Боб Дилан ‒ „Пикасо на песната“

14.10.2016 12:40
Боб Дилан ‒ „Пикасо на песната“

Уште во мошне раниот стадиум на кариерата на Боб Дилан, критичарот на Њујорк Тајмс за областа на фолк музиката, Роберт Шелтон, го опиша кантавторот како „еден од музичко‒поетските гении на нашата епоха“. Книжевниот критичар Френк Кермод ги вознемири духовите кога во шеесеттите години го спореди Дилан со Китс и Вордсворт. Пол Вилијамс го опиша делото на Дилан како „голема уметност“. Леонард Коен во 1995 година изјави дека е Дилан „Пикасо на песната“, за во 1998 во интервју за Мјузишн магазин повторно да го спореди со Пикасо по „бујноста, опсегот и асимилирањето на целата историја на музиката“.

Тврдењето дека Дилан е голем поет на својата генерација поттикна жолчна расправа во која се вклучија и критичарите и претставниците на академскиот свет. Меѓу вториве имаше многумина кои таквиот став со презир го отфрлаа, истакнувајќи дека е Дилан само конфузен имититатор на Џек Керуак, духовно бос и сосема несуптилен кога станува збор за поезијата. Нил Коркоран смета дека текстовите на Дилан ретко можат самостојно да опстанат како поезија. Коркоран двосмислено се изјаснува за Дилановото право да биде третиран како поет и со резерви го изнесува мислењето според кое Дилан, иако не е поет во конвенционална смисла, на начин на голем поет располага со јасност на изразот, со снага на поетските слики, со префинетост на јазикот и со нијансираност на значењата на зборовите во различни контексти.

Каква и да е втемеленоста на ваквите тврдења, не може да се негира дека Дилан на поезијата ѝ донесе популарност, дека од скриената сенка на чисто академска работа ја изнесе пред нова и љубопитна публика, која дотогаш не се беше истакнувала со преголема префинетост при размислувањето за културата и уметноста. Хенриета Јурченко во 1966 заклучи дека Дилан, „дури и ако не остварил ништо друго, заслужен е за сегашниот мошне раширен интерес за поезијата“. Кон тоа го додаде и следново согледување: „Тој на поезијата ѝ подари значај и место каков што таа никогаш дотогаш го немала во животот на Америка. Згора на сè, тој е бард ‒ поет кој пее во рамките на древна но мошне занемарена традиција.“ Адријан Ролингс, во коментар за Дилановата австралиска турнеја во 1966 година, рече дека тој ја спаси поезијата од опскурноста „на начин на кој ни Елиот ни Паунд ни американското движење за џез поезија тоа никогаш не би можеле да го направат“.

Приближно во времето кога слушал американски фолк и блуз, Дилан почнал да ги чита Гинзберг, Гери Снајдер, Филип Вејлан и Френк О’Хара. До поезијата за пеење Дилан стигнал преку Вуди Гатри, за кого Били Брег рече дека е најдобриот американски поет од тој тип од времето на Волт Витмен. Мошне е веројатно дека во 1960 година Френк Витакер, пријател од Минеаполис кому се припишуваат заслугите за првата голема преобразба на Дилан (повлечениот студент од маргините на престижното друштво се претворил во еден од најинтересните типови во градот), го запознал Дилан со творештвото на Керуак и на бит поетите, посебно Гинзберг и Ферлингети. Тоа било времето кога Дилан го читал Гатриевиот Пат до славата, дело кое ќе го преобрази во лик на искусен патник со акцент од Оклахома, и со ново минато.

Во Гренич Вилиџ тие поетски влијанија се прошириле. Фолк музичарот Дејв Ван Ронк го поттикнал Дилановиот интерес за поезијата на француските симболисти. На Дилан посебно му се допаднал Рембо којшто бил бунтовник што сакал да допре до поширока публика со својата поезија во која ги оспорувал сите видови утврдени авторитети, вклучувајќи ги црквата и државата. Како и Вуди Гатри, Рембо живеел живот на скитник и многу пиел. Згора на тоа, изобилно консумирал марихуана и опиум. Тврдел дека за поетот, за да се преобрази во пророк и визионер, неопходно е да ги поремети и вознемири сетилата со продолжениот процес на растројство. Блејк, кому му се восхитувале и Гинзберг и Дилан, уште поотворено изразил слични чувства: „Патот на порокот води до дворецот на мудроста“ (од Пеколните пословици). Тогашната Диланова склоност кон алкохол и прекумерно користење дроги временски се поклопува со развојот на неговата апстрактна, речиси надреалистичка поетска фаза, која самиот ја опиша како период на „халуцинаторни песни“. Ван Ронк го заинтересирал и за Бертолт Брехт. Сузи Ротоло, која на омотот на албумот The Freewheelin' Bob Dylan се појавува во поза речиси идентична со онаа на фотографијата на Дилан и Кејтлин Томас снимена во истата њујоршка улица, во тоа време се дружела со актерската трупа која ги поставувала драмите на Брехт во театарот „Серкл ин д сквер“ во Гренич Вилиџ. Им помогнала правејќи сценографија за претставата Брехт за Брехт, а Дилан често доаѓал да ги види шестте актери кои ги увежбуваат песните на Брехт напишани со музиката на Курт Вајл. Сузи Ротоло сведочи како на Дилан посебно му се допаднала песната „Пиратушата Џени“, заштитниот знак на пеачката Лота Лења. На албумот The Times They Are A‒Changin' на кој е и песната "Boots of Spanish Leather", балада за изгубената љубов на Сузи, се чувствува врската со Брехт; уште повеќе во песната "The Lonesome Death of Hattie Carrol", која всушност е заснована на Брехтовата песна „Пиратушата Џени“.

Сузи Ротото била исклучително начитана, па го запознала Дилан со делата на поетите Франсоа Вијон, Евгениј Евтушенко и Роберт Грејвс, со кој и се сретнале во Лондон. Грејвс многу не се заинтересирал за амбициозниот, неуреден и со мал раст Американец кој му ја буткал својата поезија под нос. Дилан се вратил во Њујорк опишувајќи го Грејвс како „стар гомнар“.

Дилан свесно се обидел да го надмине обичното римување на зборовите кое било типично за повеќето поетски форми што се пееле со музика. Во едно интервју од 1966 изјавил дека своите песни ги напишал само за да можат да се читаат или рецитираат без поддршка на ритмот или мелодијата. Уште во 1963 заклучил дека обликот на песната за пеење го ограничува, дека го доживува како медиум во кој веќе не може докрај да ги изрази своите мисли и чувства, ниту може да ја искаже силата на влијанијата на кои бил изложен. Во почетокот реагирал така што ѝ го вртел грбот на песната, посебно на оној актуелно-ангажиран жанр кој за него во тоа време веќе станувал стереотип. Во текот на 1963, што делумно се поклопува со неговата прва средба со Гинзберг, Дилан сè повеќе се изразувал во слободен стих и во проза. Тие дела главно биле автобиографски, вклучувајќи го и текстот „Живот во украден момент“, објавен во програмата на концертот во Таун Хол, како и текстот „Последни размислувања за Вуди Гатри“, кој го изрецитирал како бис на тој концерт. Врв на таа писателска фаза е книгата Тарантула објавена 1966 година. На омотот на книгата Мајкл Греј делото го опишува како „надреализам на спид, фантазмагорично патување низ Америка“.

Извадок од книгата: David Boucher, Dylan & Cohen (2004)

Слични содржини

Книжевност / Теорија
Книжевност / Психологија / Култура / Теорија
Книжевност / Култура / Теорија
Книжевност / Музика

ОкоБоли главаВицФото