Македонија – земја на духови

12.10.2016 02:21
Македонија – земја на духови

Поради паланечкиот дух вграден во темелите на „барокот“, Скопје стана светски познато како балканска пародија на Лас Вегас. За мајтап. Арно ама, и Македонија, за жал, сè повеќе наликува на пустина…

Сè потажна е Македонија. Не онаа „вечната“ од нашминканите реклами за глорификување на власта и за (неуспешно) привлекување на туристите, и секако – не онаа „барокната“, онаа на „Ацета Наш“ или онаа „рајската“, со карикатуралните пораки од одамна издишаниот балон за ѓоа-странските ѓоа-инвестиции. Сè позапустена е Македонија и сè побројни се изгаснатите огништа. Некогашните иселеници барем пекаа да дојдат и да си умрат во татковината (добро, и да се покажат пред роднините и комшиите колку спечалиле…), а стотиците илјади млади, високобразовани или занаетчии, сеедно, цела деценија усвет фаќаат, за да не се вратат. Зашто немаат иднина во средината која им нуди бесмисленост, мутавост и слепа послушност како единствена шанса да опстанат. Најчесто, како партиски климоглавци или криминалци… Старите печалбари заминуваа со некаква надеж дека ќе се вратат, а нивните внуци и правнуци бегаат од „преродбеничката“ атмосфера, во која виреат само сечикеси и безидејни креатури, на кои им одговара долносувањето на стандардите, непочитувањето на традицијата и на критериумите, препелкањето во батакот… за да можат да се претставуваат, море и рекламираат, дека се градители, демократи, верници…

Во само еден ден, како дел од тричлениот тим на ЦИВИЛ, посетив пет општини. Во Македонија. Запустена…

Во центарот на Гевгелија, на пазарен ден, се обидував според физиономиите да проценам дали меѓу стотиците Грци, дојдени на за нив евтиниот шопинг, има и по некој македонски државјанин, за да му врачам флаер, да помуабетам за изборите, за иднината… Како и во секој град од нашата тура, освен децата на училишна возраст, на улиците речиси и не може да се видат млади луѓе. Дури ни по кафулињата…

„Е, нема млади, дење спијат, ноќе работат во коцкарниците, ама ако…. Барем имаат пари. Потоа, кога ќе наполнат триесет и нешто, се обидуваат да искористат некое познанство, да продолжат на бродови-коцкарници, или на крузери… Оние кои не работат, или веќе избегале надвор, или седат по дома, чекаат бугарски пасоши, или се снаоѓаат да заминат, да работат некаде на црно“, ми вели еден средовечен соговорник.

Богданци, четврток попладне. Од гратчето како да се иселиле жителите. Ретките минувачи на кои сакаме да им понудиме информативни материјали за да аплицираат за краткорочни или долгорочни набљудувачи на ЦИВИЛ за декемвриските избори, главно нè пресекуваат со контра-прашање: „Колку се плаќа?“. Овој пат, не го сретнав ни богданчанецот, некаде на моја возраст, кој на минатомесечната посета, ми го фрли в лице флаерот, нарекувајќи ме предавник и странски шпион. Ретките гости во кафулињата, во поодминати години, не сакаат да зборуваат за политика. Воопшто. Пцујат за тешката економска ситуација… Нажалено зборуваат за времињата кога во нивното гратче убаво се живеело, а еден дедо го привлекува вниманието на мојата колешка, која го продолжува муабетот со него, со резигнираната констатација: „За ова не се боревме!“ . Во гратчето, кое некогаш беше поим за гориво, камиони, автобуси… ретки се и автомобилите на улица…

Во двете кафулиња во центарот на Валандово, по два-тројца гости тераат кафе-муабет. На улиците, едвај по некој минувач. Сите забрзани, секој со својата мака. Сме задоцниле за пазарниот ден. Млада продавачка, седната пред дуќанот во кој ретко кој влегува, нè моли да не ја фотографираме, ама вели дека е заинтересирана да биде набљудувач, иако не ја сака политиката. „Ќе може во некој друг град да набљудувам, колку да се тргнам малку оттука“, ми вели, тврдејќи дека тоа ѝ е поважно и од евентуален финансиски надомест за ангажманот. Момче, кое вели дека џабе ќе има факултетска диплома во џебот, ме прашува дали некако може да го „повлечеме“ во Скопје. Откако ни рече дека живее со родителите, на прашањето, како би преживеал во Скопје со плата од некои двесте евра, ако плаќа и кирија, ги крева рамениците и промрморува нешто за ѓаволштините на сиромавиот човек. Една повозрасна госпоѓа пред салата „Јанко Узунов“, вели дека би се пријавила за сè што се плаќа, оти секое дополнување на социјалната помош е добредојдено…

Плажата во Дојран – пуста. Само двајца Словенци ни велат дека воздухот бил чист и дека е евтино. И на улиците нема минувачи. На пазариштето, неколку разговорливи продавачи, кои барајќи флаери, нè прашуваат дали воопшто ќе има избори. Инсистираат да не бидат фотографирани. Пред „Фук-Так“ автомобили со грчки регистрации. Домашни гости речиси и нема. Келнерот љубезно ни препорачува плескавици од икра, ама се жали дека цел ден во градот нема вода, не знае зошто. На прашањето како работи кујната, како ги мијат садовите, како функционира тоалетот – без вода, воздивнува… Во автобусот кој минува по главната улица не забележувам патници. „Е, толку беше сезоната, 40-тина денови, и вие новинарите, де загадено, де пирани… А, и што сакате, па октомври е, вратете се пак во мај, ќе има луѓе“, ни вели еден пензионер, кој си фрла зарови со комшијата, да му мине времето.

Струмица навечер. Раздвиженост на централниот плоштад, со коментари на колегите од локалните медиуми дека за повозрасните е доцна, а за младите струмичани – многу рано. Иако не може да се споредува со гратчињата кои претходно ги посетивме, сепак, и тука, покрај изборите, како една од ударните теми – ни ја сервираат приказната за бугарските пасоши. Побарувачката по нив не стивнува, иако, не е како порано, зашто под притисок на ЕУ, сега и бугарските власти го одолговлекуваат процесот на издавање патни исправи и до две, па и три години.

Ако продолжи овој тренд, Македонија ќе биде само територија, која можеби и ќе остане во овие граници, ама во која ќе живуркаат само закрепостените патриоти – носталгичари, сиромашните кои не можат да си заминат и оние кои цврсто решиле тука да бидат закопани. „Земја на духови“ во која ќе „живеат“ само спомениците на лудилото и невкусот, како кулиси за водвиљот што ја брка публиката и сеќавањата на старите добри времиња, кога дотолку се занесовме во соништата за „успешната приказна“, што не ни забележавме дека некој ни ја украде денешнината и сурово им ја избриша иднината на нашите деца и внуци.

Извор: civil.org.mk