1022 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 16:59
Постои изрека дека веројатноста човек да биде фатен како прави глупост е правопропорционална на големината на самата глупоштија. Се чини дека режимот на Груевски и неговата ВМРО во потполност го докажаа ова сублимирано искуство со малоумниот „проект Скопје 2014“. Глобалните размери на глупоста што е вложена во овој идиотски „проект“ без секое сомнение ја оправдаа „инвестицијата“: Скопје стана широко признаена европска метропола на кичот, а Македоња Вечна конечно ја заслужи славата на – ако веќе не најстарата - бездруго ментално најретардираната држава на светот.
Но, ако се загребе малку под површината на дречливата глупоштија во центарот на Скопје, ќе наидеме на безброј докази дека емпириската формула за видливоста на глупоста, особено во нашиве системски тоталитарни околности, практично сè помалку „држи вода“. Испаѓа дека во нашава реалност - кога една тоталитарна власт ја шири глупоста преку институциите на државата – почнува да важи токму обратната пропорција: колку повеќе глупоштии систематски се прават во општеството и колку се тие поапсурдни, глупоста станува стандард на секојдневниот живот и нејзината видливост се намалува практично до исчезнување. До една смирена, дебилна нормалност. Може да се рече, дури, дека вулгарната очебијност на глупоста што еманира од објектите и скулптурите на „Скопје 2014“, уште повеќе придонесува кон невидливоста на илјадниците помали зловести глупости, вградени во законите и прописите, во функционирањето на криминализираното општество – практично насекаде.
Всушност, токму оваа сеприсутност на глупоста, нејзината банализирачка секојдневност, и, ако може да се рече - невидливата огромност, станува феномен што најмногу ја отсликува девастирачката природа на тоталитаризмот. Така што, од аспект на науката, особено интересни стануваат глупоштиите што се невидливи за широката јавност, и оние што се во стручни области во кои би морало да владее здравиот разум, рационалните постапки и процедури и позитивните закони на природата, значи во области што би требало да бидат неинтересни за политичка злоупотреба и далеку од пословичната малоумност на вмровскиот резон.
Така, на пример, деновиве речиси незабележано се протна една навидум сосем бенигна акција на ѓоа притаеното државно-партиско чудовиште на ВМРО. Повнимателниот увид во синхроничноста и координираноста на движењата на божем различните државни тела – владата, парламентот, градот Скопје (а всушност само краци на една иста отровна партиско-мафијашка медуза), неспорно укажуваат на поголемо зло и глупоштија отколку што се наѕира на површината.
За што се работи? Пред недела дена најкриминалното, но и најглупавото Собрание на Земјината топка, на својата историска 123. Седница, кога ги отфрли од разгледување Законот за СЈО и Законот за заштитени сведоци - најважните законски акти за разрешување на македонскиот Магнум Кримен – одлучи во итна постапка да го измени (покрај останатото) и Законот за данокот на додадена вредност, и тоа во насока на намалување на стапката на ДДВ за увоз на пелети и печки и котли за пелети од 18 на 5 проценти. Во пантерска координација со Владата и Парламентот, и градоначалникот на Скопје се истопори пред камерите да соопшти дека со цел да се намали една од главните причини за загадување на градот со затоплување на домовите со горење дрва, градоначалникот и Советот се сплотиле во спасоносната идеја да го субвенционираат купувањето на печки за пелети со кои граѓаните ќе си ги затоплуваат домовите со чисто и обновливо гориво. Иако изгледа дека сè е lege artis, ако човек се наведне над дупката од каде што излегла оваа идеја, ќе забележи како глупоста и злото немилосрдно вртложат длабоко во нејзиниот недоглед.
Првин за „чистите пелети“ - основниот слоган на дрвната индустрија, како и на производителите на пелети и печки на пелети. Имено, интернационалната лага за „чистината“ на пелетите (мали брикети од пресувани дрвени трици, да нема забуна) потекнува од статусот carbon – neutral, демек неутрален статус по однос на емисијата на јаглерод двеоксидот, за кој се изборила (веројатно) грандиозната американска дрвна и дрвопреработувачка индустрија за да го направи легално и прифатливо сечењето на шумите и преработката на дрвото (инаку најштетните и најсамоубиствените дејности на целата планета).
Меѓутоа, ако човек малку се замисли, веднаш ќе открие дека самиот карбон неутрален статус потекнува од толку ретардирана мисла, што ќе речете почитувани читатели, дека ќе засрами и обична букова пенушка. Елем, зошто се смета дека пелетите се „неутрални“ по однос на емисијата на СО2? Затоа што тие горејќи во атмосферата го ослободуваат јаглеродот што претходно, во текот на растењето на дрвата од кои се направени, тие го апсорбирале од истата таа атмосфера!? Па, демек, пата-пата, што зеле, тоа и испуштаат! Ингениозно, нели?
Тоа дека истата логика ги прави и јагленот и нафтата исто толку „неутрални“ како и дрвените пелети, зашто и овие го испуштаат само тој јаглендиоксид што бил врзан во дрвјата од кои настанале, тоа консументите на најдебилната и најдевастирачката глупост на Земјината топка, се разбира, воопшто не ги засега! Кој мегакретенизам! Но, ако се анализира целиот „пат“ на пелетите - од сечењето на дрвјата, сушењето, пресувањето, транспортот, трговијата, разнесувањето по куќи и широко раширената дистрибуција на чад и СО2 од илјадниците домашни огништа, ќе се дојде до нумерички документиран заклучок дека тие се повеќекратно поголеми загадувачи од природниот гас, а за енергијата од термални извори, ветерот и сонцето и да не зборуваме. А, тоа дека единствено еколошки оправдано е воопшто да не се сечат дрвјата, тоа не треба ниту да го помислуваме!
Значи, кој ќе има полза од предизборната „еколошки насочена“, државно-партиско-мафијашка координација на ВМРО? Граѓаните или отровната скопска атмосфера? Ниту едните ниту другата. Полза ќе имаат само политичките криминалци од партијата на Груевски, пред сè заради дефокусацијата на парламентот и јавноста од недонесувањето на најважните закони за разрешницата на нашата агонија, како и политичките стаорци на градско ниво, на кои оваа „еколошка убаина“ ќе им ја покрие децениската штета предизвикана од нефинансирање и нечинење во областите на гасификацијата на градот и субвенционирањето на вистинските чисти и обновливи енергенси. И – да не заборавам – полза ќе имаат и неколкутемина партиско-мафијашки бизнисмени, кои „случајно“ на време ги зазеле монополите за увоз на дрвени пелети и печки.
Сигурно ќе се запрашате, почитувани читатели, зошто пишувам за вакви минорни проблемчиња покрај мегаскандалите што ги произведува тоталитарниот режим на ВМРО? Ќе ви одговорам злоупотребувајќи го познатиот „вселенски говор“ на Кенеди: пишувам за овие трошки на вмровската глупост не затоа што се големи и неповторливи, туку затоа што се мали и се повторуваат и умножуваат секојдневно. Илјадниците вакви честички на глупоста и исто толку честички на злото како песочна бура ја вртложат македонската реалност и ја затемнуваат нашата иднина. Така што, вистинската цел на ослободителната борба не треба да биде соборувањето на режимот на ВМРО-Фашистичка, туку искоренувањето на мутантниот ген на груевистичката ВМРО од телото на македонското општество. Соборувањето на режимот треба да биде само почетокот на процесот на истребувањето на таа двојна спирала на глупоста и злото што се умножува и метастазира во секоја пора од македонската несреќа.
Извор: Слободен печат
Слики: Александар Дојранлиев