Новиот водач

15.10.2016 12:09
Новиот водач

Утрово ни дојде еден висок, убав младич.
Со очила.
Значи умее да чита.
А тоа никому не донело добро.
Вели, јас сум вашиот нов водач.
Дојдов да ве поведам во подобра иднина.
Па, добро.
Ние убаво го примивме, му дадовме леб и кајмак и му исековме пршута.
Немаме веќе време за губење, викаше нашиот нов водач.
Мораме да тргнеме веднаш!
Што е - тука е.
Да бидеме искрени, ние веќе имавме такви случаи.
Не ни е ова прв водач кој сака некаде да нè води.
Најчесто во подобра иднина.
Сепак, ние сме стар народ, сешто сме преживеале.
Нема веќе чекање, се дереше овој наш најнов водач.
Мораме да тргнеме веднаш, зашто нè чека долг и макотрпен пат!
Го убедивме сепак прво да испиеме по едно кафе.
А каде има кафе, тука има и ракија.
Новиот водач е добро момче, убаво воспитано.
Никогаш не го одбива народот.
Збор по збор, и добро се напивме.
Па убаво му објаснивме дека не сакаме да одиме никаде.
И дека се навикнавме само да седиме.
Тоа ни е народен обичај.
Каков народ сте вие, го плеткаше јазикот нашиот нов водач.
Па вие воопшто не сакате подобра иднина!
Тоа беше последното нешто што го кажа пред да се онесвести.
И сега чекаме новиот водач да се отрезни, па да видиме што одлучил.
Или да седи тука со нас, или да оди понатаму по својот пат.

Превод: Иван Шопов
Слика: Lee Juyoung

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото