Средношколци од Гевгелија наградени во Њујорк за филм за бегалците

06.10.2016 13:09
Средношколци од Гевгелија наградени во Њујорк за филм за бегалците

Меѓународниот видеофестивал „Плурал +“ во Њујорк го награди филмот „Граници“ на шестмина средношколци во конкуренција на 400 филма од цел свет.

Филмот „Граници“ (Borders), што го снимија шестмина средношколци од Младинскиот клуб „Јоска“ при УЦ „Јосиф Јосифовски – Свештарот“ од Гевгелија освои две меѓународни награди на Интернационалниот видеофестивал „Плурал +“ во Њујорк. Станува збор за наградите „Плурал + Балкан“, како и награда на меѓународната мрежа „Скалабрини“. Филмот во конкуренција на 400 филма, влегол во 30 најдобри, во категоријата на младинци од 13 до 17 години. Фестивалот е поддржан од Алијансата на цивилизациите на Обединетите Нации и од Меѓународната организација за миграции.

На филмот работеле Филип Аблаков, Матеј Аврамов, Стефан Шапкарев, Сретен Илиев и Лазе Раманчев. Екипата на филмот добила право наредната година да учествува на меѓународниот проект „Danube Peace Boat 2017“ и на „Peace Literacy project“ и „Danube Waves Art Academy“.

-„Граници“ настана по иницијатива на учениците. Со краток извадок од филмот учествуваме на средношколскиот натпревар МАССУМ. Влеговме во финале, но освоивме само четврто место. Истиот филм, продолжен, но со иста идеја, го пративме на фестивалот во Њујорк. Наградата ќе биде доделена на претставници на македонската амбасада на ООН во Њујорк, а нашата екипа, поради неможноста финансиски да се покријат трошоците за престој, не може да присуствува – вели Матеј Аврамов.

Филмот „Borders“ за потребите на фестивалот е работен на англиски јазик и обработува тема од бегалската криза и ситуацијата на децата во услови на мигрирање.

-Гевгелија лани беше обременета со проблеми и наплив од бегалци, како во периферијата, така и во градот. Постојано бевме сведоци на немили настани, а од такви ситуации не беа поштедени и децата-бегалци. Како екипа која го работеше филмот, постојано бевме со мислата дека децата не се виновни за состојбите што ги создаваат возрасните, па сакајќи да покажеме барем дел од она што се случува со нив, направивме неколку едноставни снимки и ги претворивме во филм. Не сакавме да бараме нешто посебно, туку нешто секојдневно – тоа што е пред нашите очи, објаснува професорот Матеј Аврамов, кој исто така и го монтираше филмот.

Извор: www.fakulteti.mk