Сто години дадаизам (1)

08.10.2016 20:43
Сто години дадаизам (1)

2016 е годината во која се навршуваат 100 години од основањето на ДАДА, едно од највлијателните движења на XX век, не само на полето на уметноста и книжевноста. Овој јубилеј на Окно ќе го одбележиме со серија прилози, започнувајќи со извадоци од книгата „Дада - историја на една субверзија“ од Анри Беар и Мишел Јарасу.

 

 

ДАДА - ИСТОРИЈА НА ЕДНА СУБВЕРЗИЈА (УВОД)

 

 


Жариштата на пожарот

 

Името „Дада“ првпат се појавило 1916 г. во Цирих, во еден број на Cabaret Voltaire, модернистичкото списание околу кое се собирале авангардните поети и сликари избегани во Швајцарија. Наместо увод, уредникот на публикацијата, Хуго Бал потсетил, на француски и германски, на патот минат од основањето на кабарето посветено на писателот на Кандид до претстојното објавување на списанието Dada: „Денес, со помош на нашите пријатели од Франција, Италија и Русија, го објавуваме ова книжуле. Тоа треба точно да ја опише дејноста на кабарето чијашто цел е да потсети дека, од онаа страна на војната и партиите, постојат независни луѓе коишто живеат за други идеали.

Намерата на овде собраните уметници е да издаваат едно меѓународно списание. Тоа ќе излегува во Цирих и ќе го носи името „ДАДА’ Дада Дада Дада Дада“.1

Личностите собрани околу основачите и соработниците ни овозможуваат да судиме за него: она што ќе стане движење Дада или, повообичаено, Дада, од почетокот сакаше да дејствува надвор од географските граници, националните меѓи, уметничките поделби, политичките или дипломатските обѕири. Требало, пред сè, да се сочуваат правата на уметникот во светот којшто беше станал плен на убиственото лудило на државите, и да му се овозможи да создава по сопствен вкус. Само „германскиот менталитет“ бил исклучен од оваа мрежа на пријателства најавена од Хуго Бал, и самиот Германец којшто поради својот борбен пацифизам избегал во Швајцарија. Според Бал, пангерманизмот имплицитно бил означен како поттикнување војна. Но тоа не значи дека дадаизмот ќе ги отфрла уметниците од германско потекло, напротив!

Цирих, се разбира, бил собиралиште на разнородни и едновремено необични уметници пристигнати од сите естетски и географски широчини, повеќето тврдокорни противници на војната, непокорни, избегани или отпуштени од војска.

Како кај луѓето со крајно различни склоности, кај нив се открива голем еклектицизам, кому нарака му одело тоа што тие немале заедничка цел. Според нив, предвид требала да се земе само меѓународната солидарност на творците како одговор на разурнувањето што го беа испрограмирале божем разумните нации.

Првиот број на списанието ДАДА

Дада од самиот почеток било меѓународно движење што зборувало на сите јазици, зафаќало од сите култури, му се обраќало на човекот во целина, а не само на неговото уметничко чувство. На ниво на естетиката, неговата жестока рака уфрли метеж во сите жанрови, и оневозможи какво било строго вреднување. Неговите творби имаат променливи форми и укажуваат, едновремено, на книжевната, ликовната, драматуршката и социолошка оцена. Со својот стремеж повторно, од онаа страна на човековата културна глазура, да ја пронајде неговата поетична природа, тој докажува дека човек може да биде творец и ако не напишал ниту еден стих и не повлекол ниту една крива. Накусо, овде ќе се потрудиме да го прикажеме и расчлениме повеќе однесувањето отколку производството, коешто, впрочем, е кратковеко, расипливо и всадено во времето.

Сите сметаат, значи, дека Дада настанал(о) во Цирих на 8 февруари 1916 г., а името било најдено со помош на еден нож за сечење хартија вметнат без врска помеѓу страниците на речникот Ларус. Да се чуваме од неверувањето во легенди! Подоцна, секој ќе настојува да стекне право на татковство над името коешто, пред сè, не требаше ништо да значи, што е доказ за неговата успешност.

Поставувајќи граница помеѓу себе и востановените естетики - макар биле и авангардни - тоа магично име, отфрлајќи го завршетокот на „изам“ омилен во тоа време, станало обвиткано со сите можни значења, според настроението на поединците што се поистоветувале со него. Со тоа што не најавувало ниту програма ниту водач, движењето било отворено за сите.

Во Цирих, значи, на неутрална територија, се поврзале Германци (Хуго Бал, Ханс Рихтер, подоцна и Рихард Хилзнбек /Huelsenbeck/), еден Алзашанец (Жан-Ханс Арп, Французин по мајка, Германец по татко), двајца Романци (Тристан Цара, Марсел Јанко /на романски Марчел Јанку, прев./) и нивните придружнички (Еми Хенингс, Софија Тојбер /Taeuber/, Маја Крузеч /Chrusecs/, итн.), за да ги придвижат дадаистичките кабаретски вечери, изложби, публикации. Обземен со своите мистички размисли, Хуго Бал наскоро се повлекол во планина, препуштајќи му ја на Тристан Цара грижата околу воспоставувањето врски со уметници од сите земји што војувале, наспроти воената цензура, и да го осигурува патувањето на слики, книги и списанија. Имињата на Аполинер, Сандрар, Пикасо, Кандински, Де Кирико, Савини... се мешаат со имињата на овие дадаисти што во почетокот не се двоумеа да ги примат италијанските футуристи, германските експресионисти, француските кубисти, итн.

Дада се радикализира во соочувањата со јавноста. Манифестот на Дада 1918 на Тристан Цара ја обележува револуционерната пресвртница на потфатот. Одбивајќи да го теоретизира сопствениот став, движењето Дада тогаш ги прекинува сите врски со уметноста и потполно го брише минатото.

Ханс/Жан Арп, Тристан Цара и Ханс Рихтер, Цирих, 1917-1918.

Dada 3, каде што се појави овој основачки текст, ја запечатува средбата на циришките дадаисти со Франсис Пикабиа, основачот на списанието 391, коешто излегуваше напоредно со патувања на сликарот низ светот. Така било направено спојувањето со група Европејци којашто од 1915 била сместена во Њујорк: Марсел Дишан, Албер Глез, Артур Краван, Жан Кроти. Дишан и Пикабиа го одбрале тој град (САД сè уште не беа влегле во војна) поради приемот на којшто наишле по првата изложба на модерна уметност на американскиот континент, Armory Show, 1913. Сопругата на Пикабиа, Габриела Бифе (Buffet) подробно го опишува начинот на којшто овие двајца авангардни предводници биле примени од фотографот Алфред Штиглиц и колекционерот-поет Волтер Конрад Аренсберг:

„Од самото доаѓање бевме приклучени кон една откачена меѓународна дружба во која ноќта ја бевме претвориле во ден, во која се пресретнуваа оние што не сакаа да војуваат од убедување, а коишто припаѓаа на сите сталежи и на сите националности, во една незамислива разузданост од сексуалност, џез и алкохол. Штотуку избегани од менгемето на законите што ја одобруваат употребата на воена сила, најпрвин поверувавме дека сме стигнале во блажено време на потполна слобода на духот и дејствувањето“.2

Дишан и Пикабиа објавувале списанија со дадаистичка ориентација (Wrong-rong, The Blindman), потоа, со сликарот Ман Реј, New York Dada (1921). Последново име, како и ироничната „авторизација“ на Цара со која му била одобрена употребата на зборот дада, сведочат за верноста на Њујорчаните кон дадаистичката централа којашто сега се наоѓала во Париз.

Дали, како што во педесеттите години сметаше критиката, постоела некоја прото- дадаистичка група во Њујорк (исто онака како што зборуваме за протоисторија за да го означиме преодниот период помеѓу праисторијата и историјата во строга смисла)? Факт е дека Дишан, Ман Реј и Пикабиа, прекинувајќи со своето уметничко минато, придвижиле идеи слични на оние што ги имало движењето Дада и дека изведувале работи, како Дишановите ready-made, кои ја збогатувале дадаистичката пракса. Впрочем, размената на информации помеѓу стариот и новиот континент била не толку ретка како што би помислиле, наспроти воената состојба. Тоа со пример го покажува и Пикабиа со своите постојани патувања. По завршувањето на непријателствата, токму тој му овозможил на Цара, во јануари 1920-та, да се насели во Париз и да биде прифатен од членовите на групата Littérature (Андре Бретон, Луј Арагон, Филип Супо, Пол Елијар), наскоро придобиени за движењето Дада.

Хуго Бал ја чита славната песна „Каравани“ во Кабаре Волтер, 1916.

Во Париз теренот го беа подготвиле неколкумина осаменици коишто, дури и пред да настане Дада, имале нешто од тој дух: Артур Краван, „поетот-боксер“, роднина на Оскар Вајлд, уредник на весникот Maintenant, кој жестоко ги зацрнувал славните уметници и писатели, и ги отфрлал важечките општествени норми; Жак Ваше, денди-негаторот, којшто, главно само за своите пријатели, до највисоки дострели го отелотворуваше хуморот на Алфред Жари. Неговата смрт, 1919-та, длабоко го трогна Андре Бретон којшто ги беше објавил своите Писма од војната (Lettres de guerre). Ваше влијаел и на другите основачи на списанието Littérature, пред сè со својата скептичност спрема уметноста. Сакајќи да ја убијат уметноста, тие тоа не се осмелувале да го направат заради стравот да не направат простор за нова, исто толку неприфатлива произволност, како што беа направиле постарите колеги, Жид и Валери, кумови на списанието чијшто наслов наводно го предложил Валери, заради иронија, велат.

Списанијата отворени за новотарии, какви што беа Sic на Пјер Албер-Биро, Nord-Sud на Пјер Реверди, со тоа што ја прифатиле соработката на Цара, го понеле и неговиот дух на бунтовник, со самото тоа подготвувајќи го патот за една нова поезија, создадена на нови ритмови, и којашто поставувала цели поинакви од соопштувањето на ретки чувства. Повторното откритие на делата на Рембо, Лотреамон и Жари (Littérature ги објавуваше необјавените дела на првиот, Poesies на вториот, и една одбрана од универзитетското неразбирање на третиот) му одеше нарака на парискиот настап на движењето Дада.

Денес ни е тешко и да го замислиме извонредниот одглас што го имале дадаистичките манифестации, изложби, публикации коишто со постојан ритам се менувале во Париз во текот на неколку „сезони“, од 1920 до 1923 г. Тоа значи од Првиот Петок на Littérature до вечерите Coeur a barbe (Брадесто срце) во театарот „Мишел“, на 6 јули 1923-та, со што јавно беше ставена точка врз постоењето на организирана група, а преку судењето на Морис Барес, на 13 мај 1921-та, коешто сведочеше за длабокиот расцеп меѓу запалените приврзаници на движењето Дада.

Одеднаш ослободена од воените јанѕи, париската публика силовито се беше фрлила во сите новини: кино, џез, Дада, коишто ѝ овозможуваа да ја доживее кревката треска на неспокојот. Протоколот на париските дадаистички манифестации беше ист како и на циришките. Но, помногубројната публика, реакцијата, понекогаш соучесничка, на присутните, на дадаистите во Париз им даваа значење што тие во Швајцарија го немаа. Дури замореноста на јавноста на виделина ги изнесе конфликтите меѓу дадаистите, растргнати помеѓу желбата сè да уништат (Цара, Рибмон-Десењ) и желбата да ги подготват патиштата за модерниот дух (Бретон, Арагон, Супо, Витрак...). Штом публиката престана да протестира, движењето Дада се почувствува како парализирано и без глас.

Артур Краван се бори против актуелниот светски шампион во бокс во тешка категорија, Џек Џонсон, 23 април 1916, Барселона.

Исто онака како што Пикабиа го изведе спојувањето на циришката група со оние од Њујорк и Париз, така Рихард Хилзнбек бил посредник помеѓу Цирих и Берлин. Од крајот на 1916 тој во своите статии во Neue Jugend и Die Freie Strasse го воведе движењето Дада во главниот град на Германија. Со Франц Јунг, Виланд Херцфелд, Георг Грос, Хана Хех, Раул Хаусман и Јоханес Бадер тој ја состави групата што го објавуваше списанието Der Dada. Почетоците на оваа група биле слични на оние во Цирих, но наскоро бил затруен дијалогот со експресионистите и, кога 1918-та избила револуцијата, којашто предизвикала бегство на царот Вилхелм II и воспоставување на Вајмарската република, дадаистите не можеле да останат надвор од борбите во коишто учествувале пред сè спартакистите и социјалдемократите. Помалку политички ангажирани отколку што тоа обично се тврди, берлинските дадаисти се вплеткале во расправата со своите дела. Сликите на Ото Дикс, карикатурите на Георг Грос, изразуваа жесток критички став. Собирајќи мрачна и подбивна граѓа, слика и прилика на општеството во коешто живееле, тие ја откриле фотографската монтажа чијашто разорна делотворност веќе не треба да се докажува. Посебно треба да се спомене Јоханес Бадер (којшто се прогласил за Oberdada - Врховен Дада) и неговите јавни провокации, за време на работата на Парламентот, со кои, во памфлетот „Дада против Вајмар“, го најавил уништувањето на градот. Неговите претставки, неговите писма во коишто обемно се користени колажи и типографски варијации, и ден-денес зрачат со необична поезија. Парадоксално, големиот Меѓународен дадаистички саем, одржан во јуни 1920-та во Берлин, проследен со големата Дадаистичка антологија, го одбележа едновремено и врвот на движењето и неговиот крај, барем во тој град. Едни (Грос, Хартфилд и неговиот брат Херцфелд) избраа изрично политичка борба во закрилата на комунистичката партија; други своите иконокластични опити ги продолжиле на други места.

Во Келн, Макс Ернст и Јоханес Баргелд се препирале со англиските окупациони власти поради својата публикација Der Ventilator, којашто ја делеле на фабричките излези. Кога во февруари 1920-та им се придружил стариот другар од ателјето Ханс Арп, пристигнат од Цирих, тие направиле многубројни колективни колажи што ги нарекле Fatagaga (Фабри- кација гарантирано газометричка), уредувале едно списание, Die Schammade, поврзувајќи го со париските дадаисти, и организирале една скандалозна изложба на слики во дворот за ѓубре на една крчма.

Курт Швитерс бил единствен осамен претставник на движењето Дада во Хановер. Откако Хилзнбек, од некои матни причини, го исфрлил од берлинската група, тој го основал, сам за себе, Мерц (Merz), нештото што, според Швитерс, ја опфаќало Дада во сите нејзини точки. Во списанието со исто име тој прифатил дадаистички соработници, дури и по исчезнувањето на движењето. Токму тој 1922-та, заедно со Ван Дузберг организирал низа предавања на Цара во Јена, Хановер и Вајмар, каде што, во просториите на Баухаус, бил одржан еден дадаистички конгрес. Арп, Цара, Швитерс, Рихтер им се придружиле на конструктивистите на Мохољ-Наѓ и Ел Лисицки за, јасно, да ги изопачат нивните цели.

Движењето Дада не можело да биде окончано со тој извонреден чин на субверзија. Неговите траги, одгласи и осила ги сретнуваме во многу земји, дури и таму каде што најмалку би ги очекувале, во Јапонија.

Франсис Пикабиа, „Портрет на американска девојка во состојба на разголеност“, 1915.

Со овие брзи гео-историски контури на движењето сакавме само да подвлечеме некои негови обележја. Кога не би ги воочиле, би дошле во опасност да не ја разбереме исклучителната природа што тоа ја имало меѓу сите естетски движења или собирања што му претходеле, дури и меѓу оние што доаѓаат по него. Во суштина станува збор за меѓународна мрежа која ги зафатила сите области на естетиката и животот, дури и кога, поради лагодноста што лесно може да се разбере, критиката долго повеќе сакаше да го разгледува движењето врз основа на класичната расцепканост по земји и жанрови.

Што може најдобро да ја прикаже големата опфатност со која Движењето се здоби за кратко време? Пред крајот на животот, Цара даде едно социолошко објаснување, трудејќи се да ја открие почетната состојба на духот на своите другари:

„...Околу 1916-1917 изгледаше дека војната вечно ќе трае - крајот не ѝ се гледаше - дотолку повеќе што за мене и моите пријатели таа, оддалеку, добиваше размери искривени поради точката на гледање од којашто требаше да имаме мошне широк поглед. Оттаму она гадење и побуна. Бевме решително против војната, но сепак не западнавме во лесните замки на утопискиот пацифизам. Знаевме дека војната може да се прекине само доколку ѝ се откорнат корените.

Нестрпливоста да се живее беше голема, гадењето се однесуваше на сите форми на тн. модерна цивилизација, на самите нејзини темели, на логиката, јазикот, а бунтот добиваше форми во коишто гротескното и апсурдното надмоќно триумфираа над естетските вредности”.3

Така, според него, движењето Дада било карневалски одговор на една младост која, во едно апсурдно опкружување, копнеела по живот. Ако продолжиме со анализава, би можеле во неа да видиме премиси за кризата на европската свест. Исто онака како што просветителството во осумнаесеттиот век можело да претставува криза на западната цивилизација, исто така движењето Дада, во дваесеттиот, најави крај на една епоха и еден начин на живеење, отворајќи го патот за низа знаења, збркано срочени, коишто сочинуваа никулец на новите култури. Зарем физиката, математиката, психологијата и сите науки за човекот би можеле коренито да се преобразат од почетокот на векот, а притоа човечкиот дух да не претрпи последици? Со ова движење теориите се измолкнуваат од своето специјализирано подрачје и стапуваат во колективната свест, едновремено продирајќи и во вредностите преземени од воневропските култури. На Валери, којшто јасно утврдил дека цивилизациите се смртни, дадаистите можеле да му одговорат дека се толку свесни за тоа што и самите - тоа е најмногу што можат да направат - се трудат да го забрзаат смртоносниот исход.

Така движењето Дада може да се толкува како чинител на големото пореметување на системот на мислење, и тоа следи промени од еден сосема друг ред. Далеку од тоа да биде произлезено исклучиво од војната, тоа сепак ѝ беше придружник, а како свој исход имаше опсежно доведување во прашање на темелните дадености на човечкиот дух.

 

(продолжува)

 

_______________________________________________

[1] Hugo Ball, Cabaret Voltaire, Zürich, мај 1916, стр. 5

[2] Gabrielle Buffet-Picabia: Rencontres..., Belfond, 1977, стр. 194

[3] Tristan Tzara: Entretiens avec Georges Ribemont-Dessaignes (1958), (Euvres completes, Flammarion, t. V, str. 399-400)

Извор: Маргина #39, Темплум, Скопје, 1998.

Слични содржини

Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото