Никола Груевски ја доби Нобеловата награда за архитектура

13.10.2016 20:10
Никола Груевски ја доби Нобеловата награда за архитектура

ШВЕЦКА (Е-Би-Си) – Македонскиот политичар и криминалец Грујо е добитник на Нобеловата награда за архитектура за 2016 година. Четириесет и шестгодишниот економист, кој во слободно време си игра архитект, ја доби наградата „за создавањето на еден нов поетски израз во богатата македонска турбо-фолк архитектура“.

Грујо е роден како Никола Груевски во 1970 година и ја започна политичката кариера како министер за финансии во периодот 1998-2002 година. Основно и средно образование завршил во Скопје. Дипломирал на Економскиот факултет во Прилеп, при Универзитетот „Св. Климент Охридски” - Битола во 1994.

Поголемиот дел од неговата политичка кариера е полн со промашени проекти, а во 2009 година, од позиција на премиер на Македонија, тој решава да се впушти и во архитектонските води, па се јавува како идеен творец на скандалозниот и криминален проект „Скопје 2014“, со којшто македонскиот главен град се вброи меѓу најтурбо-фолкерските градови во светот. Иако проектот е проследен со бројни недостатоци, недоследности, импровизации и малверзации, тоа не го спречи Нобеловиот комитет за архитектура да воведе специјална награда за македонскиот архитект познат под креативниот псевдоним Грујо.

Веќе подолго време се шпекулираше дека Грујо би можел да добие Нобелова награда за архитектура, но малкумина стручњаци очекуваа Академијата да го прошири спектарот на оваа престижна награда во жанр како што е турбо-фолк архитектурата.

Наградата ќе му биде врачена на специјална свеченост, а освен плакета се очекува Грујо да добие и неколку години затвор.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото