Како да кажете „не“ а сепак да стигнете до „да“

11.10.2016 11:00
Како да кажете „не“ а сепак да стигнете до „да“

Најтешко во животот е да се каже „не“. Денес на многумина им е најтешко да го изговорат тој најмоќен и најпотребен збор во секој јазик.

За време на појадокот вашата ќерка ве моли да ѝ купите нова играчка, одговарате не, обидувајќи се да одржите цврсти граници, имаш доволно. Ама те молам, те молам, сите другарки имаат таква. Како да кажете не, а да не се чувствувате како лош родител?

Доаѓате на работа, шефицата ве повикуваа во својата канцеларија и од вас бара да работите цел викенд за да завршите важен проект. А, вие сте планирале нешто друго... На состанок сте и шефот на вашиот шеф бесно се врти кон својата колешка, почнува да ја напаѓа, да ја навредува лично... сите молчат, исплашени, среќни што овојпат не се мета. Како смеете да кажете „не“? Или како да му кажете „не“ на пријателот што ви бара пари кои никогаш нема да ви ги врати?

Ова се ситуации заради кои д-р Вилијам Јури, најголемиот експерт за психологијата на преговарањето, одлучил да напише книга („Моќта на позитивното не, Како да кажете Не и сепак да стигнете до Да“). Еден од најголемите преговарачи на денешницата, предавач на Харвард, посредник на Обединетите нации во конфликтите како што е оној во Венецуела, или во конфликтот помеѓу Русите и Чеченците, па и рударските штрајкови за кои можеби некогаш е потребно повеќе сила и умешност отколку за Хуго Чавез, морал да ѝ објаснува на ќерка му зошто на луѓето им е потребна книга со упатства за да кажат „не“. „Што може да се каже за тоа? Сè што треба да направиш е да кажеш НЕ“. Детскиот ум ја нема таа пречка која ја имаме ние возрасните. Но, како да му кажете „не“ на пријателот што ве моли да направите нешто што ни најмалку не ви се прави? Јури имал уште еден проблем: неговата ќерка од раѓањето имала сериозни проблеми со кичмениот столб и секое одење кај лекарот, во болница, на операција, подразбирало тешки преговори со лекарите, сестрите, осигурителните друштва.

„Премногу често не можеме да се натераме да кажеме 'не' кога токму тоа го сакаме и кога знаеме дека треба. Или велиме 'не', но тоа го кажуваме на таков начин со кој оневозможуваме постигнување договор и го уништуваме односот. Се откажуваме пред несоодветните барања, неправдата, или почнуваме деструктивна кавга од која никој не излегува како победник.“

Дали и како кажуваме „не“ е од суштинско значење за квалитетот на нашите животи. Веројатно тоа е зборот за кој е најважно да знаеме да го кажеме достоинствено и делотворно. Дури и уметноста на лидерството, како што Јури го цитира Тони Блер, не е во тоа да кажете „да“, туку да кажете „не“.

Луѓето главно избегнуваат да кажат „не“ за да не го расипат односот. Или се плашат од освета (на пример, од шефот). Дека ќе останат без работа. Се плашат од сопствената вина која се јавува кога ќе помислат „го/ја повредив“. „Не“ навистина може да го загрози односот, констатира авторот, но избегнувањето да го кажете тоа во корист на зачувување на некој однос може да ве ослаби – вас. Затоа им угодуваме на другите. Заради тоа стануваме огорчени и кога ќе ни дојде преку глава реагираме побурно одошто треба, а потоа чувствуваме вина заради својот напад.

„Не“ е можно да се каже на многу погрешни начини. Заради тоа, многумина одлучуваат да не кажат ништо, надевајќи се дека проблемот ќе исчезне. А, всушност вријат од бес.

Но, што да се направи потоа? Проблем е тоа што ние луѓето сме склони ситуациите да ги набљудуваме како однос „или-или“. Ако кажам ќе се покајам, ако не кажам ќе се покајам. Во првиот случај се плашиме дека ќе го уништиме односот, а во другиот дека ќе се откажеме од себеси. Но, постои излез од оваа замка. Тоа е тактиката што ја користел Јури во преговорите ширум светот.

„Лекцијата ја научив од Ворен Бафет за време на еден заеднички појадок, кога ми се довери дека тајната на неговиот успех е во тоа што знае да каже 'не'. 'Седам по цел ден и гледам предлози за инвестиции. Велам не, не, не, не, не, не сè додека не наидам на една која е токму тоа што ми треба. И, потоа велам да. Сè што треба да направам е да кажам 'да' неколкупати во животот и сум го заработил своето богатство.

Зборчето „не“ помага да ги поставиме, одржуваме и браниме клучните граници, кои се суштински важни за заштита на она што ни е важно. Всушност, сè почнува од тоа да сфатиме зошто сакаме да кажеме „не“, и зошто сакаме да кажеме „да“. „Најголема пречка за да се каже успешно „не“ сме самите ние.“

Се сеќавам на еден процес на медијација кога поминав неколку дена со водачите на сепаратистичкото движење кое 25 години се борело за независност на својот народ. Прво што прашав беше, го разбирам вашиот став: независност. Но, зборувајте ми за своите интереси. Зошто сакате независност? Кои подлабоки интереси се надевате дека ќе бидат задоволени од независноста? Не знаеја. Никогаш систематично не помислиле зошто го прават тоа? Прашајте се: Што се обидувам да создадам со тоа што ќе кажам 'не'? Што сакам друго? Што се обидувам да заштитам со тоа што ќе кажам 'не'? Кој мој суштински интерес е во опасност ако кажам 'да' или едноставно да продолжам вака? Што се обидувам да променам со тоа што ќе кажам 'не'? Што може да се поправи ако се промени однесувањето?“

Петте вообичаени човечки потреби заради кои реагираме се: безбедноста или опстанокот, храната, пијачките и другите животни потреби, љубовта и припаѓањето, почитта и целите, слободата и контролата над сопствената судбина.

„Најголемата грешка што ја правиме кога некому велиме 'не' е тоа што почнуваме од 'не'. „Не реагирајте од бес или кои било други непријатни емоции како што се стравот или чувството на вина. Концентрирајте се на својата цел. Зошто сакате да кажете 'не'? Важно е да знаете зошто велите 'не', зашто со тоа себеси си велите 'да'. Нема шанси да успееме да воспоставиме контрола над својата природна реакција и емоциите. Лутината може да ве заслепи, стравот да ве парализира, а вината да ве ослаби.“

Јури како сликовит приказ ги дава преговорите помеѓу Чеченците и Русите во Палатата на правдата во Хаг. Тогаш чеченскиот потпретседател лично нападна велејќи: „Вие Американците ги поддржувавте Русите во нивните воени злосторства. А уште и го кршите правото на самоопределување на Порториканците...“ Јури помислил: „Каква врска имам со тоа“, но се воздржал. Почекал преведувачот да му преведе сè, вдишал длабоко и ментално го направил она што го нарекува „одење на балкон“ – ја изладил главата. А, потоа, поентирал: „Ја слушнав вашата критика на мојата држава и ја сфаќам како знак дека сме меѓу пријатели и дека можеме отворено да разговараме едни со други. Знам дека вашиот народ страдаше многу. Тука сме за да најдеме начин како да ги прекинеме страдањето и крвопролевањето. Ајде да се обидеме да осмислиме некакви практични чекори кои уште денес би можеле да ги примениме. Разговорот се врати на вистинскиот пат.“

Оној што треба да слушне „не“ природно може да стане глув за нашата порака и да реагира деструктивно во моментот кога ќе слушне „не“. Кога учествувал во преговорите во Венецуела, Јури сфатил дека најдлабокиот бес го предизвикало непочитувањето кое доаѓало од противникот, повеќе од политичките проблеми. Дури и ако не го почитуваме соговорникот, имаме избор како да се однесуваме. Затоа е важно да се подготвиме, да слушаме, да поставуваме прашања, или да изненадиме со признание. „Не“ секогаш треба да почне со „да“, потоа со поставување граници („не“), а потоа да се заврши со предлог или алтернатива. На пример, почетното „да“ има две основни цели: да ги изразува нашите намери и да му објасни на другиот зошто сме кажале „не“.

За да застанете зад своето „не“, мора да имате самодоверба. И задолжително план Б. „Ако верувате дека сосема зависите од соработката со другиот, станувате своевиден заложник, и тоа може да ве наведе да угодувате или да напаѓате. Во конфликтните ситуации многу е поверојатно дека другиот ќе го направи она што го сакате ако не ви е потребно да го направи тоа. Понекогаш го мешаме планот Б со отстапка, но тоа е алтернатива за договор. Тој не е вентил за фрустрацијата или лутината, туку грижа за вашите интереси иако другиот не соработува.“

За другите да ви кажат „да“ клучот е во изградбата на златен мост кој на другиот му олеснува да каже „да“ за договорот и „да“ за поздрав однос, вели Јури. „Како што вели Шекспир: 'Да постапиме како што прават противничките адвокати кои се борат жестоко, но јадат и пијат како добри пријатели.“

Извор: Nedeljnik

ОкоБоли главаВицФото