1014 hPa
73 %
21 °C
Скопје - Чет, 10.09.2026 03:01

Сигмунд Фројд (1856-1939) славен психијатар, основач на психоанализата, автор на низа влијателни научни книги. Роден е во чешкото (тогаш австроунгарско) гратче Фрајбург. Неговите предци живееле во Келн, но поради прогонот на Евреите во XIV век морале да се преселат на Исток. Во XIX век тргнале назад и преку Галиција стигнале во Виена. Фројд тогаш имал четири години. Во Виена ги завршил сите школи, од основно училиште до факултет. За книгата „За досетките“ добил мотивација по забелешката на еден близок пријател дека неговото дело „Толкување на соништата“ на многу места звучи како духовито четиво... Подолу претставувавме некои од духовитите искази од книгата „За досетките“:
„Ако го оставите пиењето, ќе можете да им давате часови на децата од отмените кругови.“
„Што ви е Вам, па јас давам часови за да можам да пијам!“
Пациент го оставил пиењето и го подобрил слухот, но набрзо се вратил на пиењето и повторно го пореметил слухот. Му се правдал на зачудениот лекар:
-Сè што чув беше полошо од ракијата!
„По брадата можам да кажам што си јадел вчера.“
„Кажи!“
„Леќа.“
„Не, тоа јадев завчера.“
Во музејот Мадам Тисо една госпоѓица го прашала кустосот кој е војводата Велингтон, а кој е неговиот коњ. Кустосот ѝ објаснил:
„Вие изберете, Вие плативте влезница.“
Еден просјак замолил барон да му уплати летување во Остенде поради закрепнување. „Зошто не одиш на некое поевтино место?“
„Кога станува збор за здравје, ништо не ми е скапо!“
На некоја убава девојка ѝ најавиле посета баш кога почнала да се облекува:
„Каква штета!“ - помислила - „човек не смее да се покаже токму кога е најпривлечен!“
По прегледот на пациентката, лекарот загрижено му шепнал на нејзиниот сопруг: „Вашата жена денес не ми се допаѓа.“
„Мене одамна не ми се допаѓа!“ - додал мажот.
Продавач на среќки се пофалил дека некогаш бил голем среќник:
„На мојата маса седеше лично Ротшилд и се однесуваше со мене како со рамен на себе, сосема фамилионарно.“
Јануари е месец кога и на себе и на другите им изразуваме најубави желби. Останатите месеци се оние во кои желбите не се остваруваат.
Просјак сретнал колега, кој го одвраќал од посета на грофот: „Денес е лошо расположен, дава само по гулден.“
„Море, ќе свратам, зошто да му го подарам гулденот?!“
„Јас се капам секоја година!“ - се пофалил некој човек на својот пријател - „без оглед дали тоа ми е потребно или не.“
Вака, според Фројд, Лихтенберг ја одредил животната доба на една вообразена дама: „Дамата е стара едвај дванаесет моди.“
По венчавката, младоженецот открил: стројникот го излажал дека таткото на невестата не е жив, а бил отсутен поради робија.
„Зарем тоа е живот?!“ - му возвратил стројникот.
Карикатурa: Freaking News