Платеник или писател?

11.10.2016 13:46
Платеник или писате?

Многумина деновиве а некои и порано, во коментар или во инбокс, на телефон или во живо, ме прашуваат како ги пишувам моите текстови, од каде ми е дарбата за пишување или како сум научил да пишувам. Луѓето овде кај нас некако по инерција очекуваат дека ако некој е полицаец, специјалец, војник или генерал, автоматски треба да биде ограничен. Ограничен на неговата професија или на нешто слично. Но, во реалноста не секогаш е така.

Мојата литературна приказна започнува во основното училиште „Ванчо Прќе“ во Штип. Не бев некој најсовесен ученик, иако сите одделенија ги завршив одличен. Не се сеќавам точно, но бевме трето или четврто одделение кога организирано ја посетивме библиотеката во Штип, која, патем се наоѓаше на педесетина метри од школото во кое учев. Тогаш првпат го почувствував мирисот на книгите. Мирисот на многу книги. Бргу потоа се навлеков на книги. Уште го немав завршено четврто одделение, а веќе ги имав прочитано сите лектири предвидени до осмо одделение.

Потоа се нафрлив на книгите од соседните полици. Ги читав ненаситно, со сласт. Читав сè што ќе докачам. Ја прочитав и дебелата книга за Гоце Делчев и огромната за Јосип Броз Тито. Читав за пат околу светот и за 20.000 милји под морето. Откако ги прочитав сите, буквално сите книги на детскиот спрат, се префрлив погоре на горниот кат. Таму продолжив да читам книги предвидени за возрасни луѓе. Но таму го открив и светот на филозофијата.

Во меѓувреме во Штип, се запишав во „Славчо Стојменски“, една од тогаш најстрогите гимназии во Македонија. „Македонски јазик и Марксизам со самоуправување“ беше насоката која ја одбрав со благослов на родителите. Таму, во штипската гимназија, секој ден имавме часови по „македонски јазик и литература“, а мојата класна Васка која ми го предаваше токму овој предмет беше извонреден човек, професор и педагог. Тогаш по малку почнав да застранувам од учење. Наместо да ги учам предметите од школо јас почнав да пијам вотка, мастика, вино и ракија читајќи дела од Сократ, Платон и Аристотел, од Кант и Ниче. За материјалното и духовното, за спознанието и агностицизмот. Најмногу ме замислија монадите на Лајбниц и метафизиката на сексуалната љубов на Шопенхауер. Но и многу други учења и правци.

Во трета година ја одбрав културолошко-просветната насока и продолжив да читам. Во класот бевме тројца машки и повеќе од четириесет женски. Во една прилика, во трета година, професорката по физика ме фати како под школската клупа го читам Хераклит Темниот од Ефес. Додека јас се трудев да сфатам дека овој свет е еден вечно жив оган кој со одредена мера се пали и со одредена мера се гаси, таа се чудеше а класот се смееше. Се смееја бидејки сите ја знаеја мојата страст за филозофијата. Потоа почнаа да ме викат „Филозоф“. Мојот прекар неколку години, барем за мојот клас, беше „Филозоф“. Не затоа што филозофирав, туку затоа што читав. Затоа што уживав да ја читам мајката на науките, филозофијата. Бидејќи цело е кога има сè, во трета и четврта година учевме и предмет Филозофија, и Логика, и Психологија, и Педагогија, и Историја на уметноста и нормално, многу, многу, македонски јазик и литература.

Истовремено, уште во основно, се навлеков и на романи. Не на стрип романи туку на „пишувани“ романи. Апачи Том, Док Холидеј, Буч Касиди и Санденс Кит и многу други вестерн јунаци. Хејзи, Мич Коуни и Лун од Х-100 крими едицијата. Т. Х. Грејч, Питер Вороб и Фредерик Ештон за мене станаа бардови на литературата. Иако некои ја викаа шунд, за мене беше вистинска уметност и литература. Нејзиното влијание врз мојот стил на пишување и изразување е огромно. „Момците од Дилвуд“ и „Подарокот на зелениот змеј“ ги имам прочитано по најмалку 50 пати и да ги најдам сега ќе ги прочитам најмалку уште по еднаш. Мојот татко Јаким, нека му е лесна земјата, беше шофер во текстилниот комбинат „Македонка“ од Штип и на секое враќање од пат, од камионот „Мерцедес Бенз“ ми носеше по десетина романи. Нема број кој излегол а јас не сум го имал и прочитал.

Потоа се навлеков на стрипот. Загор, Блек и Мистер Но, Алан Форд и Дилан Дог. Мочуришта, Чико, чудовишта и Црвени Мундири нацртани - мислиш се живи.

По завршувањето на гимназијата, на студиите на Факултетот за безбедност, се изначитав и еден куп стручна литература од областа на криминологијата, криминалистиката, разузнавањето, правото и психологијата.

Сè на сè, слободно можам да кажам дека во мојот живот имам прочитано милион книги, учебници, стрипови и романи. И нормално, ако е за арно, доста е.

Денес водам борба која не ми дава мир. Мир за шетање, мир за љубење, мир за читање.

Ирак, 09.10.2016.

 

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња