Куса рефлексија за Катица Јанева

20.10.2016 16:21
Куса рефлексија за Катица Јанева

Катица Јанева е прекрасна, истрајна, посветена, стамена и доблесна жена. Од првиот ден на нејзиното стапнување на македонската политичка гладијаторска арена, немав сомнеж дека главниот столб на СЈО е токму таа, и дека таа ќе биде стоичкиот носител на промената во клучните општествени и политички парадигми - ниту еден лидер, ниту една партија. Таа... Не заради функцијата и ингеренциите кои ѝ се дадени, туку заради нејзината личност, која се карактеризира со принципиелност, одлучност, неразвревеност, отсуство на хистерија (од која ми се мачи, а која е сеприсутна во овој политички збудален контекст, кој политиката и политичкото само низ ПР призма ги третира.). Се расправав од првиот ден со сите кои сега ѝ се поклонуваат и ја химнизираат како идол, а тогаш ѝ се потсмеваа од најснобовски, малоѓраѓански па и нарцистички причини (имаше сенешто - „зошто не јас а таа“, „мојата биографија во однос на нејзината“, „моите модни детали во однос на нејзините“...). Ова е земја каде што само миговни паролашки и перформативни финти успеваат. На некој чуден начин, Македонецот се лепи автоматски кога ќе намириса моќ. Веднаш станува посветеник, да не речам следбеник и поданик, на субјектот кај кого што ќе ја почувствува моќта. Затоа, мразам да зборувам за херои бидејќи тоа се книжевни и митски категории. Оние кои се искрени, чесни, посветени на заедничкото добро и правдата, како Катица Јанева, едноставно посветено работат и не мислат на хероизмот како додадена вредност! Останатите се бават со идолатрија, титуларност и хероизам. Катица Јанева не е хероина - таа едноставно е жена со многу нетипични квалитети за оваа култура, која одлично си ја врши својата работа и која менаџира брилијантно со сите удари на овој болно малограѓански контекст во кој отсуствува секаква, та и политичка култура. Катица Јанева не е тотем и не е табу. Таа е онаа точка во нашата политичка историја од која треба да учиме како се гради чувство на доверба, заедница и припаѓање. Катица Јаенва ги сруши сите малограѓански и банално-елитистички стереотипи и го отвори патот за можната рамка на новото општество каде што ќе владеат правдата и правото.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Били Даркарт