СДСМ: Во музејот на ВМРО Ванчо Михајлов е херој, а се негираат партизаните!

13.10.2016 02:11
СДСМ: Во музејот на ВМРО Ванчо Михајлов е херој, а се негираат партизаните!

Како се претставени партизаните во „Музејот на македонската борба за државност и самостојност“

 

„Денеска се наоѓаме пред Музејот на македонската борба за државност и самостојност за кој се потрошени повеќе од 17 милиони евра, пари на граѓаните, а во него воопшто ги нема клучните датуми и ликови од македонската борба за државност и самостојност“, изјави на денешната прес-конференција Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

Шилегов обвини дека во музејот воопшто не се спомнува 11 Октомври, кој вчера го славевме како ден на народното востание и борбата против фашизмот: „Ги нема првоборците од 1941, првите партизански одреди, клучните битки во НОБ, во кои партизаните и партизанките се изборија за македонската држава. Од музејот се избришани создавањето на македонска народноослободителна војска, Февруарскиот поход, првите органи на народната власт.“

Шилегов изјави дека оваа зграда не е Музеј на македонската борба за државност, затоа што „антифашистите се претставени како крвници, а фашистите и нивните соработници како жртви на комунизмот“.

„Во оваа зграда нацистичкиот слуга Ванчо Михајлов е претставен како херој, а се негираат вистинските херои од НОБ кои пожртвувано се бореа и се изборија за слобода и држава со име Македонија“, укажа Шилегов.

Сцена од музејот во која се претставени Ванчо Михајлов и неговите атентатори

СДСМ укажува и дека во музејот „нема место ни за клучните политички фигури кои се изборија без капка крв за самостојна Република Македонија“.

„Во името на сите комити, партизани и политичари кои се бореа, се изборија и ја изградија македонската држава, во името на правдата, во името на вистинската историја на Македонија, ветуваме дека по 11 декември ќе го ослободиме партискиот музеј на обвинетиот Никола Груевски од лажните херои и од лажната историја“, поентираше Шилегов.

Извор: Слободна Македонија

ОкоБоли главаВицФото