Што направиле

17.10.2016 10:50
Што направиле

1.

Некако изнасилено, да не речам целосно промашено, депласирано, ми изгледа партиската журка изминатиов викенд под мотото „Што направивме“, при што се ределе сите кои во најнационалната партија се сметаат за важни следбеници на Лидеро. Дали ќе го следат и во неговото наредно журкање на една друга локација, останува да се види. Некои – сигурно, за некои сè уште се истражува.

Велам дека целата манифестација им е промашена зашто нивните (не)дела се пред нас цели десет години, спрострени низ цела Македонија. (Не)дело до (не)дело, „бисер“ до „бисер“. Не треба ништо повеќе да ни се покажува. За нас пак во Скопје, нивното најголемо (не)дело е постојано пред нашите очи, тешко го одбегнуваме и да сакаме. Затоа, нема што тука повторно да ги убедуваат луѓето, да им објаснуваат, да ги шетаат по кровови и да им кажуваат што и како утре ќе биде. Тоа утре е – денес, а вистинското утре ќе биде сосема поинакво! Зашто, само во Скопје, нивното најголемо (не)дело изеде цели 700 милиони (знајни до сега) евра, вградени во нивните џебови и банкарски сметки, дома и надвор, а еден мал дел и во стиропорот и бронзата со кои што ни го нагрдија градот. Нивното „Скопје“ сè уште е само нивно. Се надеваме дека набргу ќе можеме (повторно) да го викаме и – наше! Тие можат (сè уште) да го кријат бројот на заминати (претежно млади) луѓе од државава, можат да ги фризираат бројките на социјалците и невработените, можат да лажат до зла бога … ама градов не можат да го сокријат! А богами не можат ни бедата во другите градови да ја сокријат.

Затоа, имајќи го дури и само Скопје како пример, ако веќе мораа нешто да прават во пресрет на изборите, односно да се пофалат со (не)делата, тоа требаа целосно да им го препуштат на оние „стручњацине“ од Министерството за (не)култура, кои всушност и станаа познати по нивното веќе легендарно поддржување на сè што е сомнително во оваа држава. Тие, кутрите, станаа синоним за незнаење, невкус, неспособност, неукост … и сите други именки што започнуваат со префиксот „не“. Само кичерајот и шундовизијата отскокнуваат од тоа правило, но овие одлично се снајдоа и таму. Колкумина токму од тоа друштво ќе си го следат Лидеро останува да се види!

Но, затоа и велам дека тие и нивните епохални лудории станаа еталон мерка за глупоста во државава, па доволно ќе беше да ги остават нив три дена да ја пополнуваат манифестацијата (ете, повторно – култура!) „Што направивме“. А со што, впрочем, би се пофалиле другите ресори? На пример здравството? Со бројките колку луѓе успеаја да умрат со нивните идиотски политики? Или социјалната политика со бројката на избришани социјални случаи само за да останат повеќе пари за нивните џебови? Или странските инвестииции на прстите на едната рака и луѓето кои во тие фирми робуваат за 200 евра? Мислам, навистина, со што ли тоа мислеа да се фалат?

2.

Да ја оставеа само културата да говори за нивните дострели во изминативе десет години и за сè она што (не) успеаја да го направат, можеа да тераат барем цела недела. Зашто тие, само во културата, реализираа по две илјади проекти годишно. Што, сума сумарум, испаѓа околу дваесет илјади проекти за десет години! И да ја навиткаа добро, онака до даска, Канческа – Милевска да дрнда 100 на саат, пак ќе ѝ требаше многу време да се пофали со сè што успеале да нагрдат годиниве. А таа во таквиот тип говоранции има одлично искуство. Ги тера секоја година, онака како сред село, седната со плетилото в раце, им ги прераскажува на новинарите и сите други кои сакаат да ги слушнат нивните културни и уметнички подвизи низ годините, дури и без ливче хартија пред неа. Тресе, онака, како од ракав, а овие – веруваат. Веруваат баш така, на збор, без еден лист хартија, без сериозен документ што би се нарекол извештај за работата на Министерството за (не)култура, а тие им раскажуваат бајки за тоа како успеале да сјебат цел еден годишен буџет или, во случајов, десетгодишен. Со крајни напори! И бидејќи тоа се повторува(ше) од година в година според истото сценарио – седнува „госпожа“ министерка, придружена (или не, како кога) од земјоделецот преоблечен во културен работник, и по некој од нивните културни циркузанти и ни раскажуваат шарени скаски како, со крајни напори, успеале (а секогаш успеваат) да ги потрошат сите пари, до денар, на нивни будалаштини – сега можеле да пуштат и некаква постара снимка и никој немаше да примети разлика.

Впрочем, токму заради таквиот десетгодишен след на работите на „жими мајка“, овие наши мали улични битанги и повторувачи самопромовирани во министри и премиери, се соживеаја со улогите на народни „избраници“ и поднаучија дека постоеле книги, па дека постоела уметност, па дека постои театар … па влегоа во филм дека разбираат и што е тоа култура.

И како веќе не се изморија цели десет години убедувајќи нè дека којзнае што прават за нас и за земјата, иако ние од тоа ништо не можеме да видиме? Упорни се ко муви зунзари во брмчењето за некакви нови почетоци, за нешто што порано било тешко достапно ама тие, еве баш сега, ни го овозможуваат, за некакви нивни напори за нашето културно збогатување и слични идиотштини. Па што мисли оваа булумента, како живеевме пред нив? Немавме ли книги, немавме ли музеи, немавме ли филмови и кина? Сето тоа тие ли ни го донесоа, од калливите сокаци на нивните полузамрачени умови директно во центарот на метрополата? Како ли се образуваа толку генерации без нивните фамозни едиции, како ли луѓето завршија факултети, магистериуми и докторати без нивните (фалшиво) преведени стручни книги? Како ли во оваа држава се создаваше сериозна уметност без нивниве партиски културтрегери и циркузанти менаџери?

3.

И прашање е дали воопшто требаше да се фалат со минатите достигнувања, или со оние што допрва ги очекуваме? Мислам дека тие се побитни за државава. Тоа што го направија – го видовме. Тоа што не го гледаме, а ќе го видиме многу бргу, се упропастените македонски генерации од 2006 година наваму, меѓу кои, прво, тогашните едногодишници кои денес веќе одат во трето-четврто одделение. И учат тоа што учат, гледаат тоа што гледаат, слушаат тоа што слушаат. И тука, повторно, предноста треба да се даде на културата, и уметноста, секако, зашто тие инвестираа(т) токму во иднината. Нивната инвестиција наречена „Скопје 2014“ е грандиозен идиотизам за заглупување на младите генерации. Оние кои во таа 2006 година имаа десетина години денес се веќе полетни но неупотребливи дваесетгодишници (барем оние кои останаа во земјава!), напиени на изворите на маестралниот кич на секој агол во градов, на брилијантниот шунд спростран на секој екран на телевизиите со национална концесија и на секоја страница од грозоморните печатени изданија што глумат дневни весници (секоја чест на малкуте исклучоците)! Македонската култура, рака под рака со уметноста, од секој партиски идиот создаде македонски културен (не)работник, а од секој втор измоделира квазиуметнички лумпенпролетер и сите среќни и весели секојдневно си се тапшаат по рамо во провинцискиов културен жабурник. А околу нив – штама, или милозвучен овчји блеј во потврда на успешноста на нивната (не)културна мисија!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Били Даркарт

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Јавни простори / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото