Сто години дадаизам (2)

14.10.2016 15:06
Сто години дадаизам (2)

Кабаре Волтер во Цирих, каде се собирале дадаистите.

 

Името со скапоцена содржина. Дефиниции и полемики


Како и за други значајни настани, така не знаеме кој точно му го дал името на движењето настанато 1916-та во Цирих. На осумнаесетти април таа година, Хуго Бал бележи во својот дневник: „Цара нè малтретира по повод објавувањето на едно списание. Мојот предлог да го наречеме Дада е прифатен. Што се однесува до редакцијата, можеме да се менуваме: да имаме заеднички редакциски одбор којшто на секој член на редакцијата би му го давал уредувањето на одреден број”.4 Што се однесува до Цара, тој во својата „Циришка хроника“ од 1919 г., по повод објавувањето на списанието Cabaret Voltaire, пишува донекаде рамнодушно: „Еден збор е роден, не се знае како. Дададада. Се заколнавме на пријателство врз таа нова трансмутација, која не значи ништо, а беше најстраотен протест, најсилна вооружена потврда на спасот слободата клетвата масата борбата брзината молитвата спокојот приватната герила на негацијата и чоколадото на очајниците”.
5

Сепак, не минува многу време пред да се разгори полемиката во самото движење Дада, а на иницијатива на Рихард Хилзенбек кој 1920-та напишал: „Зборот Дада го најдовме случајно, Хуго Бал и јас, во еден германско-француски речник, барајќи име за госпоѓата Лероа, кабаретската пејачка. Тоа е впечатливо по својата краткост и по сугестивната сила”.6 Во Париз, противниците на Цара тоа му го земаа како изговор за да му го оспорат татковството коешто тој, впрочем, никогаш и не го барал (како што покажува горниот навод), и повторно да ја доведат во прашање неговата улога при настанувањето на движењето. Со хумор соодветен за тој тип на залудни спорења, Арп, во својство на очевидец од првиот момент, завршува со едно вакво тврдење: „Изјавувам дека Тристан Цара го беше пронашол зборот ДАДА на 8 февруари 1916 во 6 часот попладне; бев присутен со дванаесетте свои деца кога Цара прв пат го изговори зборот што во нас предизвика оправдано воодушевување. Ова се случуваше во кафето 'Тераса' во Цирих и јас во левата ноздра носев брион-лепче. Убеден сум дека тој збор нема никакво значење и дека само будалите и шпанските професори можат да се интересираат за датумите”.7

Наспроти имагинацијата и внатрешните противречности на таа изјава, историчарите на дадаизмот се потпираат врз неа за да ги обележат околностите во коишто настанало името Дада. Всушност, на тоа прашање не би му придавале толкава важност ако од наметнувањето на името не потекнуваше севкупното значење припишано на движењето. Ова добро го забележа Жорж Рибмон-Десењ: Мнозина сметаат дека измислувањето на името Дада значеше измислување на самото движење Дада. Работата е чудна, бидејќи ако е неможно да се дефинира движењето Дада, а да не му се даде име, ако 'движењето' стана она што е дури откако можеше да се именува, во тој момент тоа ја загуби суштината на своето својство на едно континуирано 'движење'“.8

Дадаистички списанија и публикации.

Тоа беше и заклучок на Андре Жид: движењето Дада можеше да се именува само ако престане да постои. Бидејќи, Дада е генеричко име, шатор измислен да покрие ништожество. Секој негов зачетник се труди да му даде дефиниција тргнувајќи од сопственото чувство на Ништото. Прв, Хуго Бал, од него го извлекува и однесувањето на дадаистот, и кој подоцна на движењето ќе му даде личен печат:

„Тоа што ние го нарекуваме Дада е луда игра на ништожество во коешто се измешани сите најголеми проблеми; потег на гладијатор; игра со бедни отпадоци; смртна казна над моралноста и разметливото богатство.

Дадаистот го сака необичното, дури и апсурдното. Тој знае дека животот се потврдува во противречноста и дека неговото доба, како и секое друго, тежнее кон уништување на она што е великодушно ведро. Тој, значи, со радост ја прифаќа секоја маска, секоја игра миженка, под услов да му овозможат да го насанка својот свет (...)“.9

Штом присуствува на општиот крах на естетиките, религиите, па и идеологиите, дадаистот може уште само да ги поттурне работите во насока на уништување или, пак, да ужива во пасивното набљудување на сломот. Можен е и трет став, ставот на кловн или циркуски најавувач кој се труди да учествува во трагичните случувања, дури и да ги организира, смеејќи се од страв да не заплаче. Тој став го усвои Рихард Хилзенбек во својот поздравен говор кон публиката во кабарето „Волтер“, кога го пародираше Комунистичкиот манифест: „Благородни и почитувани граѓани на Цирих, студенти, занаетчии, работници, скитници, бесцелни талкачи од сите земји, обединете се! (...) Ја пронајдовме Дада, ние сме Дада и ја имаме Дада. Дада е најдена во еден речник, тоа не значи ништо. Тоа е значајно ништо чиешто значење е да значи нешто. Ние сакаме да го промениме светот со ништо, сакаме да ги промениме сликарството и поезијата со истото тоа, а и војната сакаме да ја завршиме со ништо. Овде сме без некоја намера, немаме ни трошка намера да ве разонодиме или забавуваме...“10 Во ова постои совршена согласност меѓу дадаистите, без разлика на различните ставови што подоцна ќе ги заземаат. Така Тристан Цара на почетокот на Манифестот на Дада 1918, предупредува: Дада не значи ништо. Ако го сметаме за ништожно и не губиме време на еден збор кој не значи ништо...“11 Всушност, не е важна употребата на слогот којшто се повторува во сите јазици бидејќи дадаистите, избирајќи го, немаат намера да означат ништо друго туку апсолутното ништожество. Еден лингвист, Жан-Клод Шевалие, залудно ќе забележи дека, од лингвистичко стојалиште, тврдењето дека „Дада не значи ништо нема никаква смисла“12, бидејќи сепак стои дека налепницата, за нејзините приврзаници, не би можела да има смисла по себе. Таа е само гласовна кукла, кадарна да ја прими секоја содржина, одејќи им нарака на сите можни асоцијации на идеи. Едновремено и сè и ништо. Во 1920- та, Пол Дерме, којшто се беше прогласил за „картезијански дадаист“, сакаше да воведе малку разум во оваа проблематична област: „Дада не е книжевна школа ниту естетичка доктрина. Во суштина Дада е арелигиозен став, аналоген на оној што го има научникот припиен до микроскопот (...) Уривајќи го авторитетот на принудите, Дада тежнее да го ослободи природното делување на нашите дејности. Дада, значи, води кон аморалноста и кон најспонтаната, а според тоа и најмалку логична лиричност. (...) Дада уништува и на тоа се ограничува...“13 Врз основа на овој обид за дефиниција јасно е дека карактеризирањето на движењето Дада може да биде само функционално. Како слика на некое божество, Дада се дефинира со своите својства, своите дела, своите верници.

Дадаистички саем во Берлин, 1920.

Овде нема да потсетуваме на безбројните варијации на многумина по повод најпротивречните аспекти на движењето Дада: набројувањето би било предолго. Да ја споменеме само оваа задоцнета изјава, подвлекувајќи ја разликата којашто Арп и неговите другари ја беа воспоставиле помеѓу бесмисленоста (non-sens) и отсуството од смисла: „Дада е основа на секоја уметност. Дада е за изостанувањето на смислата (le sans sens), што не значи бесмисленост. Дада е без смисла како и природата. Дада е за природата, а против 'уметноста'. Дада е непосреден како природата и тежнее на секое нешто да му го даде неговото суштинско место. Дада е за безграничната смисла и за ограничени средства”.14 Накусо, Дада учествува во животот. Како и животот, така и движењето Дада нема ни повеќе ни помалку смисла од сè што постои.

Сите тие употреби на изразот „дада“, коишто ја откриваат насоченоста што секој посакал да ја даде на движењето, заслужуваат и чисто лингвистичко проучување. За францускиот јазик такво истражување спровел веќе споменатиот Жан-Клод Шевалие. Тој ги испитува гласовните, морфолошките, значењските страни на тој израз. Неговиот заклучок сепак изненадува: „Земен во својата функционална единственост, ни се причини дека изразот ДАДА мораме во секоја прилика да го сведеме на зборот Бог (Dieu), со истоветен статус. Но, сфатен како збор-талон, тој носи богатство од разновидни импликации, било преку многубројни врски со зборови со коишто го поврзуваат умесни спротивности, било на рамниште на изведенки преку создавање едно семејство, што во лингвистиката е добро познат знак на вклучување во системот”.15 Подвлекувајќи ја животноста на движењето Дада, творец на сопственото име, лингвистот нè наведува да забележиме дека, за да можеме соодветно да зборуваме за него, треба да располагаме со метајазикот дада, што на крајот би била огромна тавтологија. Без тоа, се осудуваме себеси на тоа да зборуваме за дадаизмот со обичниот јазик на критиката, што повлекува многубројни апроксимации. Ни самите дадаисти не ја избегнале оваа противречност.

Движење-превртливец

И така, Дада би била само збор. Најубава ознака, бидејќи секој може да ѝ придаде значење какво што сака. Нема чувари на смислата, и смислата (подобро речено: смисловите) се менува со ветровите, то ест со учесниците и местата на коишто тие дејствуваат. Бидејќи немаше а приори програма, ниту изрична содржина, ни харизматичен покренувач којшто би го одредувал патот и би ја одржувал насоката, бидејќи неговото производство беше мошне кусовеко, смешно и пропадливо, се прашуваме како Дада можеше да се востоличи во Движење чијашто публика беше меѓународна и, дури, која судбина можеме да ја припишеме кон тоа име? Во 1958-та, Ман Реј потсети на единствениот број на списанието New York Dada, коешто го беше објавил 1921-та во Њујорк, со Марсел Дишан, за никогаш повторно да не му се врати: „Единствениот број на њујоршкото дадаистичко списание не ги донесе дури ни имињата на авторите. Како е тоа ретко, за Дада. Се разбира, имаше соработници. Доброволни и недоброволни. Доверливи и недоверливи. А потоа? Еден единствен број. Заборавен. Повеќето дадаисти и антидадаисти ниту го видоа ниту слушнаа за него...“16 Таквата публикација е гранична точка на дадаистичката продукција. Таа навистина укажува на тешкотијата што денес ја имаме да ја оцениме бидејќи, освен пречките на коишто наидуваме да пронајдеме некој примерок од тој кусовек жанр17, не можеме да дознаеме кои му биле соработници, да ги одредиме нивните намери, точно да ги означиме нивните мети, не можеме дури да дознаеме ни какво влијание имало тоа списание.

New York Dada, 1921.

На движењето со нејасни контури, променливо во времето и просторот, Дада, му се придружуваа личности што му ги даваа своите дарови, своите јанѕи и бесови додека трае некоја заедничка акција, без притоа да се чувствуваат сосема врзани за движењето. Така, тука сретнуваме еден конструктивист како што е Ван Дузберг, или едниот од првите изумители на апстрактната уметност, Арп, којшто беше совршено удобно сместен во анархистичката рамка на Дада. Други, во Берлин, на пример, едновремено ќе бидат и футуристи и дадаисти или, во Мантова, дада-футуристи, додека во Париз ќе се зборува за раниот надреализам во форма на автоматско пишување, во моментите на најголемата активност на Дада.

Дада, според тоа, е нетипично движење, несведливо на моделот на книжевни или уметнички групирања на коишто се навикнавме после Плејада и славната Дибелеова (du Bellay) Одбрана и прославување на францускиот јазик (Defense et illustration de la langue francaise). За него не е направено идентификациско досие за институционализираните собирања. Дејствувајќи обратно од другите, движењето сепак постигна исто општествено признание, и истата слава. Можеби малку избрзана, сепак, бидејќи Дада за повеќето останува име на еден ентитет без содржина. И против негова волја, меѓутоа, бидејќи движењето не ги штедеше своите напади, протести, изјави. За него, значи, треба да судиме врз основа на неговите дела и продукција, повеќе отколку по вревата што ја правеше, или неговите противречни или пародиски зборови.

Со нивната жестина, нивната залудност можеби може да се објасни тоа што Дада само бегло беше повод за темелната запрашаност околу тоа која му е суштината и тоа што, освен одмазничките статии на новинската критика врзана за она што непосредно било видливо, има многу малку вредни коментари по повод движењето.

Со истото одбивање делата да се востановат и направат долготрајни можеби може, исто така, да се објасни (не и да се прости) релативната молчаливост на историчарите во Франција по повод Дада. Со исклучок на една „Историја на Дада“ којашто ја објави еден „следбеник“ во Nouvelle Revue francaise во полн ек на периодот на идеолошкиот надреализам - а којашто нејзините најугледни учесници веднаш ја оспорија18 - со исклучок, исто така, на анегдотската серија на Жорж Иње (Hugnet) за „Духот на Дада во сликарството“ развлечена така да овозможи општа панорама на движењето19, знаеме само за една Општа историја на движењето Дада од којашто, инаку, се појави само книгата посветена на Париз, и тоа пред четврт век, од перото на Мишел Сануе.20 Сосема неодамна, откако овие редови веќе неколку години беа напишани, им се придружи Journal du mouvement Dada (Дневник на движењето Дада) објавен од Марк Даши.21 Навистина, мемоарите и другите спомени што ги соопштуваа некогашните дадаисти како Ханс Рихтер, Рихард Хилзенбек, Раул Хаусман, Тристан Цара и други, помалку ги охрабруваа истражувачите, а повеќе ги обновуваа ситните караници на коишто, како времето минуваше, поводот веќе не им се гледаше. Зошто Рихард Хилзенбек и Тристан Цара, за време на објавувањето на една дадаистичка антологија во Њујорк, настојуваа одвоено да ги изложат своите стојалишта, заканувајќи се дека ќе ги повлечат своите прилози доколку имињата им се најдат едно крај друго? Дали старите недоразбирања биле толку неизбришливи или пак сегашните политички ставови - антикомунистички на едниот, комунистички на другиот - однесоа победа над историската перспектива?22 Треба ли да се верува, со Марсел Јанко, дека историјата на Дада е неможна? „Не приклонувајте се кон она што би се нарекувало 'историја на Дада' бидејќи, колку и вистинито ние да ја прикажуваме Дада, сè уште нема историчар квалификуван да ја напише. Дада воопшто не е школа, не е братство, ни парфем, ни филозофија. Дада, тоа е, просто, нов поим. Дада не беше измислица, бидејќи нејзините траги се наоѓаат во длабочините на човечката историја. Дада е точка во еволуцијата на духот, фермент, мажевен агенс. Дада е безгранична, нелогична и вечна!...“, пишува тој во една монографија која имаше за цел да ја прикаже Дада во сите нејзини состојби.23

Раул Хаусман, Еластикум (колаж), 1920.

Што се однесува до нас, не потценувајќи ги барањата на хронологијата и историската перспектива, се потрудивме да ги прикажеме многубројните лица на Дада, не ублажувајќи ги нивните противречни црти, бидејќи ако нешто е откриено и постојано користено од движењето, тоа е амбиваленцијата. Се погриживме, исто така, да им дадеме збор на повеќето протагонисти, дури и кога таа задача не беше лесна кога тие се изразуваа на германски, англиски или италијански, во кусовеките, денес тешко достапни публикации. Одговарајќи на предизвикот на Макс Ернст, според кој, бидејќи Дада била бомба, неумесно е да се собираат нејзините шрапнели, се надеваме дека ќе покажеме, преку гестови, текстови и размислувања на дадаистите, дека поезијата лежи во природата на човекот. Таа е неодвоива од него, а Дада е нејзиниот најгруб, најчист израз во дваесеттиот век. Под услов, се разбира, поезијата да ја сфатиме како дејност на духот, според мошне корисното одредување на Цара, а не само како начин на изразување во конвенционални форми. И затоа, наместо движењето Дада да го испитуваме на разни места каде што тоа расцутило, или пак да ја следиме еволуцијата на секој од неговите придвижувачи, ние го согледуваме како една неразлачива целина чиишто главни насоки треба да ги откриеме.

 

(продолжува)

Кон првиот дел

___________________________________________________

* Забелешка на преведувачот: Во ова време на крајот на веков, во коешто, меѓу другото, јавно се сензибилизира чувството за политичка, расна, полова, јазичка итн. коректност, ми изгледаше интересно родот на зборот Дада да го направам флуиден, аморфен или андрогин; така, на места, тој е машки, на места е женски, понекаде и среден. Со еден ваков ситен (спрема граматиката субверзивен) детаљ, им оддавам почит и се трудам да бидам на трагата на големите узори што го (ја) создадоа Дада и чијашто цел на уништување-преобразба, меѓу другото, беше и јазикот.

[4] Навел Ханс Рихтер (Richter): Dada art et anti-art, Bruxelles, La Connaissance, 1965, стр. 27

[5] Tristan Tzara: “Chronique zurichoise”, O.C., t. I, стр. 562

[6] Richard Huelsenbeck: En avant dada (1920), Allia, 1983, стр. 10-11

[7] Hans Arp: “Declaration”, Dada augrandair (1921).

[8] Georges Ribemont-Dessaignes: Deja jadis (1958), ed. U.G.E. “10/18”, 1973, стр. 12

[9] Hugo Ball: Die Flucht aus der Zeit (12. VI. 1916), прев. Sabine Wolf

[10] Richard Huelsenbeck: “Dada 1916”, наведено во Lionel Richard: D’une apocalypse a l’autre, стр. 259-260

[11] Tristan Tzara: “Manifeste Dada 1918”, Dada III, стр. 2

[12] Да се види: Jean-Claude Chevalier: “Dada, etude linguistique de la fonction d’un terme qui ne signifie rien”, Cahiers Dada-Surrealisme, Minard, бр. 1, 1966

[13] Paul Dermee: “Qu’est-ce que Dada?”, Z, бр. 1, март 1920, стр. 1

[14] Jean Arp: Jours effeuilles, Gallimard, 1966, стр. 63

[15] Jean-Claude Chevalier: нав. дело, стр. 14-15

[16] Man Ray: Autoportait, Laffont, 1964, стр. 346-347

[17] Да се видат, на пример, уводните зборови на Рудолф Квенцли (Kuenzli) во изданието на едно книжуле T. N. T. којашто во Њујорк ја објавиле Ман Реј и Адолф Волф во март 1919, во Dada/surrealism, University of Iowa, бр. 14, 1985, стр. 146

[18] Да се види: Georges Ribemont-Dessaignes, “Histoire de Dada”, N.R.F., бр. 213, јуни 1931, стр. 867-879; бр. 214, јули 1931, стр. 39-52 и барањата за исправки на Елијар и Цара во наредното книжуле.

[19] Да се види: Georges Hugnet: “L’esprit dada dans la peinture”, Cahiers d’Art, 1932, vol. VII, бр. 1-2, стр. 57-65; бр. 6-7, стр. 281-285; бр. 8-10, стр. 358-364; 1934, vol. IX, бр. 1-4, стр. 109-114; 1936, vol. XI, бр. 8-10, стр. 267-272, и исправката на Цара во истата свеска. И неговите статии се преземени под насловот L’Aventure dada со еден предговор на Цара од 1958 и во новото проширено издание 1971 кај Seghers.

[20] Да се види: Michel Sanouillet: Dada a Paris, Pauvert, 1965

[21] Да се види: Marc Dachy: Journal du Mouvement Dada, 1915-1923, Geneve, ed. Skira, 1989, 232 стр.

[22] Да се видат листовите вметнати во делото на Robert Motherwell: The Dada Painters and Poets: an Anthology, Wittenborn, New York, 1951

[23] Marcel Janco: “Dada createur”, во Dada, monographie d’un mouvement, Teufen, 1961, стр. 27

Извор: Маргина #39, Темплум, Скопје, 1998.

Слични содржини

Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото