Гротеска

25.10.2016 08:51
Гротеска

1.

Акцијата „Спасувај се кој може и како може“ дава резултати. Задоцнето, додуша, ама сепак. Ете, спасувачкиот тим, среде Скопје (?), успеал божем да извлече давеник од Вардар! Каде беа пред неколку месеци, никој не кажува. А како се ближат изборите, вакви акции ќе има сè повеќе, на сите страни. Некои си ги почнаа акциите на време. Уште пред цела година! Никола Димитров баталил дури и работа во Холандија и дошол да си ја спасува мајка Македонија. Го викала во сон, што ли? Или чувствува грижа на совест? Кога совеста така лесно би се чистела. (Апропо, и неговиот дедо да ти бил комита. Испаѓа дека во тоа време, ама од денешна перспектива, секој втор човек бил комита. Како тогаш Османлиите останаа толку векови на овие простори?).

Велат дека денес-утре и неколку пратеници од најнационалната партија ќе сменеле дрес. Ептен им биле бербат, дресовите, ќе барале почисти – во ФРОДЕМ (sic)! Само, многу доцнат. Или тоа не се гледа, битно е да се спасиш? Ама, повторно, се спасува ли честа така едноставно, со пребегнување и менување дрес? А ако снема дресови? Зашто, веќе ги искупија Лилето на тато Блаже, Павле, Кекеновски, Димитров… и компанија. И така – цел живот? Луѓе за поткусурување? Мрсулав некој живот, безрбетен!

2.

Какви циркуси допрва ни претстојат сам Бог знае. И, евентуално, г-ѓа Катица. Мислам на македонската страна, се разбира. Странците веројатно знаат. Како што уште во јуни минатата година му кажале збогум на паташонот. Мислам на американските меjлови, нормално, во времето кога овој (сè уште) запенето држеше говори и митинзи и се удираше во гради до помодрување: нема ова, нема она … ама – имало. Сè!

На оние не би сакал да сум им во кожа. Иако има теории дека многумина лесно ќе поминат, ама не сум многу сигурен во тоа. Има исто така многумина - се вклучувам и себеси – кои секојдневно ќе ги потсетуваат на неделата. И на злоделата. И на апашлакот! Па белки некој ќе чуе. Ете, немаме попаметна работа, ни поминаа десет години во ветар, ама меморијата нè служи, сè уште. А некои од нив ќе ги сретнеме и на улица, нели? Па не ќе можат вечно да се кријат!

Не дека не се обидувам да разберам. А има и некои кои ми помагаат во тоа, демек да разберам, дека тие не правеле ништо лошо, дека тоа биле ставови на интелектуалци, дека само имале свое мислење … кое што, ете, некако случајно, постојано се совпаѓало со партиските ставови на бандитине. Ама како и сè друго се совпаѓаше, од членувањето во сите добро платени совети, комисии и одбори, финансирањето на сите нивни проекти и проектичиња, а богами и проектчишта, на секој нивни испрдок? И добро забележал писателон, веројатно од личното искуство, дека „послушните ќе бидат послушни додека се платени за послушност“! И беа, богами, добро платени. Како за петорица. Вклучувајќи го и него. Веројатно ги гледаа, и се гледаа, како незаменливи, неповторливи. И беа, богами, зашто малкумина се нафаќаа(т) да бидат такви слуги на ваков бандитски режим! Други, пак, упорно сакаат да нè убедат дека тука вршљаат некакви странски чадори и дека тие, а и ние, сме биле нивни жртви. Можеби, ама ако на ваков еднодецениски арамиски потоп некој ти даде чадор, треба да му бидеш благодарен. Или овие мислеа дека трeба да нè удават, сите топтан, во нивниот криминал и нечесност?

3.

Сè на сè, ситуацијава станува неверојатно гротескна, парадоксална. Оние од кои ти се превртува(л) стомакот веќе десет години, сакаш уште повеќе да ги гледаш. Дури и секојдневно. Зашто денес, улогите се целосно поинакви, сменети. Тие веќе не се режисерите, туку се бедни статисти во драмолетката „држ’те лопова“ и „спасувај се кој може“. Ги гледаме (веќе) секојдневно како се препотуваат објаснувајќи какви цвеќенца се всушност, нежни и миризливи божем кокичиња, како тие не се огрешиле од ништо и никого, повикувајќи се на Устав и закони. Тие, кои секојдневно не само што ги кршеа туку ги газеа, најнемилосрдно, онака – од инат, и со ќеф. И знаеја дека знаеме што прават, ни се смееа в лице мислејќи дека нивното вечно ќе трае. Сега плачат ко мали деца, или бегаат од камерите ко она прилепсконо сељаче кое до лани секогаш беше спремно нешто да мудрува. А шефицана на партискиот мвро штаб ја крие партиското обезбедување. И таа нема што да каже. Па и нема(ат), сè е кажано, одамна. Сега друг им (рас)кажува што и како правеле. Каква беда од луѓе. Не се кадарни дури ни на сопствената вина да ѝ погледнат в очи! Или – тоа е најтешко? Можеби, за глувци како нив.

И полека сите доаѓаат на ред. А кој нема да стаса, ќе има и нови термини. Закажани се, однапред. Ако не биде ова СЈО, ќе биде некое друго. Нивните криминали не застаруваат. На тоа се надеваше и Елизабет, ама ја изненадија. Мислеше бурата поминалa, не гледа дека дури сега забрзува. Нејзиното допрва претстои зашто влече десетгодишни опашки. А тие не можат да се сокријат со никакво париско фустанче! Уште помалку со фингирани повикувања на процедури и закони. Зошто не ни ги кажуваше тогаш кога требаше, туку надмено вртеше глава као „ја нисам одавде“? А из дакле сте, „мадам“? Вие, и сите ваши пулени кои ги гоштевавте со културниот буџет цели десет години? И кои полека се обидуваат да се оддалечат од веќе засмрденото гнездо на криминалот, корупцијата и клиентелизмот? И тие мислат дека ветриштата ќе ги одминат, дека смрдеата од нивната облека така лесно ќе ја пролуфтираат. Ама десет години не се малку. Дури и ако пишуваат секојдневно, како незаменливион „писател“, или оние два-тројца полуписмени издавачки ѓоа могули, или оние подмочани академици купени за две книги и еден саем (па нека е и Франкфурт!), па џезерон во опинци среде „златнион“ театар – каква гротеска!

П.С.

А ја видовте ли Елизабет како не го дава фамозното пенкалце, веројатно и тоа купено од наши пари? Го стиснала и не пушта, ко бултериер. Мисли сите се како нив, па нема да ѝ го вратат!?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Били Даркарт (врз Одилон Редон)

ОкоБоли главаВицФото