Бристолскиот Бароуз чекал 93 години да ги објави своите песни

07.10.2016 12:13
Бристолскиот Бароуз чекал 93 години да ги објави своите песни

 Реј Вебер ќе наполни 93 години следниот март, а само што ја објави својата дебитантска збирка поезија „Многу р’ѓа“, која изобилува со автобиографски елементи.
 
Вебер го поминал животот пишувајќи скришно, крадејќи по некој момент овде-онде додека работел. Пораснал во сиромаштија, син на водачот на Комунистичката партија од Бристол, и самиот се приклучил на Лигата на млади комунисти. Подоцна работел како поштар и водел локална група уметници.
 
Поезијата, вели тој, му била приватна опсесија. Иако целосно самоук, тој им се воодушевувал на делата на Френк О’Хара, Вилијам Бароуз, Т.С. Елиот и развил навика да користи први реченици од крстозборите во весниците кои потоа ги приспособувал. „Отсекогаш ми се вртеа зборови и рими во главата. Тоа ме правеше многу расеан. Додека бев поштар, постојано заборавав кај сум и ми се случуваше да заѕвонам на погрешна врата“.

Реј Вебер во војска (најлево)
 
Она што е зачудувачки за делото на Вебер е обемот. Самиот обем импресионира и бара да биде забележан. Но, Вебер не е целосно убеден во вредноста на своето дело и се чувствува поудобно во повлеченото творење. „Пишував за себе цел живот, секој ден. Не ти треба поезија или друга уметничка форма за да комуницираш со луѓето или за да имаш влијание врз нивниот живот“.
 
Во средината на 70-тите на кратко го спуштил штитот и се пријавил на конкурс во  локален весник и победил. Тогаш го поканиле да се вклучи во поетското друштво на Бристол. Запознал нови пријатели и „процветал“. Токму еден од овие негови поддржувачи – поетот и музичарот Стив Буш – сега договорил да се објави неговата поезија.


 
Вебер е свесен дека неговата ситуација е новитет, отстапување – да се биде дебитант во десеттата деценија од животот – но е полн со надеж. „Грчевито се држиме за оваа малечка планета и кој знае дали има некој друг живот во универзумот? Во оваа смисла, сите ние сме отстапки. Но, добро е ова што се случи. Се чувствувам помирен и постабилен“.

На прашањето што би направил поинаку кога би имал шанса да проба од почеток, Вебер вели дека веројатно би го продолжил школувањето, а самото тоа значително би му го променило понатамошниот живот, па така можеби ќе успеел да запознае некоја девојка и да се ожени. Но, задоволен е. „Верувам во скромност, но човек може да претера во тоа. Напишав некои добри песни и тоа сосема сам. Тоа е нешто со што човек може да се гордее“.  

 

Во продолжение, претставуваме избор песни од авторот и снимка од краткиот документарец за неговиот живот, промовиран во склоп со збирката поезија.

СРЕЌНИ СЕЌАВАЊА

Мајка ми беше побожен римокатолик.
Страдањето ѝ беше професија – доволно е што
Се омажила за татко ми, ме родила мене
И нѐ трпеше толку долго време.
Еден ден, додека бев дете, дојде попот
Со свеќи и света вода да ја благослови куќата.
Следното утро силен ветар го откорна оџакот
Предизвикувајќи лавина испопаѓани цигли од кровот.
Толку од благословот на куќата, рече татко ми.
Бог работи на мистериозен начин, рече мајка ми.
Кажи нешто ново, рече татко ми. Знам
Тој е на врвот, но би можел да научи по нешто
Од фушерајските работници и газдите на ќумези
Кои нѐ забавуваат, дебело печалат
А на сопругите им купуваат елегантна долна облека и крзна од визон.
Зависта нема да те однесе никаде, рече мајка ми.
Жива вистина, рече тој. Ајде сега да ги преброиме благодатите наши.
Нема ќумур во огништето. Доаѓаат дождови.
Ти имаш болно колено. Детето нѐ буди навечер
Со кашлање, а јас црнчам за кикирики.
Потоа се сврте кон мене и рече
Доста го чачкаш носот, валкано мало лајно
Или ќе мора да ти го отсечеме.
Пази на јазикот, рече мајка ми – дури
го влечеше коритото за перење нагоре по скалите
за да ги фати капките од таванот на спалната соба.


ЉУБОВНА ПРИКАЗНА

Пред пар светлосни години
Во еден град на каналите, пиварниците
И фабриката за цигари
Сретнав девојка
Која толку успеа да ме возбуди што
Станав странец за пријателите.

Железни копита и тркала
Ѕвечеа низ камените калдрми.
Ја бакнав нежно во уста.
Очите ѝ отскокнаа и ја
Проголта мастиката за џвакање.

Потоа ја завиткав во прегратка
Открив дека нема коски
И дека косата ѝ мириса на вода
Од базените.

Се ближеше квечерина.
Фенерџиите со долгите дршки
Се упатија на точаци низ уличките.
Јас посегнав по нејзиното ѕверче.
Не, те молам, не, не, викаше таа.
Па ја превртев наопаку.
Гаќичките ѝ беа чиста сино-бела боја
Стомачето врело на допир.
Ненадејна парализа
Ги обзеде моите магарешки прсти.

Срцето ми се стопи во кафезот.
Продавачот на весници пееше за Шпанија
Вечерното издание, ехото
Охо охо-то на војната.


Песна на Реј Вебер во ракопис

Песните на изворниот јазик можете да ги прочитате на Фејсбук страницата на Реј Вебер.

 

Извор: The Guardian
Избор и превод: Ивана Галапчева

Цртежи: Реј Вебер (илустрации за поетската збирка)

ОкоБоли главаВицФото