Сто години дадаизам (3)

20.10.2016 11:18
Сто години дадаизам (3)

 

ДАДАИСТИЧКАТА СУБВЕРЗИЈА

 

1. Нужна побуна

 

Во моментот кога изгледаше дека сите вредности што ги беше стекнала западната цивилизација се расточуваат во морничавата кланица на војната 1914-1918, од движењето Дада дувна ветрот на незадоволството и побуната. Тоа движење создаде сопствен мит, истакнувајќи го својот чисто превратнички и терористички дух. Тој сакаше да разорува непрекинато и постојано и си пронајде себеси средства за тоа, не само на литературниот и уметнички фронт, туку и во сите области на човечкото дејствување.

Начелниот негативизам претставува став заеднички за сите што се беа впуштиле во дадаистичката авантура. Таа еднодушност во побуната, меѓутоа, опфаќаше мошне различни постапки: за едни, разорувањето беше доволно по себе; за други, претставуваше само етапа неопходна да го потпомогне појавувањето на некој нов поредок.

Кога треба да се прекине со уништувањето? Може ли едновремено и да се разорува и одново да се гради? Тие прашања ја пресекуваат историјата на движењето Дада, а понудените одговори го забрзуваат неговиот крај. Апсолутниот нихилизам беше, долгорочно гледано, неодржлив став, но Дада не можеше да го напушти целиот негативизам а да не се одрече од себе. И така, повеќе му одговараше самиот себе да се потопи.

УБАВ ДАР-МАР

Кога настануваше движењето Дада, Германците и Французите се гледаа преку нишан, вкопани во ровови што се протегаа од Северното Море до швајцарската граница, а безмалку сите мажи на планетата беа, одблиску или оддалеку, вовлечени во првиот вооружен судир во светски рамки во историјата на човештвото. Судејќи по сè, војната имаше влијание за гневот на младите луѓе коишто тогаш се беа наостриле кон темелите на западната цивилизација.

Сепак, една дадаистичка состојба на духот во зачеток се покажуваше на разни места во годините што ѝ претходеа на 1914, а движењето стварно се вообличи дури по престанувањето на непријателствата. Во Цирих како и во Њујорк, дадаистите, повеќе од сè, тежнееја да ја избегнат регрутацијата, барајќи засолниште во поштедените земји, и никаде непосредно не ѝ се спротивставуваа на војната. Според тоа, движењето Дада не може да се разбере едноставно како реакција против војната, иако ужаснатоста од војната беше чувство заедничко за сите дадаисти. Кога движењето Дада би се објаснувало само со војната, тогаш не би сфатиле зошто толку брзо ги зафати Соединетите Држави коишто на своја територија не ја доживеаја грозотијата на вистинските судири. Би биле натерани да заклучиме дека Њујорк можел да го запознае само дадаистичкиот епифеномен.

Дали сепак станува збор за јасна криза на една веќе осудена цивилизација, криза во којашто движењето Дада е само еден меѓу другите симптоми? На завршетокот на опширната анализа на „историските метаморфози на Дада“, Ноел Арно се обидува да ја наметне следнава хипотеза: „Право речено, и далеку од намерата да го потврдиме парадоксот, порадо би се препуштиле да утврдиме дека Дада подобро ја објаснува војната отколку што војната го објаснува Дада. Меѓу онолкуте други симптоми на криза чијшто исход беше војната, облик видлив за сите, Дада е еден, мошне речит. Дада сведочи за одбивањето, за неможноста на луѓето со напреден дух да се одржат во одредени вредности, одредени рамки во коишто се родени“.1 На оваа теорија Жак Берсани возвраќа со актуелизирање на тезите на самите дадаисти: движењето Дада настана од војната, како реакција на фалсификувањето, од страна на официјалната пропаганда, на севкупната човечка стварност: „Нема сомневање дека во потеклото на Дада постои криза на вредности за којашто би биле во искушение да кажеме дека значајно ја надминува областа на уметноста, кога едновремено уметноста не би била и нејзин израз и нејзин влог. Но дали војните кога било настануваат од некоја криза на вредности? Порадо би се чувал од премногу добрата состојба на 'вредностите', нивното агресивно и бујно здравје. За тоа, впрочем, сведочат местото и датумот: Цирих, 1916. Дада се роди во војна, од војната. Се роди од надежта којашто војната конечно ја исмеја, од единствената надеж што ги одржуваше уметниците одамна отсечени од општеството во коешто требаше да продолжат да живеат и да создаваат: надежи, или верувања, дека таа уметност на којашто сè ѝ дале не е залудна. Кога, ете, 1914-та, светиот јазик, клучот на поезијата, ја разоткрива својата природа и задача: да мами. Бидејќи тој по многу нешта беше пресуден, никогаш не може премногу да се подвлече најголемиот поетски потфат на модерното доба, 'перењето на мозок'“.2

Колку и да е документирана и аргументирана, оваа расправа ни се чини донекаде неумесна: до сега никогаш не се прашувавме од што настанале Макбет, Божествената комедија, или Дон Кихот, романтизмот или натурализмот, туку чие дело се. Дека војната придонесе за освестувањето, тоа е сигурно; исто како што послужи како засилувач на она што без неа би се вредило во познатиот континуитет, во она што го нарекуваме традиција. Покрај сè, не гледаме со какво чудо од некое зло би се родило добро, дотолку повеќе за да не упаднеме во стапицата да ја оправдуваме војната затоа што го овозможи настанувањето на Дада! Всушност, кризата на европската свест веќе беше забележлива, помалку-повеќе, насекаде.

Ужасот на војната, без други размислувања, би довел до заземање едноставни пацифистички ставови, а на нив дадаистите не се ограничуваат. Тие го напаѓаат сето она што во цивилизацијата му одеше нарака на започнувањето и продолжувањето на страшното убивање, или не можеше да го спречи и сопре, на оние вредности коишто се, по Рибмон-Десењ, „одговорни за колежот“.

Сеедно дали се уметници или интелектуалци, дадаистите на прво место се скандализирани од ставот на претставниците на културата за време на судирите, коишто тие ги прифатија и со кои се согласија. „Видовме дека безмалку сите француски писатели се приклонуваат кон законот на војната“, ќе пишува подоцна Луј Арагон, „како стануваат негови оправдувачи и бранители, а ние другите, коишто сè уште не бевме зрели за оружје, или коишто не бевме го зеле поради продолжувањето на убиствените судири, го сметавме за бесчесен ставот на светиот Сојуз, како што говоревме, и неговото ширење врз областите на мислење и создавање”.3 Исто како Луј Арагон, младите луѓе и луѓето млади во срцето коишто се собраа под знамето на Дада, во време на војната, го носат во себе гневот којшто „Победата“ нема да може да го стивне.

Проширен на „областите на мислењето и создавањето“, светиот Сојуз, чијшто неуморен „поец“ бил Морис Барес, беше заснован на оправдувањето на сè: ужасите, апсурдностите на војната, па дури и оние глупости на старешините, што одѕвонува кај Франсис Пикабиа кога ги пренесе зборовите на генералот Перен, пет месеци по примирјето: „Фино сместени по замоците од каде што издаваа заповеди, иако со претходната обиколка на теренот пропуштија да воочат колку е тешко тие заповеди да се спроведат, врховните штабови не допуштаа расправа за своите наредби. Наредуваа напад и илјадници луѓе секојдневно залудно гинеа“. Оние што не го чекаа генералот Перен за да извлечат поука од таквите постапки, „беа во затвор, во робијашница, во бестрагија“. „Што се однесува до врховните штабови“, додава Пикабиа, „тие се накитени со ордени“.4

Апсурдноста на времето во коешто живееја ѝ одеше, значи, нарака на свеста на многубројните писатели и уметници во повеќето Европски земји. Во Германија која имаше шанси да биде поразена, да речеме, во моментот додека се јадеше само репка „додека генералите сликаа со крв“, сликарот Георг Грос се прашуваше какво уште значење може да има уметничката дејност: „Чуму му служи сликањето на што било? Поради него луѓето нема помалку да продолжат да се убиваат, експлоатираат, изгладнуваат, мамат. Чуму да се создава уметност, чуму да се зборува за дух кога постои сè на сè еден дух - духот на печатот којшто зборуваше: 'Цртајте плакати за воени заеми'“.5

Некои почнаа вака да размислуваат, како поединци или групи, и пред да избијат судирите. Понекогаш стануваше збор за мошне млади луѓе, како што беа гимназистите во Нант насобрани околу Ежен Ибле и Жак Ваше за да објавуваат пецкави весници и за да го напаѓаат, меѓу другото, законот со којшто воениот рок беше продолжен на три години; понекогаш со веќе потврдени уметници, како оние што, во првите години на нашето столетие, ја посетуваа „работилницата во Пито“, то ест ателјето на вајарот Дишан-Вион. Таму се сретнуваа неговите двајца браќа, Жак Вион и Марсел Дишан, како и Жорж Рибмон-Десењ, Албер Глез, Жан Мецингер, понекогаш и Франсис Пикабиа. За време на тие состаноци, не се зборувало само за вечните закони на уметноста, за кубизмот и за неговото можно превозмогнување; почна да се води и „огнена војна“ против здравиот разум. „Од почетокот на векот длабоко во духот на луѓето тлееше револуцијата“, ќе пишува Габриела Бифе, првата сопруга на Пикабиа, прашувајќи се „во која форма би се искристализирал тој револуционерен замав, измачување на телото и духот во тоа сурово време да не го предизвикаше она побунето распрскување во безумие и апсурдност”6, распрскување коешто се помеша со Дада.

Светскиот судир, значи, можеби ја одигра улогата на катализатор: го забрза процесот на освестување којшто веќе ги беше зафатил многубројните писатели и уметници, и поттикнуваше ту средби на поединци, ту соочување на идеи во тоа малцинство што се препознаваше по нештата што ги одбиваше.

Едновремено, војната можеше да предизвика некаков вид инстинктивна реакција на духот којшто присуствува на разгорувањето на материјата. Тоа е чувството на еден Андре Жид којшто во движењето Дада виде помалку последица од војната отколку негова еквивалентност на рамниште на уметноста и мислењето: „Како да не! Додека нашите полиња, нашите села, нашите катедрали онолку страдаа, нашиот збор да остане неповреден! Важно е духот да не заостане зад материјата: тој исто така има право на пропаст. Дада ќе се погрижи за тоа“.7 Ако пред сè ги истакнуваше границите за коишто му се чинеше дека ги достигнало движењето Дада, „апсолутно безначајно“ штом го промрморе своето име, Андре Жид во тоа сепак не се лаже: Дада нема ништо заедничко со некоја уметничка школа каква што е кубизмот. Тој сака да биде, и е, „потфат на рушење“ кој првенствено се струполува врз „градбата на јазикот“.

Дада се насочува на јазикот затоа што тоа орудие за воспоставување односи се покажа како најголем измамник, и во најголема мера придонесе за бродоломот на цивилизацијата. Сакаме пример? Безмалку два милениуми човештвото ја ставаше љубовта спрема ближниот на врвот од хиерархијата на своите вредности. Која смисла би можел да ја задржи тој израз, „љубовта спрема ближниот“, кога една половина од човештвото настојуваше да ја уништи другата половина? Рибмон-Десењ го формулира одговорот на Дада во еден манифест којшто баш и има наслов „Цивилизација“: „Сега се покажа дека најчист начин на искажување љубов спрема ближниот е тој да се изеде“.8

Целата цивилизација е расипана со зборови и вредности чиишто носители се тие. Вистинитото, Доброто, Убавото, сега се откриваа како мошне кревки идоли кои својата ништожност ја покажуваа во текот на војната, кога луѓето можеа и понатаму да медитираат пред нив не престанувајќи меѓусебно да се убиваат, доколку тоа не го правеа во лично име. Гадењето се стопува со гневот за да се наложи докрајчување на сета таа стареж, а Дада не предлага друго туку нејзино потполно уништување. „Нека секој човек извика: постои една голема разорна задача, негативна задача што треба да се изврши. Да се збрише, да се исчисти. Чистотата на поединецот се потврдува после состојбата на лудило, агресивно, потполно лудило на еден свет препуштен на бандити коишто се раздираат и коишто уништуваат столетија.“9: зарем целта на движењето Дада не се наоѓа, јасно дефинирана од Цара, во неговиот манифест од 1918?

Неколку години подоцна Рене Кревел во Дада препознаваше „потфат за јавен спас“ којшто „мошне брзо ги совлада сите стари непобитни идоли“.10 Убавите изрази, зборовите пишувани со голема буква, веќе не се доволни да ги сокријат „ситните добитни комбинации“. Од сега, целото комплетно здание на буржоаската цивилизација смрди на гнилост. Вербалната жестина на еден Рибмон-Десењ добро ја изразува дадаистичката волја ништо да не биде поштедено: „Вашата правда, вашата држава, вашата војска, вашиот поредок, вашата љубов спрема духот, убавото и доброто. Знаеме што ги придвижува сите нив, и каков израз на лицето навлекувате во сенка, на маса, под чаршафи и на клозетската шолја што ве доведува во неприлика. Вие имате една општествена, научна и филозофска идеја за вистината. Што е пак тогаш тој ваш срам од сопственото ѓубре?“11

Акцијата што ја водеше движењето Дада изгледа дотолку порадикална што тоа движење не тврдеше дека се бори против постоечката стварност во името на некоја друга стварност, поблиску до совршенство. Дада не верува во совршенство и ја отфрла идејата за вистина востановена еднаш засекогаш. Нафрлувајќи се така кон основите на цивилизацијата, тој (таа!, прев.) ја поништува секоја надеж за закрпување. Додека уништува, едновремено има намера и да деморализира: „Ние не знаеме на кој начин која било тема сериозно да ја разгледуваме, а од уште повеќе причини оваа тема: нас“12, пишува Андре Бретон.

Движењето Дада намерно го одбра теренот на негацијата и сомнежот. На вредностите на буржоаското општество тоа не им спротивставува некои други. Изгледа дотолку посилно колку што нема што да сочува. Прогласувајќи го сопственото ништожество, овде низ устата на Пикабиа, тоа лесно може да го изнесе на виделина ништожеството на она што сака да го победи:

ДАДА тој не чувствува ништо, тој не е
ништо, ништо, ништо
Тој е како вашите надежи: ништо
Како вашите раеви: ништо
Како вашите идоли: ништо
Како вашите политичари: ништо
Како вашите херои: ништо
Како вашите уметници: ништо
Како вашите религии: ништо
13

Ако буржоаското општество, што Дада мошне често го констатира, не му се поклонува на друг бог освен на парите, за да измамува во поглед на своите намери, за да обезбеди почитување и за најгнасните потфати, за да ја стекне согласноста на мнозинството, потребно му е врз светот да ја фрли сенката на еден семожен бог. Таквиот бог, чиешто непостоење го цементира општественото здание, за Дада може да биде само непријател, „најстар“ и „најстрашен“,14 според Пол Дерме, „дадаистот-картезијанец“.

Исто како и за религијата, така и за највозвишените идеи се смета дека се расипани, а гангрената движењето Дада ја открива длабоко во интелектуалноста, во дејноста што произведува идеи и во зборовите што ги користи. Дада, значи, не ѝ оддава никакво признание на интелигенцијата и против зборовите започнува беспоштедна борба којашто добро ја отсликуваат овие редови од еден манифест на Рибмон-Десењ: „Го измисливте тој тип на ѕверилник на цркотини на коишто упорно секој ден им донсувате стерилизирана храна и чијшто измет го собирате. Мртовечница од вашите зборови. Стара, ускопена кожа од вашите зборови, напола одрана, чиишто мускули и коски заминале некаде да изгнијат. Предмет на вашите љубови. Содомиска страст на задишан старец“.15

Многубројни беа современиците што движењето Дада го сведуваа на еден добро познат феномен, на побуна на уметниците против буржуите, или пак, во најдобар случај, го согледуваа како протест на поединецот спрема општеството. Но таквите набљудувачи не забележале дека дадаистите не воделе сметка за уметноста и културата воопшто, во моментот кога го започнаа судењето на западната цивилизација. За Дада уметноста, културата, всушност не претставуваат островца на чистота сочувани во еден свет што се расипува. А дадаистите, според еден од нив, Германецот Хилзенбек, откако го „изведоа опитот за произведување дух“, се во најдобра положба да го соопштат неговиот залуден карактер: „Дада врши одреден вид антикултурна пропаганда, низ честитоста, низ гадењето, низ потполната ужаснатост од таа лажна супериорност која го погодува интелектуално посветениот буржуј“.16

Уметноста и културата, според него, во ништо не се сфери одвоени од другите стварности кои би заслужувале да бидат поштедени. Да се бранат, тоа би било врвно лицемерие. Да го слушнеме предупредувањето на Рибмон-Десењ: „Препивајте се. Прејадувајте се. Бидете благородни јунаци. Сите имајте Легија на честа, и продадете ја честа, продадете ја честа на другите, мошне скапо. Но немојте да доаѓате да ни зборувате за цивилизацијата, напредокот, Матис сликарот на убави жени, ниту за М. Лот, уредувачот на вечните хармонии“.17 Во буржоаската цивилизација ништо не може да ѝ измолкне на разорната моќ на Дада: таа не ѝ остава никаков изговор, никакви изгледи, исто така, да се подигне, одново да се изгради, дури ни врз други основи.

Едно такво радикално оспорување на општеството, на неговите вредности и јазикот којшто е нивен носител, се чини дека нема преседан. И пред и по Дада, сигурно имало други оспорувачки движења, но тие секогаш имале поограничени мети. Требаше да ги дочекаме настаните од 1968-та па повторно да ја запознаеме уривачката волја којашто не штедеше ниту еден од духовните темели на цивилизацијата. Повеќе летоци растурени 1968-та навистина мошне наликуваат, по содржина и по тон, по вербалната жестина, на дадаистичките манифестации. Токму јазикот и лажните вредности што тој ги покрива ги напаѓа, на пример, еден леток објавен во Бордо во април 1968, кој повикува на зборовите да им се даде нивната вистинска смисла, па, според тоа, „општество“ да се замени со зборот „рекет“, „работа“ со „робија“, „уметност“ со „колку чини тоа“, „господине професоре“ или „добровечер, тато“ со „цркни, гаду!“18

Ситуационистите, кои на надреалистите им префрлаат дека на сила го вратиле стариот идеолошки механизам којшто од секое денешно делумно оспорување прави утрешна официјална култура, му ја признаа на движењето Дада, наспроти, заслугата што тоа ја осуди мистификаторската власт на културата во целина. Низ својата критичка анализа на „општеството на спектаклот“ тие го опишуваат како стока, водечка стока, чијашто култура служи да „оправда едно општество без оправдувања“.19 Во оваа точка, особено, ситуационистите се вредуваат крај дадаистите.

Со други зборови, ако движењето Дада настана во посебните услови на војна и непосредно по војната, од други околности би можела да се појави една слична состојба на дух штом волјата од сè да се направи табула раза ја премавне желбата некое брането подрачје да се држи настрана од критиките.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел


__________________________________________________

[1] Noel Arnaud: “Les metamorphoses historiques de Dada”, Critique, бр. 134, јули 1958, стр. 580

[2] Jacques Bersani: “Dada ou la joie de vivre”, Critique, бр. 255, фев. 1966, стр. 104

[3] Louis Aragon: L’Euvre poetique, t. I, Livre-Club, Diderot, 1974, стр. 29

[4] Francis Picabia: “Carnet d’un sedentaire (II)”, Ecrits, I, Belfond, 1975, стр. 152

[5] George Grosz: “Entretien avec Florent Fels”, Les Nouvelles, litteraires, 12 април 1924

[6] Gabrielle Buffet: Rencontres avec Picabia, Apollinaire, Cravan, Duchamp, Arp, Calder, Bel- fond, 1972, стр. 207

[7] Andre Gide: “Dada”, N.R.F., 1 април 1920, стр. 478-480

[8] Georges Ribemont-Dessaignes: “Civilisation”, 391, бр. 3, март 1917

[9] Tristan Tzara: “Manifeste Dada 1918”, Dada III, стр. 2

[10] Rene Crevel: L’esprit contre la raison (1927), Pauvert, 1986, стр. 47

[11] Georges Ribemont-Dessaignes: Ce qu’il ne faut pas dire de l’art”, La Vie des Lettres, јануари 1921, во Dada I, нав. дело, стр. 28

[12] Andre Breton: “Patinage dada”, Littérature, бр. 13,мај 1920, стр. 9

[13] Francis Picabia: Manifeste cannibale dada”, Ecrits, I, нав. Дело

[14] Paul Dermee: “Dada tue-Dieu”, Littérature, бр. 13, мај 1980, ср. 13

[15] Georges Ribemont-Dessaignes: “Manifeste selon saint Jean Clysopompe” 391, бр. 3, стр. 2, во Dada I, нав. дело, стр. 23

[16] Richard Huelsenbeck: “Introdukction”, Almanach Dada, препечатено Champ Libre, 1980, стр. 167

[17] Georges Ribemont-Dessaignes: “Ce qu’il ne faut pas dire de l’art”, наведена статија, во
Dada I, стр. 29

[18] Леток на одборот за јавен спас на вандалистите, пренесен во Rene Vienet, Enrages et Situationnistes dans le mouvement des occupations, Paris, Gallimard, 1963, стр. 291-292

[19 Да се види Guy Debord: La Societe du spectacle, Champ Libre, 1977, стр. 128]

 

Извор: Маргина #39, Темплум, Скопје, 1998.
Скулптури на сликите: Жан Арп

Слични содржини

Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Балкан / Книжевност / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото