Сите лаги на Хилари Клинтон

18.10.2016 02:01
Сите лаги на Хилари Клинтон

Во колумната објавена на 24 мај 2016 година, конзервативниот коментатор на Њујорк Тајмс Дејвид Брукс се запраша: „Зошто Хилари Клинтон е непопуларна?“, па наместо да го побара одговорот во нејзината политичка рамнотежа, тој се задлабочи во психологијата. „Објаснувањето би го започнал со ова прашање: дали можете да ми кажете како се забавува Хилари Клинтон?“

Значи, поранешната прва дама не ги привлекува избирачите најпрвин заради својот темперамент: константно е опседната со својата кариера, ѝ недостасува животна радост. „Непопуларна е затоа што е воркохолик“, тврди Брукс, што ја става „во расчекор со обичаите од нашата ера на социјалните мрежи кои високо ги вреднуваат интимноста и ранливоста“. Благонаклонетоста на уредникот, инаку близок до републиканците, може да нè изненади, но одбивноста спрема Доналд Трамп е толкава што сведоци сме (привидно) на чудни сојузи.

Ако го читаме Брукс, ќе ни се причини дека Клинтон штотуку се етаблираше во американскиот политички живот, додека всушност во неколку наврати беше прва дама на САД, сенаторка и државна секретарка. Дали ги заборавил нејзиниот заговор и инвазијата на Ирак 2003 година, трите говори што ги одржа пред банкарите од Голдман Сакс (и секој го наплати 225 000 долари), непоколебливата поддршка за договорите за слободна трговија, поддршката за рушење на либискиот водач Моамер Гадафи? А што да се каже за конфликтот на интереси во кој беше вмешана Фондацијата Клинтон – еден вид семејна филантропска мултинационалка – во времето додека Хилари Клинтон служеше во администрацијата на Обама? Според Њујорк Тајмс (18 октомври 2015), службениците на фондацијата успеаја со интензивно лобирање кај државната секретарка, парите наменети за федералната програма за борба против сидата во Руанда да ги трансферираат кон една од своите образовни програми.

Да не ја споменуваме блискоста на демократската кандидатка од Вол Стрит, чии управувачи ја финансираат нејзината кампања како и фондацијата. Дури и Доналд Трамп во 2009 му донираше на бизнисот на Клинтонови повеќе од 100 000 долари. Треба да се каже дека овој милијардер долго одржуваше срдечни односи со брачната двојка, која ја повика на своето трето венчавање во јануари 2005 година. „Бил и Хилари“ во црквата беа сместени во првиот ред и, судејќи според нивните блескави насмевки, си поминаа одлично. Ете го и одговорот на прашањето како се забавува Хилари Клинтон.

Впрочем, да се гласа за Хилари Клинтон на изборите во ноември значи да се избере едена нераздвојна двојка чии двајца членови се најблиски советници еден на друг. Меѓу другото, поранешната државна секретарка веќе ги објави своите намери: ако победи на изборите, економската политика ќе ја води токму нејзиниот сопруг. Неговата задача ќе биде да ја „ревитализира економијата, зашто тој знае како се прави тоа“, изјави на митингот во Кентаки на 15 мај годинава.

Опачината на хуманитаризмот на Хилари

Според имиџот што го гради, Клинтон страствено се грижи за судбината на децата. Таа страст е родена пред повеќе од 30 години, кога нејзиниот сопруг беше гувернер на Арканзас. Тогаш се поврза со хуманитарните организации како Children's Defense Fund, со надеж дека ќе изгради легенда за својата великодушност. Меѓутоа, во годините поминати на југот своите денови ги посветувала на сосема поинакви нешта: од 1977 до 1992 година работела во адвокатската канцеларија Rose, специјализирајќи се за прашања за патентите и интелектуалната сопственост. Канцеларијата била вистинско отелотворение на спрегата помеѓу политичкиот естаблишмент и бизнис круговите во Арканзас, а меѓу клиентите бил и Волмарт, огромен ланец хипермаркети познат по борбата против синдикатите и љубовта кон производите изработени со ниски трошоци во земјите каде работната сила е изложена на немилосрдна експлоатација.

Адвокатската работа ѝ ја отворила вратата од управниот одбор на мултинационалната компанија во која работела од 1986 до 1992 со плата од 18 000 долари годишно (значи, околу 31 000 денешни долари, ако ја вкалкулираме инфлацијата). Пристојноста обврзува – и таа секогаш внимавала на тоа – јавно да не зборува за темите кои би можеле да ја налутат компанијата од Бентонвил, особено за нивната политика на намалување на платите. Додуша, многу е тешко да се растат деца со 19 427 долари годишно, што моментално е просечна годишна плата на благајничка во Волмарт. По враќањето од едно патување во Арканзас, писателот Пол Теру рекол дека 2015 година видел „градови кои наликувале на градовите во Зимбабве, подеднакво занемарени“. Ја исмејувал Фондацијата Клинтон, инаку амбициозна по прашањето за „спасување на африканските слонови“ – тоа е една од нивните водечки програми – но незаинтересирана за сиромашните црнечки семејства во родната држава на Бил Клинтон.

Уште од почетокот на својот прв мандат претседателот Клинтон, во настојувањето да ги подобри финансиите на својата изборна кампања, сè дотогаш премногу зависна од големите индустриски синдикати, го прифатил насочувањето на Демократската партија кон десно. Така, жестоко се залагал за донесување на Северноамериканската спогодба за слободна трговија (НАФТА) која ја симпатизирале мултинационалните компании во иста мера во која демократските избирачи ја презирале. Хилари Клинтон во ниеден момент не се спротивставила на тоа. И самата учествувала на клучниот состанок, одржан 29 септември 1992 година во хотелот Шератон во Арлинготн (Вирџинија), на чиј крај нејзиниот сопруг одлучил да ја поддржи спогодбата за која преговарал неговиот претходник, претседателот на заминување, Џорџ Буш постариот. Потоа придонела за дефинирањето на стратегијата со која ќе се придобијат непослушните избрани претставници: требало „да се освојуваат еден по еден претставник, внимателно калкулирајќи кој може да се изманипулира и на каков начин“, резимирал Том Нидс, поранешен член на тимот на Клинтон. Во ноември 1993 година, благодарение на поддршката на Њутон Гингрич, тогаш втор најважен републиканец во Претставничкиот дом, била ратификувана НАФТА. Првата дама на САД била задоволна со резултатите: „Мислам дека НАФТА ја докажа својата ефикасност“, процени на 6 март 1996 година.

Охрабрен од овој слободнотрговски успех, Клинтон постапно ќе ги ревидира клучните начела на американската социјална држава, кои се на сила од триесеттите години и Рузвелтовиот „New Deal“. Сè уште со поддршка од Гингрич, кој по поразот на демократите на изборите од 1994 година стана претседател на Претставничкиот дом, ја наметна реформата на системот за јавна поддршка која ја намали социјалната помош за сиромашните семејства за 11 милиони. Во знак на протест, Питер Еделман – сопруг на основачката и претседателка на фондацијата Children's Defense Fund, омилената на госпоѓата Клинтон – даде оставка на својата позиција помошник секретар за планирање и евалуација: „Овој закон не ја поттикнува работата. Тој ќе казни милиони сиромашни деца“, изјави во март 1997 година во месечникот The Atlantic. Децата, особено децата од црнечката и латино заедницата, се казнети со политиката од нејзиниот маж. И повторно, Хилари Клинтон не кажа ни збор.

Неколку години подоцна, сè уште благодарение на соработката со своите републикански „противници“, претседателот го дерегулираше Вол Стрит. Во ноември 1999 година го укина законот Глас-Стигал, кој од 1933 година ги одвојуваше функциите на комерцијалните и деловните банки за да се спречат шпекулациите со парите на малите штедачи. Денес некои предложуваат, на пример републиканецот Џон Мекејн, ревидирање на тоа укинување. Но не и демократската кандидатка: „Нема да се врати законот Глас-Стигал“, беше решителен нејзиниот економски советник Алан Блиндер, во разговор за Ројтерс на 13 јули 2015.

Секогаш подготвена за војна

Личната политичка кариера на Хилари Клинтон вистински почнува 2000 година кога, со силна поддршка од својот маж и моќните врски во Демократската партија, се кандидираше за местото сенаторка на Њујорк, државата во која никогаш не престојувала. Откако беше избрана, исклучително добро соработуваше со администрацијата на Буш. На 10 октомври 2002 година во Сенатот ја потврди својата поддршка за инвазијата на Ирак, повторувајќи ги сите лаги на Белата куќа за „оружјето за масовно уништување“ на Садам Хусеин. Заговарајќи го концептот на „превентивна војна“, повлекува паралела со одлуката за бомбардирање на Србија 1999 година, која, како што вели, ја донел нејзиниот сопруг од благородни побуди, за да ги „запре прогонот и етничкото чистење на милиони Албанци на Косово“. Па додава: „Можеби на мојата одлука влијаеше осумгодишното искуство во Белата куќа, кога гледав како мојот сопруг се соочува со сите предизвици кои се најдоа пред нашата нација“. Не особено феминистичка изјава, но тоа воопшто не изненадува со оглед на тоа дека денес на својот профил на Твитер се дефинира најпрвин како „сопруга, мајка, баба“.

Иако споменатиот говор во Сенатот од 2002 година се одликува со изразена баналност на изразот, би било нечесно да се обвини Хилари Клинтон како негова авторка. Впрочем, таа има навика да изнајми перо, чии заслуги потоа заборава да ги наведе. Меѓу другото, професорката Барбара Фајнман Тод се пожали дека не го видела своето име наведено во книгата It Takes a Village, бестселерот на првата дама посветен на „лекциите што ги учиме од децата“. Дури не е сигурно дека првата дама ги напишала Мемоарите: за раскажување на своите чувства како државна секретарка мобилизирала „тим за книгата“ кој едвај го споменува.

Во секој случај, приказната за нејзините четири години на чело на американската дипломатија никако не влева доверба. Додека либискиот бунт се ширеше 2011 година, Хилари Клинтон најпрвин покажа голема внимателност. „Јас сум од оние кои мислат дека, без меѓународно одобрување, осамената акција на САД би ја довела земјата во ситуација со несогледливи последици“, изјави на 11 март пред комисијата на Конгресот. Потоа го промени мислењето. Зошто? „Саркози постојано ми зборуваше за воена интервенција. Тој е динамична личност, вечно исполнет со животна енергија, кој обожава да биде во центарот на вниманието. На него исто така влијаел интелектуалецот Бернар-Анри Леви. Двајцата беа искрено потресени од несреќата на либискиот народ, кој го тероризираше диктаторот“, раскажува таа. Разоружана од уверувањата на францускиот двоец и сакајќи да избегне „хуманитарна катастрофа“, државната секретарка премина во интервенционистичкиот табор. Заедно со претседателот Барак Обама, ги турка САД во нова војна, не барајќи одобрување од Конгресот, како што наложува Уставот. За среќа, сè ќе заврши добро: „За 72 часа, воздушната одбрана на Гадафи беше совладана и народот од Бенгази е спасен од неизбежно уништување“. Остатокот од книгата се одвива со сличен тон.

Клинтон знае дека нејзиниот десничарски имиџ претставува пречка за освојување на гласачите на Берни Сандерс. Но, успехот на нејзиниот социјалистички ривал сепак малку ја повлече кон лево, па неодамна најави различни прогресивни мерки како оданочување на банките кои се задолжуваат премногу, зголемување на минималната плата на 12 долари на час, усогласување на трошоците за запишување на факултет со приходите на родителите, итн. Нејзиниот пресврт по прашањето за слободната трговија е особено спектакуларен. Додека на 15 ноември 2012 година му се воодушевуваше на транспацифичкиот договор (Транспацифичкото Партнерство, ТПП), „прекрасен модел на договор за слободна трговија, со кој ќе се воспостави транспарентен и праведен слободен пазар“, три години подоцна, ветерот се промени. Критиките на Сандерс и Трамп изгледа дека ги уверија избирачите: „Денес не сум склона кон она што го знаеме за транспацифичкиот договор. Не верувам дека на високо ниво ќе ги задоволи барањата што ги поставив“, изјави на 8 октомври 2015. Но и покрај таквите говори, Хилари Клинтон одбива запирањето на Транспацифичкото партнерство да го запише во својата претседателска програма.

Сепак, се чини дека демократската кандидатка е попредвидлива од Трамп, кој не се откажува од насилничките говори против „радикалните муслимани“ и „имигрантите“. Нејзината смиреност и смисла за мерка им се привлечни дури и на републиканците. Мег Витман, генералната директорка на Hewlett-Packard и поранешна финансиска директорка во кампањата на конзервативниот кандидат на минатите претседателски избори, Вилард Мит Ромни, отворено ја изрази својата поддршка, подеднакво како и неоконзервативецот Роберт Каган, исто така поранешен советник на Ромни. Освен тоа, Хилари Клинтон ужива силна поддршка од медиумскиот естаблишмент, кој ја претставува како последна брана пред варваризмот што напредува. „Дали националните избори некогаш нуделе толку радикален избор?“, запраша на 20 јуни 2016 главниот уредник на Њујоркер, Дејвид Ремник. „Хилари Клинтон мора да води силна и одлучна кампања против најопасниот и најнепредвидливиот кандидат – демагогот кој е во состојба да ги премине сите граници, па и границите на пристојноста, за да ја освои власта“.

Дискурсот потсетува на конфронтацијата на Жак Ширак и Жан-Мари Ле Пен во вториот круг од претседателските избори 2002 година, кога француската левица мораше да го поддржи десничарскиот кандидат за да ја заштити земјата од „фашистичката опасност“. Но, Ширак несомнено беше попрогресивен од Клинтон, особено по прашањето на надворешната политика. Американската претседателска кампања повеќе ми можела да наликува на трката помеѓу Ангела Меркел и Силвио Берлускони; во која американската левица би одлучила да ја поддржи Меркел.

Џон Р. Мекартур е директор на Harper's Magazine. Автор е на книгата L’Illusion Obama. Chroniques d’un intellectuel libéral aux États-Unis, Париз, 2012.

Извор: http://lemondediplomatique.hr