Заврши најсрамното поглавје од владеењето на ДПМНЕ-ДУИ

20.10.2016 08:57
Заврши најсрамното поглавје од владеењето на ДПМНЕ-ДУИ

И официјално заврши последното, најсрамно поглавје на парламентарното мнозинство на ДПМНЕ и ДУИ.

Во декадата на Груевски, имавме можност многу да научиме:

Прво, можевме да научиме што прави неконтролираната моќ. Како таа полека но сигурно ги уништува сите институции, а од најобичните административци прави најсурови владетели и најдрски крадци.

Второ, можевме да научиме како функционира пропагандата. Како угледни граѓани преку ноќ стануваат предавници, шпиони, криминалци, а неретко и затвореници само поради тоа што се осмелиле да го кренат гласот против семоќниот лидер и неговата партија. Како нефункционални и криминални проекти можат да бидат активности од највисока патриотска вредност.

Трето, научивме во најсурова смисла на зборот, што значи тоа мафијата да има своја држава. Научивме како може да се украде цела држава од лопови без маски на лицата и ракавици на дланките. Како може да се убие без пиштол, а убијците да бидат идоли.

Но, најважно од сè што научивме е силата да им кажеме НЕ. Го научивме значењето на правдата, слободата и демократијата. За нас, тие повеќе не се апстрактни поими извадени од учебници, туку опипливи вредности кон кои одлучно се стремиме. Научивме и да преземеме одговорност за своите постапки. Да се изложиме себеси на сите удари кои мафијата може да ги зададе и гордо и здружено да ги издржиме.

Нашиот последен испит се ближи. Имаме шанси да бидеме една од ретките држави која на демократски начин ќе собори автократски лидер. Без какпа крв. Без грам насилство. Со својот глас.

Затоа друштво, време е да си ги засукаме ракавите и да се фатиме за работа. Сега доаѓа моментот кога треба сето тоа што со години го викавме по улиците да го оствариме во пракса. Да бидеме дел од промената која сакаме да ја видиме. Никој друг не може да ја заврши нашата работа за нас. Ние заслужуваме повеќе. Заслужуваме власт, окована од будното око на граѓаните. Заслужуваме пристап до информации лишен од криминална и партиска пропаганда. Заслужуваме правда еднаква и достапна за сите.

Да, Никола, целосно се согласувам: Аирлија избори! На следните, посакувам да гласаш еден ден порано, но не како гласач од дијаспората.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографија: Ванчо Џамбаски