„Дедо Мраз од Сирија“ - човекот што шверцува играчки во Алепо

06.10.2016 12:15
„Дедо Мраз од Сирија“ - човекот што шверцува играчки во Алепо

Изминативе пет години, 44-годишниот Рами Адам ги посветил помагајќи им на децата во Алепо, градот разорен од ужасната војна, носејќи играчки за најмладите жители.

Рами Адам е роден во Алепо, но со семејството се преселил во Финска 1989 година. Кога започна војната во Сирија, решил да им помогне на децата во родниот град колку што може. На почетокот, воопшто не планирал да им носи играчки, мислејќи дека храната, лековите и водата за пиење се нештата кои се најпотребно. Сепак, во една прилика, кога ја минувал границата, неговата ќерка му рекла дека сака да им ги подари своите играчки на децата од Алепо. Тој ја прифатил идејата на ќерката, па откако ја видел радоста на сириските деца, решил пред сè да носи играчки во Алепо.

Наскоро Адам станал познат како „шверцерот на играчки“ или „Дедо Мраз од Сирија“. Досега патувал од Хелсинки до Алепо 28 пати, и не планира да запре сè додека војната не заврши. На почетокот патувал кон Сирија преку Турција, но откако турско-сириската граница е затворена, во Сирија влегува илегално, носејќи со себе 80 килограми тешка торба полна со играчки. Тој вели дека поради неговите хуманитарни активности се нашол на „црната листа“ на ИСИС, како и на други паравоени формации кои учествуваат во војната во Сирија.

И покрај тоа, Адам нема намера да престане да им носи играчки на децата.

„Не можам да ги опишам чувствата на децата. За нив, тоа е како да добиле нов пријател или некој што им е единствен пријател. Во време на интензивни бомбардирања, не можеме да направиме ништо. Но, барем можеме да им донесеме малку радост на децата.“

Иако медиумското внимание што го добива не му значи многу, Адам сепак го искористил во хуманитарни цели. Во моментов, тој покрена кампања на GoFundMe, обидувајќи се да собере 100 илјади евра, кои планира да ги искористи за да изгради училишта во Сирија во близина на турската граница, каде децата можат да учат подалеку од постојаните бомбардирања.

Извор: The Telegraph