1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
Колку и да сте храбри и атлетски градени, на трката со бикови во Памплона ќе бегате пред стампедото. Слично помина во Мадрид сега веќе бившиот лидер на социјалистите Педро Санчез. Внимателно го избра моментот за соочување со разјарените бикови од својата партиска олигархија, но сепак беше немилосрдно прегазен. Згреши кога ја доведе во прашање традицијата на смената на власт на социјалистите и конзервативците, кои заедно со своите другари наизменично се богатат додека 20 проценти од шпанските граѓани пропаѓаат без работа.
По вторите парламентарни избори за само една година, Санчез продолжи со блокирање на формирањето десничарска влада надевајќи се на влада на социјалисти со радикално левиот Подемос. Најпосле беше сменет со хаотичен преврат што го предводеа моќните регионални шефови на неговата партија. Судбината на Санчез е симбол на кризата на европските социјалдемократски партии, кои во последните три децении ги прифатија принципите на неолиберализмот. Сега кога пропадна моделот на слободниот пазар, социјалдемократијата остана без интелектуални ресурси за својата политичка обнова.
Тоа е резултат на нејзината сериозна недоследност. Парламентарниот социјализам кон крајот на 19 век се создаде од умерениот марксизам, работата на синдикатите, здружувањето на левите партии, движењата и нивните либерални фракции. Социјалдемократијата одново се осмисли 1945 година, овојпат како отворена или прикриена брана на советското влијание. Потоа, во седумдесеттите по падот на диктатурата во Шпанија, Грција и Португалија дојде до нова обнова. Интересно е колку е оскудно интелектуалното наследство на левиот центар, но ако треба да изберам глобално влијателен интелектуалец од левиот центар по Втората светска војна, би се одлучил за унгарско-американскиот историчар Карл Полани. Тој тврдеше дека капитализмот поставува двојно противречно барање: за слободен пазар и негова регулација во интерес на општеството. Оваа идеја од левиот центар во текот на осумдесеттите послужи како оправдување на пропаста на работничката класа. Наместо заштита на работниците, цел на социјалдемократијата стана регулирањето на капитализмот.
Причина за сите неволји на социјалдемократијата по 2008 година е недостатокот на јасен план како да се продолжи по старо. Имавме десна предаторска верзија на неолиберализмот и прогресивна инклузивна верзија, со геј бракови, меритократија во образованието, здравството и социјалната политика. Но, основните принципи на економскиот систем во Европа се утврдени со Лисабонскиот договор, кој предвидува политика на штедење и забрана на заштитата на клучните индустрии од светскиот пазар.
По пропаста на неолиберализмот, задача на социјалдемократијата е да смисли нешто ново. Но, како што ни покажува судбината на Педро Санчез, таа не е во стостојба за нешто такво. Европската социјалистичка елита и бирократијата, вклучувајќи ја и британската со нејзиниот отпор спрема Корбин, се прилагоди на нефункционалниот модел на капитализмот и е неспособна да осмисли поинаква иднина. Радикалната левица, како Подемос во Шпанија, Сириза во Грција, Берни Сандерс во САД и Корбин во Британија, е одлучна да го замени неолиберализмот. Но, со што?
Во најдобар случај новата радикална левица е локална, инклузивна, антирасистичка и е заговорник на хоризонтална демократија. Во најлош, таа е само начин на протест, листа со барања, величање на техниките за отпор и практикување на застарените левичарски мантри. Радикалната левица во една земја во која е на власт, Грција, ја скршија северноевропските социјалдемократи. Но, сега алармира од сите страни. Тесниот пораз на кандидатот од екстремната десница на австриските претседателски избори во мај доведе до преврат во социјалдемократската партија на Австрија, која го избра левичарскиот кандидат Кристијан Керн за канцелар.
Керн е искусен технократ опкружен со левичарски советници. Тој неодамна упати отворен повик до Европа да престане со програмите за штедење, удвојувајќи го фискалниот стимуланс и, со прикриен напад на Ангела Меркел, да престане да ја користи еврокризата за себични национални интереси. Од друга страна, француските социјалисти се пред колапс: нивните кандидати немаат никаква шанса против Марин Ле Пен на претседателските избори следната година, додека нивните следбеници се подготвуваат да гласаат за конзервативниот кандидат за да ја запрат. Во Италија премиерот Матео Ренци се коцка со иднината на левиот центар со уставен референдум, на кој неговата опција веројатно ќе изгуби.
Јасно е зошто победата на Корбин толку длабоко ги разниша европските социјалдемократи. Тој им покажа дека е можно традиционалната социјалистичка партија да се помести кон лево. Поразот на Санчез само една недела подоцна, покажува дека тоа не е загарантиран исход. Шпанската социјалистичка елита го прифати новиот четиригодишен мандат на конзервативната влада како цена за да се спречи доаѓањето на власт на новата, витална и радикална левица. Шпанското влијание е поука за сите европски социјалдемократи: ако се држите до неолиберализмот, готови сте. Ако радикално левиот Подемос успее да ги привлече членовите на социјалистичката партија кои се незадоволни од смената на Санчез, ќе добиеме уште една силна лева партија освен Сириза во Грција. Австрискиот канцелар Кристијан Керн во таа смисла го постави клучното прашање: дали европската социјалдемократија ќе продолжи со политиката за штедење или, барем од себични причини за преживување, ќе тргне во борба против неа.
Извор: https://www.theguardian.com/