Зошто правдата за животните е општествено движење на нашето време

13.10.2016 11:22
Зошто правдата за животните е општествено движење на нашето време

Оваа година, водениот парк од Орландо - SeaWorld конечно попушти пред притисокот на јавната критика и стави крај на својата програма за размножување на орки (китови убијци). Сега постоечката ќе биде последната генерација на орки кои ќе живеат во заробеништво на SeaWorld. Соопштувањето на веста за оваа промена уследи по многуте направени меѓународни напори да се признаат правата на китовите и делфините.

Вестите од SeaWorld пристигнаа точно по една година откако од циркусот со животни Ringling Brothers, првпат јавно изјавија дека ќе престанат со користење на слонови во своите циркуски шоуа.

Овие две достигнувања покажуваат дека сè повеќе и повеќе луѓе веруваат во тоа дека нечовечките животни (non-human animals) се вклопуваат во рамките на системот на социјална правда. Растечката загриженост за животните се рефлектира во голем број книги, статии, списанија и филмови кои отворено говорат за ужасот кој им е наметнат на животните. Ширум светот, сè поголема станува побарувачката на документарците како Blackfish, Cove, Parrot Confidential, Project Nim, и Cowspiracy, што јасно го илустрира високото ниво на јавен интерес за прашањето на животните.

Овие трендови на пораст во интересот за животните се поддржани од бројни истражувања на јавното мислење. На пример, од шест анализирани каузи вклучени во едно истражување од 2014 година, направено од страна на Humane Research Council и спроведено на 1000 Американци, заштитата на животните била рангирана како кауза со предност во својата важност, проследена со каузата за заштита на животната средина и граѓанските слободи. Бројот на силни поддржувачи за заштита на животните скоро двојно се зголемил во периодот помеѓу 2005 и 2014 година.

Понатаму, една Gallup анкета од 2015 покажала дури дека најмалку една третина Американци веруваат дека „животните заслужуваат исти права како луѓето, во поглед на тоа дека треба да бидат ослободени од злоупотреба и експлоатација“.

Посветете барем една минута да размислите за тежината на ова тврдење - и неговите потенцијални импликации.

Јас се вбројувам меѓу таа третина Американци кои се согласуваат со заклучокот на Gallup анкетата во врска со животните.

Како интернист, доктор по превентивна медицина и јавно здравје, кој работи во доменот на човековите права, последните десет години ги минав обидувајќи се да спречам човечки болести и нарушувања пред тие да се случат. Се посветив на лекување тешки здравствени состојби, како и на проценка на барателите на азил за индиции за тортура, грижејќи се за преживеаните од сексуално насилство, и обидувајќи се да ги променам социјалните детерминанти на здравјето. Претходно, поминав четири години на колеџ, четири години во медицинско училиште, една година како практикант - работејќи повеќе од сто часа неделно, и четири години комплетирајќи две медицински програми. Денес, целата моја работа како доктор е водена од мојата потрага по социјална правда.

Некој можеби би бил изненаден од фактот што верувам дека походот по правда за животните е општественото движење на нашето време. Но, повеќе од што било, јас навистина верувам во тоа. Еве зошто. Како и ние, животните се длабоко ранливи суштества. Всушност, голем дел од нашата сопствена ранливост произлегува од фактот дека и ние сме животни.

Повеќе не постои спор меѓу сериозните научници дека луѓето не се единствените животни кои имаат капацитет да страдаат, како физички така и ментално. Слоновите, приматите, орките, кучињата, мачките, и останатите животни можат да доживеат депресија, посттрауматски стресни нарушувања (PTSD), анксиозност и компулсивни нарушувања. Во една студија, првпат објавена во 2011 година, моите колеги и јас покажавме како шимпанзата користени во биомедицинската и индустрија за забава и анимација, страдаат од PTSD и други ментални нарушувања - слично со психијатриските состојби кои ги имам документирано кај луѓето коишто преживеале тортура (за повеќе информации во врска со ова погледнете го изданието - Psychological Disorders in Animals: A Review of What We Know).

Страдањето кај животните не е помало од нашето. Возможно е тие да страдаат дури и многу повеќе од нас, едноставно поради нивната неспособност да го разберат тоа што им се случува, да ја сфатат сопствената голгота, да ја избегнат, или да ги променат условите во кои се затекнати (за повеќе во врска со ова видете го изданието - Do "Smarter" Dogs Really Suffer More than "Dumber" Mice?).

Во моментов, сите наши правни, економски и културолошки парадигми ги прават животните уште поранливи отколку што веќе се. Како и многу од пациентите за коишто сум се грижел, животните немаат политичка моќ. Но, тие, исто така, се сметаат и како сопственост. Тие може да се купуваат и продаваат – што не е толку поразлично од ситуацијата на многу девојки и жени низ целиот свет, за чиишто права, јас и моите колеги се залагаме.

Историски гледано, уште од постаро време, некаде околу 19-от век, суровоста кон ранливите категории луѓе - како што се децата, а истовремено и суровоста кон животните, се третирале како една обединета проблематика. Јавноста препознала дека насилството врз луѓето и насилството кон животните имаат заеднички корен, па следствено на тоа барале слично решение. На злоупотребата на животните се гледало како на „лизгава патека“ која води кон човечки злоупотреби. Почитувањето на животните било сметано за прв критичен чекор кон праведноста и напредокот.

Меѓутоа денес, работејќи на одделни каузи, движењата за правата на луѓето и животните пропуштаат важна можност. За среќа, постои едно растечко модерно движење која ја препознава силната врска помеѓу насилството врз луѓето и животните.

Некои луѓе се загрижени за тоа што ќе се случи со луѓето ако се сфати животот на животните посериозно. Но, за среќа, препознавањето на потребите на животните не го минимизира тоа - кои сме ние како луѓе. Напротив, идните достигнувања за животните можат да ни помогнат да ја подигнеме колективната свест и да значат придобивка, слично како што признавањето на правата на жените и девојчињата им помогна на мажите и момчињата, како што видовме во борбата против сексуалното насилство и во другите области на општеството.

Иако треба да се направи понатамошен напредок во име на ранливите човечки популации, правата на луѓето и животните меѓусебно не се исклучуваат. Ова не е игра со нула-износ. Напротив, постои заедничка основа на која цврсто стојат оние кои работат и се борат во името на луѓето и животните - заедно, заради заедничкиот потенцијал за страдање, и затоа што многу решенија за успешна борба против доминацијата, насилството и злоупотребата се универзални.

Во срцето на секоја заложба (и резолуција) за човековите права е уверувањето дека ние како луѓе, не треба да бидеме неправедно затворани, ниту да трпиме тортура и други злоупотреби. Нема солидна причина зошто ова уверување не би требало да се примени и во врска со животните. Животни поседуваат квалитети кои ги сметаме за значајни и на чија основа ги базираме законските права на луѓето - како самосвест, потребата за суверенитет, капацитет за страдање, љубов и емпатија.

Никогаш нема во целост да ги поништиме неправдите од кои страдаат луѓето во светот без деконструкција на истите проблеми, кои водат до страдање на животните.

На крајот на краиштата, треба да се соочиме со прашањето „Како ќе ги третираме оние кои се најранливи за нас - луѓе или животни? Како ќе постапиме? И што ако не постапиме адекватно и навремено?“

Како што видовме во примерот на SeaWorld, жестоката јавна реакција може да ја направи сета разлика во светот.

Времето е токму сега, да прифатиме дека правдата за животните е општественото движење на нашето време, и сите ние треба да сториме нешто за да го направиме ова реалност во моментов.

Превод: Ива Апостолска
Објавено во: „Анима Мунди“ - здружение за заштита на животни
Оригинален извор на есејот: www.psychologytoday.com

Слики: Брин Левинсон