1028 hPa
28 %
19 °C
Скопје - Вто, 05.11.2024 14:34
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во врска со нови три странски инвестиции, од кои едната во Битола, пред два дена (11.10.2016) го изрече следниот спин:
Спин: Ова ќе биде значаен потик за економијата, но и ќе овозможи нови вработувања во Битола и Битолско… Македонија се сака со дела. Нашата цел е силна економија за силна Македонија. Продолжуваме!...
Тоа е збогатување на државата со уште една компанија, со уште палета нови производи и, што е најважно, со отворање нови работни места во нашата држава, она што најмногу луѓето го бараат. Невработените да добијат работа, но и вработените, затоа што колку се намалува бројот на невработени, толку почнува да расте и цената на трудот и платите на вработените, истакна Груевски.
[Извори: Република; 24 Вести, Датум, 11.10.2016]
Контраспин: По кој знае кој пат од 2007 до денес, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер Никола Груевски ги употребува странските директни инвестиции како тема преку која ја докажува успешноста на економските политики на Владата на РМ. Во овие изјави често се забележува и доза на спинување.
Спинувањето или извртувањето на вистината се состои во тоа што ниту Груевски, ниту кој било друг од Владата или од партијата, за овие 10 години откако е на власт ВМРО-ДПМНЕ, никогаш докрај не ги претставиле сите трошоци на државата, а зборуваат само за добивките, при што многу често тие се преувеличени.
За добро да се анализира, треба да се има прецизни влезни податоци. За жал прецизна анализа за ефектот на странските инвестиции во Македонија не може да се направи, но освен бројките што укажуваат на одреден бенефит, има други бројки кои се во посед на економските аналитичари и кои кажуваат дека можно е да станува збор и за загуби, кога сè ќе се собере и одземе.
Еден таков труд на повеќе економски експерти е издаден во 2016 година со наслов: „Домашните наспроти странските директни инвестиции во Република Македонија: политики за поддршка и нивните ефекти“.
Публикацијата е издадена од Институтот за европска политика (EPI), а со поддршка од Британската амбасада во Македонија.
ДОМАШНИТЕ СЕ ЧУВСТВУВААТ ДИСКРИМИНИРАНО
Трудот е поделен на два дела и во првиот се зборува за третманот на домашните наспроти странските инвеститори, при што врз основа на анкета на над 250 менаџери на домашни компании од целата земја е дојдено до заклучок дека мерките за олеснување што ги имаат странските инвеститори наспроти домашните, домашните ги чувствуваат како дискриминирачки:
Прашањето за дискриминација на домашните инвеститори останува клучна точка на несогласување и претставува поларизирано политичко прашање… Доказите покажуваат дека ова прашање има потенцијал да ја исполаризира националната политичка агенда и од политичките актери да бара нивно позиционирање за него. Анкетата спроведена во деловната заедница покажа силно чувство на нееднаков третман. Но ова чувство е комбинирано со став дека постои разбирање за тоа колку се неопходни олеснувањата за СДИ, како и со чувството дека владината промотивна политика за СДИ започна да покажува резултати.
Во понатамошниот дел од анализата авторите се занимаваат со соодносот на бенефитите и трошоците на странските директни инвестиции во ТИРЗ-овите. И веднаш уште на почетокот ја истакнуваат нетранспарентноста – нема прецизна анализа без прецизни податоци, а тие во Македонија се прогласени за тајна и се класифицирани како доверливи податоци:
Овде уште еднаш потсетуваме дека Владата е нетранспарентна во делот на привлекување СДИ и дека до моментот на истражувањето, информациите за конкретната висина на учеството на државата во форма на доделена помош не е јавно достапна, па оттука за дел од информациите како фактор кој лимитира за квантифицирање ќе бидат користени претпоставки кои ќе бидат образложени. Во периодот на спроведување на истражувањето, освен директна комуникација со чинителите за податоци за висината и за типот на државна помош по компанија и по години, се побарани и податоци преку барање за пристап до 29, 30 информации од јавен карактер, по што е добиен одговор дека висината на доделената помош е од доверлив карактер и има економска и пазарна вредност за компаниите (Стр. 41).
ДРЖАВАТА ИНВЕСТИРА И ДО 47 ОТСТО КАЈ СТРАНЦИТЕ
Сепак, врз основа на економски модели и различни равенки, како и врз основа на достапните податоци, авторите се занимаваат со темата врз база на разгледување на седум странски компании кои инвестираа во зоните: Вистеон, Кемет, Џонсон Мети, Џонсон Контролс, Ван Хоол и Продис и тоа во периодот од 2007, кога е основана првата, па заклучно со 2014 година.
Притоа, експертите оцениле дека удделот на државата во инвестицијата изнесува од 5 отсто, па до наjвисоките 47 отсто:
Изведено како процент од инвестицијата на приватниот ентитет, односно корисникот, уделот на инвестицијата на државата варира од 5% до 47% во зависност од компанијата. Во апсолутен износ, досега највисока вредност на трошоци на државата е пресметана во висина од 21,76 милиони ЕУР за Џонсон Мети, која, пак, претставува помал процент од инвестицијата на корисникот, односно 7%, додека во процентуален износ најголеми трошоци во висина од 47%, споредени со висината на инвестицијата на корисникот во вредност од 10,37 милиони ЕУР, се пресметани за Џонсон Контролс во Штип (Стр. 47).
Анализата на експертите покажала и една друга вистина поврзана со учествотото на државата кое се состои од субвенциии, како што се, од 5000 евра за обука на секој работник, до ослободување од плаќање даноци – од две до десет години. А таа вистина се однесува на бенефитите кога ќе се одземат т.н. опортунистички трошоци. Притоа се доаѓа до шарена слика, која покажува дека државата кај некои компании има ќар од инвестицијата (и директен и индиректен), но кај некои очигледно има и загуби. Еве што покажува анализата за нето – бенефитот:
Во заклучоците на трудот авторите разбиваат уште еден мит или спин – повеќе инвеститори, повеќе вработувања, повисоки плати. Имено, компаниите исплаќаат во рамките на просек, но тоа се должи на фактот што од седумте анализирани, две се над просекот, а пет далеку под просекот, односно, преведено, исплаќаат мизерни плати:
Нето-исплатените плати на вработените во компании во просек се на ниво на национален просек, но очигледно е дека Вистеон и Мети имаат континуирано исплата на нето-плати над просекот, што, пак, не е случај за останатите компании, односно Џонсон Контролс Штип, Витек и Кемет имаат потпросечни годишни нето-плати (Стр. 53).
Конечно, авторите заклучиле дека мора да се менува стратегијата за привлекување на СДИ, доколку се сака да се задржи нето добивка и по десетгодишниот период:
Овие индикатори за суптилно одлевање на капиталот од Македонија повторно укажуваат на потенцијална неодржливост на привлечените инвестиции за тие да останат и по десетгодишен период во Македонија. Затоа, неизбежна е потребата за изнаоѓање друга стратегија за привлекување и задржување на инвеститорите, бидејќи иако не може да се квантифицираат негативните ефекти, ваквото сценарио значајно би ги намалило нето-бенефитите од странските инвестиции во следните пет до десет години.(Стр.53)
Самите автори во трудот наведуваат во фуснотите многу повеќе примери врз кои дошле до вакви заклучоци, вклучувајќи и аргументи на менаџери или на други економисти, па оттука сметаме дека нивните заклучоци се доволни за да се докаже спинот на Груевски од почетокот на текстот – дека СДИ и конкретната инвестиција „е значаен поттик за економијата“ и дека СДИ се успешна приказна со која се покажувало како се сака Македонија и како се работело за нејзиното економско добро.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.