За Ванчо Михајлов, со негови зборови (2)

24.10.2016 05:40
За Ванчо Михајлов, со негови зборови (2)

Од автономија до анексија

 

Веројатно има читатели кои сметаат дека во моите колумни за Александров и Михајлов има премногу цитати и дека тоа ги прави напорни за читање. Но јас сметам дека цитирањето, а не прераскажувањето, ќе придонесе за расчистувањето на маглите и митовите. Читањето мора да му претходи на толкувањето. Толкувачот мора да ја сподели со читателот својата лектира и своите извори. И да толкува дури откако ќе ги сподели. Особено доколку тоа го прави во средина која гори од предубедувања и страсти, резултат на перманентното бомбардирање со пропаганда која ја контаминира и јавноста и приватноста. Затоа јас се придржувам за правилото: Најпрвин цитирај, потоа коментирај!

Во интервјуто што му го дал на дописникот на весникот Хрватска (гласило на Хрватски ослободилачки покрет, основан 1947 година во Аргентина од поглавникот Анте Павелиќ) во септември 1970 година, на прашањето: „Зар балканските марксисти не беа за независна Македонија која би влегла во една балканска федерација?“, Иван Михајлов одговара: „Македонски марксисти имаше малку. До август 1944 година во Скопје биле регистрирани околу 8000 работници. Ниту еден од нив не станал партизан. А за селаните не станува ни збор. Партизаните беа само една незначителна бројка бивши студенти од белградскиот универзитет, а со нив и извесен број Албанци и главно таканаречените ’србомани’, кои по јазикот и сите етнографски одлики се Бугари, но во некои села недалеку од српската граница потпаднале под влијание на српските чети.“

Зар Ванчо ја одбил понудата да формира независна Македонија само поради една незначителна бројка патизани и си ја здувнал? Или Ванчо се уплашил, или бројката и не била толку незначителна. А Црвената армија била далеку од Македонија, ниту еден советски војник не стапнал на македонска територија. Но, тоа и не е толку важно од денешен аспект. Важно е тоа што Ванчо и во 1970 година тврдел дека во Македонија, доколку ги исклучиме националностите, има само Бугари и ’србомани’.

И ете, тука лежи срцевината на спорот: Јас никому не му го оспорувам правото да се чувствува Бугарин и така да се изјаснува, а најмалку на Тодор или на Ванчо, но не можам да прифатам некој да ми го оспорува правото да се чувствувам Македонец и да го сведува на србоманство. Тоа е мојата визура, дополнета со антифашизмот, за кој се надевав дека во 21 век нема да морам да го нагласувам и застапувам, но се излажав. Мојата визура секако е левичарска, но антисталинистичка. Очекувам својата визура да ја појаснат и оние кои се вознемирија од мојата колумна „За Ванчо, со негови зборови“? Јас бев многу прецизен кога групата што ми ја испрати пораката да не сум се занимавал со историјата и да сум си ја гледал работата, ја опишав како тодоралександровци, а на крајот од тој пасус ја доопишав како новокомпонирани патриоти. За нив и денес мислам дека се под идеите на Тодор Александров.

Излезени се од под шинелот на Никола Груевски. Од под чиј шинел е излезен тој, сè уште не знам, но знам и имам многу аргументи да докажам дека не е од под моето палто (веројатно сум еден од Македонците кои беа и сè уште се мета на нападите не само од страна на неговите „курири“ и гаулајтери, туку и од страна на Груевски лично), како што ми подметнува најопширниот од оние кои се вознемирија од мојата колумна.

На прашањето од дописникот на Хрватска: „Бидејќи словенското население во Македонија било и сега е во мнозинството бугарско, како може да се објасни тоа што ВМРО и легалните организации во емиграција ја застапуваат идејата за независна Македонија?“, Ванчо во 1970 година одговара: „Оваа позиција е усвоена уште при создавањето на ВМРО во 1893 година. Основачите го имале на ум држењето на некои големи сили кои ги признавале бугарските етнографски граници, но не сакале да го поддржат создавањето поголема бугарска држава. Ја имале предвид и зависта на соседните балкански држави; а сакале да излезат со најприфатлива програма пред другите народности во Македонија (Грците, Власите, Албанците и, пред сè, Турците). (...) Ние и денес сметаме дека најдоброто решение е следното: независна Македонија, но без никакво негирање и газење на која и да е историска народност, локално признавана и од турскиот режим. Тоа е сосема во духот на македонскиот ослободителен идеал: независна Македонија како Швајцарија на Балканот.“ Но, во таа Швајцарија Ванчо не гледа Македонци, ама тие од незначителна бројка, како што тврди тој, во меѓувреме нараснале до мнозинско население во Македонија. Ванчо тврди дека само народностите признавани и од турскиот режим имале право на постоење. Тој аргумент ме потсети на аргументот на белградскиот професор Војин Димитриевиќ, со кого полемизирав на една конференција организирана од Универзитетот во Кент на почетокот на 1990-тите години. Тој тврдеше дека правото за формирање независни држави завршило во 1918 година, па според тоа, Република Македонија не може да биде независна држава!

 

Дописникот на Хрватска го поставува и клучното прашање: „Доколку Југославија се распадне, во која насока ќе тргне онаа област која денес го носи името македонска народна република?“, и добива одговор од Ванчо: „Засега има барем два пата: или независност или обединување со Бугарија, евентуално и во форма на некаква автономија, со оглед на тоа дека, иако се малцинство – таму има и други народности. Дозволувам дека во оваа насока одат мислите и на некои бугарски комунисти, а можеби во помали размери и мислите на некои пропаднати ренегати.“ Дописникот не прашал, а Ванчо не објаснил за какви и кои ренегати (отпадници, м.з.) се работи, иако претходно во интервјуто со тој збор обележува Македонци, односно „србомани“.

На последните две страници од брошурата (отпечатена на бугарски јазик во септември 1993 година) во која е објавено интервјуто, поместено е обраќањето на Ванчо Михајлов, До сите браќа и сестри во Пиринска Македонија, во кое тој ги зацврстува ставовите изнесени пред 20 години во интервјуто за Хрватска:

„Она што во денешно време е особено важно и справедливо е следното: Бугарија да се прошири на јужните и западните македонски области, кои пред сто години биле исцртани како граници претежно на бугарското племе. Меѓу тоа време и денешното време би можел да се прифати следниот преоден компромис: Независна Македонија во сите нејзини географски граници, кои што ги посочува самото населението кое живее во нив. (...) Македонската нација и јазик не постојат. Тоа се измислици на фантазии како српската, за да се искористат како аргументи пред луѓето кои не го познаваат добро ни минатото ни сегашноста. ВМРО секогаш правилно гледала на етнографските и политичките стремежи на Белград. Денешната таканаречена Република Македонија содржи во себе низа неправди и фалсификати.“ Под ова, на левата страна: Италија, 11.03.1990 година, а на десната – Ваш: (факсимил) Иван Михајлов, Член на ЦК на ВМРО од 1924 година до ден денешен. По шест месеци, починал. По смртта на Тодор Александров, Ванчо го фатил патот кој го оддалечил од заложбите на Александров за автономија на Македонија надвор од границите на Бугарија и го одвел до барањето анексија на Македонија од страна на Бугарија, со автономија само како преоден компромис. Да поживеел уште само 12 месеци, Ванчо ќе ги видел резултатите од референдумот на кој мнозинството од населението се изјаснило за независна Република Македонија.

Десет години подоцна, издавачката куќа Менора, со финансиска подршка од Фондацијата отворено општество Македонија, ја објави на „непостоечкиот“ македонски јазик книгата По трнливиот пат на македонското ослободително дело од Иван Михајлов, објавена на бугарски во 1939 година под псевдонимот Брегалнички.

Кон првиот дел

Извор: Плусинфо