Идеализации?

12.10.2016 11:55
Идеализации?

Споменик на Михајло Апостолски

 

За многумина, изгледа, се разбирливи несовпаѓањата, разликите (разбрани во најширока смисла), дури и импровизациите во нашите претстави (на спомениците, се разбира) на еден Александар Македонски, Јустинијан, Самоил и други, наспроти валидните историски сведоштва за тие личности. Ние се вадиме со тоа дека станува збор за личности од пред многу векови, за кои или воопшто нема или има сосема малку веродостојни податоци за ликот / изгледот, карактерот, постапките… што, инаку, не е точно. Всушност, за сите спомнати, и за многу други, постојат и прилично веродостојни описи, дури ликовни претстави – современи (од нивното време) или малку подоцнежни – на кои што уметникот може(л) да се повика односно да ги користи при вообличувањето на споменичката претстава. Описи на физикусот на Александар Велики (Македонски) има многу, заедно со подеднакво бројните уметнички дела кои, за чудо, не се разликуваат премногу едно од друго во претставувањето на неговиот лик. Тука и „нашиот“ многу не отскокнува. Ликот, пак, на Јустинијан е познат од мозаикот во базиликата Сан Витале во Равена (6 век), Св. Софија во Истанбул (10 век) и др., и не знам зошто ние сме имале потреба толку да го разубавуваме човекот кој, сепак, бил прилично грд. Впрочем, ништо поубав не бил ни Самоил, барем според познатите реконструкции на ликот направени врз основа на неговиот череп.

Од друга страна, и таму каде што има(ме) едно чудо валидни (фотографски) сведоштва, како за многумина од групата македонски револуционери од илинденскиот период – истите уште помалку ги почитуваме туку им дозволуваме на „уметниците“ да си играат мајтап со таквите личности. И тоа апсолутно нема никаквa врска со т.н. уметничка слобода, за која што, сепак, ќе спомнам малку во друга прилика.

Споменик на Карпош

Но, кога личности кои безмалу до вчера сме ги гледале низ Скопјево ни ги претставуваат како нешто сосема поинакво, тоа, тогаш, најблаго речено, е – сквернавење! И не мислам дека грешам. Доказ за тоа е коњаничкиот споменик на Михајло Апостолски, веќе легендарниот генерал од македонскиот (у)дел во антифашистичката борба, личност позната и од поствоениот период како долгогодишен претседател на МАНУ, човек кого можевме да го сретнеме во многу прилики низ секојдневниот живот. Сега, кога го гледаме онака натопорен врз коњот кај кружниот тек на хотел „Континентал“, гледаме сè само не и Михајло Апостолски. Човекот кој го знаевме таму го нема, туку има некаква друга фиктивна фигура, каскадерски исправена (зошто?) врз коњ како пресликан од Тројанската војна, со некакво нејасно, нечитливо движење на раката во стилот на магионичар во шинел! И овде веќе не е проблем дали Апостолски навистина јавал коњ во текот на Втората светска војна, дали навистина го јавал (и) на тој начин, туку прашањето е: кој воопшто е тој човек качен на тој коњ и спуштен на кружниот тек кај хотел „Континентал“, а кого некој, или некои, сакаат да ни го подметнат како генерал Апостолски? И зошто? Која е смислата на ваквата поза на еден командант на македонските партизански одреди во Втората светска војна и дали неговиот релативно скромен по волумен физикус не му оставал впечаток на „уметникот“ па сметал дека треба вака да го нагрди? Или мислел дека доза на холивудска „идеализација“ нема да биде на одмет? Ваквата „идеализација“ – случајна или намерна – е непозната дури ни во времето на социјалистичкиот реализам во Македонија!

Иван Мештровиќ, Крале Марко

Еден друг тип на „идеализација“, но со примеси и на лековерност дека никој нема да забележи ништо, ни се отвора и при секое ново поминување преку Камениот мост кон Старата чаршија каде, од десната страна, на самиот кеј, стои коњаничката скулптура на некој кој се обидува да го глуми познатиот ајдутски војвода Карпош. И тој Карпош војвода е прикажан не како нормален македонски селанец туку како митолошки титан, смуртен и напнат како веднаш да ќе се втурне во крвав бој со Османлиите кои, бидејќи е гол и бос, се претспоставува дека веќе му земале сè, дури и опинците. Останал само – „голиот живот“ и мајка Македонија?!

Иван Мештровиќ, Стрелец

А всушност, од друга страна, гледате дека ликот е познат, коњот е познат, ама никако не како Карпош и (евентуално) неговиот коњ, ако воопшто го имал! Зашто фигурата / ликот е целосно симнат од познатата скулптура „Крале Марко“ (1910) од Иван Мештровиќ (се наоѓа во Народниот музеј во Белград), а коњот од ремек-делото „Стрелец“ (1928) во Чикаго, исто така од Мештровиќ! Комбинацијата на ликот од едното дело, со коњот од другото, го дала нашиот – Карпош војвода!!! Кој во слободно време, кога не ги гони Османлиите, може комотно да се се врати во оригиналната улога на Крале Марко и да го гони црна Арапина.

Нашиов Карпош кој во слободно време го глуми Кралета Марко имаше чест по него да го нарекуваат и плоштадот кај црквата Св. Диимитрија, ама тоа траеше кратко, додека таму не се спушти големиот ни Филип Втори, одземајќи му ја честа на Карпош и патем, одважно, отпоздравувајќи му на сина си отаде мостот. Некој, како и јас, срамежливо би прашал зошто, пак, Филип не бил почестен со коњ? Ако некој навистина го заслужил, и тоа, можеби, баш онаков како од Мештровиќ, тоа би бил овој наш предок. Или мислеле дека приказната со доилката Олимпија – која ама баш воопшто не личи на Анџелина Џоли, освен можеби во градниот кош – повеќе ќе ги трогне денешниве антиквизирани Македончиња?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото