Ретроспективна изложба на Мена Спировска во Музејот на град Скопје

10.10.2016 13:55
Ретроспективна изложба на Мена Спировска во Музејот на град Скопје

Изложба: Мена Спировска - Менче / Ретроспектива
Отворање: среда, 12 октомври 2016. во 20:00 часот, Музеј на град Скопје

 

Мена Спировска – Менче (Прилеп, 1928 - Скопје, 2011) дипломирала на Академијата за применета уметност во Загреб, Р. Хрватска на сликарско – графичкиот отсек во 1955 год. Особеност на нејзината присутност на ликовната сцена во Македоније е релативната краткотрајност и малиот број на создадени дела кои, од друга страна, се исклучително интересни во неколку насоки на согледување. Во втората половина на 50-тите и во почетокот на 60-тите години од 20. век таа е веројатно нашиот најистакнат графичар која со оваа техника ги актуелизира формите на модерната уметност.

Во нејзините најособени дела Спировска настојува да преплете неколку работи: да навлезе во особеноста на линеарната структура особена за дрворезот; да го создаде сопствениот преплет на арабески и со него да формира некаква основна структура на површината и во сето тоа да ја вметне таинственоста на женскиот елемент.

Спировска е дел од бранот на модерната уметност што како функција на еманципаторските тенденции на модерноста требала целосно да го промени нашето општество. Со дејноста на тие генерации создадени се предусловите за вредносните модели и насоки со кои понатаму сме се развивале. Спировска оваа тенденција ја дополнила се недоволно присутниот женски елемент.

Ќе бидат изложени четириесетина графики и цртежи создадени во педесеттите и почетокот на шеесеттите години од 20. век.