серија на митинзи кои ќе бидат поголеми од оној на 17-ти мај, за да покаже каде е силата, но и да испрати порака до режимот, ако се обиде пак да ги украде изборите дека ќе си го добие својот 5-ти октомври!

Треба и да се има на ум дека има да се сработи многу, а 11-ти декември е блиску.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Били Даркарт