За Дилан кај нас се пишува исто како и за Ким Кардашијан

21.10.2016 03:06
За Дилан кај нас се пишува исто како и за Ким Кардашијан

Во два случаи во хрватските таблоиди - ergo, во сите хрватски медиуми - нашироко ќе се зборува за книжевноста: кога книжевно неуката пулска судијка ќе ѝ додели книжевна награда на Нивес Целизиус и кога Боб Дилан ќе стане Нобеловец. Иако постои извесна разлика помеѓу Дилан и Целзиус, нешто им е, сепак, заедничко: не морате да ги читате за да го сфатите битот на нивната книжевност, а потоа и да ги коментирате нивните дела, со полн авторитет, како да сте докторирале на нив. Тоа е она што ги доведува коментаторите до екстаза: книжевност која се восприема, а не мора да се чита. Перпетуум мобиле на хрватската култура.

За Нобеловата награда за Боб Дилан имам барем пет различни мислења. И стојам зад секое од нив. Но, секако, не во исто време. Како ќе застанам зад кое свое мислење зависи од тоа во кое друштво се наоѓам и пред која публика зборувам. Така, ако им се обраќам на уредниците кои деновиве подготвиле темати и специјални емисии посветени на Дилан, мислењето ќе ми биде негативно, полно со потсмев и омаловажување, и сексистички инвективи на сметка на споменатата старлета... Велите дека Дилан не е старлета и не е женско? Нема врска, зашто кај нас за него се зборува како да е старлета и како да е женско. Да речеме, весниците, порталите и приватните телевизии - кои никогаш не посветиле ни збор за никаква книжевност и култура, ниту во историјата на емитувањето имале барем минута културна содржина, и ниедна вест за култура, сега се раздрдорија за Нобеловецот. И велите, не е женско и не е старлета? Некаде другаде, и во некој друг контекст, сигурно не е. Но во Хрватска Дилан не е Боб, Дилан е Кардашијан. Па затоа со него и се прекардашијани. Потсвеста проговори: од оваа година Нобеловата награда за книжевност е претворена во Нобелова награда за функционална неписменост. О, какво олеснување доживеаја нашите!

Ако се свртам на друга страна, во нешто поинтимно друштво, опкружен со роднини и пријатели кои нешто и читаат, ќе го фалам Дилан и ќе ги уверувам дека се случила добра работа. Народен поет, поет на народното срце, чија гитара отсекогаш била оружје против фашизмот, награден со највисоката книжевна награда. Томислав Брлек, ми се чини, деновиве се сети на легендата за стариот Езра Паунд, кој во годините пред смртта (а умира 1973) восхитено ја фалел поетската уметност на Дилан. Стариот фашист, адорант на Мусолини и гениј на нашиот век, сигурно бил во право. За Паунд уметноста била над сè, над човечноста, но и над политичките и поетичките ограничувања - и секако дека го разбирал Боб Дилан. Така и деновиве, речиси непогрешливо, над Дилан се грозат слабите и монденски писатели - на пример Ирвин Велш - а го велича вистинскиот класик на епохата, Салман Ружди. Но, бидејќи Нобеловата награда не е за функционална неписменост, подеднакво не е ни за начитаност. Овој пат со неа е почестена и публиката која не чита ништо. Но зошто читателите би се чувствувале ускратени за нешто? Особено ако Дилан допрел до нив.

Последниве сто години Нобеловиот комитет неколку пати донесувал одлуки кои, последично, го проблематизирале просторот и границите на големата и важна книжевност. И секојпат правеле добра работа. Првпат во 1950, кога го наградија Бертранд Расел, филозоф на математиката, логичар и историчар на филозофијата. Втор пат во 1953, кога го почестија Винстон Черчил, за неговиот масивен, но многу интересен мемоарско-историски циклус. Трет пат во 1997, кога наградата му ја доделија на Дарио Фо, комичар, активист, писател на наменски текстови и импровизатор, а дури потоа класичен писател. Со Расел е речено дека и филозофијата, иако само во мигови на исклучителна вдахновеност и кај многу надарени луѓе, може да биде голема книжевнст. Со Черчил: дека мемоарите и публицистиката на која целта ѝ е само да претстави, опише и објасни некој настан, исто така може да биде голема книжевност. И навистина, кој и да го читал Черчил знае дека така е, и дека овој политичар, еден од татковците на современа Европа, ги заслужил сите свои книжевни награди. А Дарио Фо - можеби и најскандалозниот награден - послужи, меѓу другото, и како потврда дека дури и усната книжевност и импровизацијата можат да бидат вредни за нобеловска почест. Во оваа низа некои, а особено оние кои не прочитале ништо од авторката, ќе ја вбројат и Светлана Алексиевич, уверени дека тоа што таа го пишува е - исповедно новинарство. Не е! Но и да е, вредно е за Нобелова награда.

Боб Дилан е уште еден во низата такви лауреати. Како ни сер Бертранд Расел, ни тој не би можел да напише добар роман, а уште помалку вреден драмски текст или книга раскази. Но ова не е награда за книжевен повеќебој. Освен тоа, не се ни случило нешто што претходно не било повеќекратно најавено. Но, изгледа дека функционално неписмените за тоа, повторно, немаат поим. Функционално неписмените и Ирвин Велш. Уште од оние дамнешни времиња, уште пред четириесет и кусур години, кога Игор Мандиќ со нога ја скрши портата на хрватската поезија, за да го воведе внатре Арсен Дедиќ, расправата за поетите кои пеат можеше да биде завршена. Потоа сите овдешни антологичари, сè академици, послушно го седеа упатството на Мандиќ и го антологизираа Арсен, така што неговиот национален статус веќе стана општо место. Навистина, тоа беше во времето кога Хрватите држеа до својата книжевност и култура, и кога ни хрватските медиуми не беа терен на курви и старлети, но некој сето тоа, сепак, би можел да го памти, па нема да се чуди ни пред Нобеловата награда на Дилан. Евентуално би можел да ламентира над времињата кога и кај нас сериозно се размислуваше за културата, а потоа и за книжевноста и за границите на книжевните жанрови.

Нобеловиот комитет, понекогаш, ни се чини како збир од злобни шегаџии и заебанти. Американците со годни се бунат затоа што меѓу наградените одамна нема некој нивен, на што стокхолмските господа им возвраќаат со молк и игнорирање, а потоа, пред неколку години, еден од нив, ми се чини дека тоа беше поранешниот секретар на академијата, констатираше дека во Америка, просто, не се пишува книжевност вредна за Нобелова награда. И потоа Американците вријат од бес. Или рамнодушно ги креваат рамениците, сеедно е. За да стигне во следната епизода, наградата на Боб Дилан. Ете, господа мои, долго пребиравме и разгледувавме, па заклучивме дека тој ви е најдобар писател.

Дали е тоа баш така, дали некој се пошегува на сметка на Американците? Секако дека не. Тоа само изгледа така. Како што, можеби, некогаш одамна наградите за Иван Бунин и Борис Пастернак некому можеби му изгледале како лоши шеги на сметка на Советскиот сојуз, комунизмот и навистина големата и неспоредлива руска книжевност. Фактот дека и едното и другото изгледаат како шега, зборува, меѓутоа, за некогашниот Советски сојуз и денешните Соединети Американски Држави. Дилан и Пастернак тука се случајни жртви. И извонредни поети.

Како во ниту една друга дисциплина на умот или телото, во книжевноста е награден само поединецот. Неговите сонародници немаат ништо со тоа, освен ако не му пречеле многу во неговата работа. Исто така, наградата никогаш не се доделува за жанр или стил. Па така ни наградата за Боб Дилан не е никакво признание за рокенролот, кантавторите или, да речеме, уличните свирачи кои ги свират и пеат неговите песни. Наградата за Бертранд Расел не зборува ништо за филозофијата, како што ни онаа на Винстон Черчил не беше признание за првоборците и комесарите на бригадите кои баш во тоа време се распишаа и размемоаризираа. Така и нашите, како и белосветските кантавтори сега можат да се сликаат со своето тамбурање. На книжевноста ѝ се еднакво блиски, или далечни од неа, колку што беа и вчера.

Трогателно е по отворените фејсбуци и форуми, и на другите јавни ѓубришта на човечката мисла, да се следат деновиве сите оние тетки и чичковци кои ламентираат дека пред Дилан требало да биде награден нашиот Арсен. Или оние кои веќе ископале што и кога Боб Дилан рекол за Србите и Хрватите, па сега многу сериозно предлагаат хрватското Министерство за надворешни работи да упати протест до Нобеловиот комитет и Шведската академија. По нешто од тоа се наоѓа и во таканаречените јавни медиуми. Така, некои ги испрепишаа стиховите од песните на Дилан, со апел - прочитајте го ова и ќе ви биде јасно зошто Боб Дилан ја добил Нобеловата награда за книжевност.

Следната година ќе биде многу полесно. Наградата ќе ја добие некој за кој не сте ни слушнале и за кој не можете да дознаете ништо ако не се подложите на страшната и многу болна мака - читањето. А веста за следниот Нобеловец повторно ќе биде објавена зад аналитичката статија за љубовната афера на хрватскиот лев бек и научниот есеј за модниот стил на некоја, денес сè уште безимена, хрватска старлета. И ќе биде добро, ќе помине Боб Дилан, а нам ќе ни остане фудбалот, неделната миса и фрлањето диск за жени.

Извор: www.jergovic.com

ОкоБоли главаВицФото