Стиглиц не е во право

25.10.2016 11:10
Стиглиц не е во право

Џозеф Стиглиц, американскиот економист и добитник на Нобеловата награда за економија објави нова книгаЕвро: како заедничката валута ја загрозува иднината на Европа. Во последно време објави и неколку подолги статии во кои се залага за „постепено напуштање“ на еврото. Стиглиц верува дека „крајот на заедничката валута не би бил нужно крај на европскиот проект“. Со таквиот став тој покажува длабоко неразбирање на европската реалност.

Како и повеќето американски економисти кои цврсто се држат до теоријата за „оптимални валутни зони“, Џозеф Стиглиц уште од деведесеттите години од минатиот век беше мошне критичен кон проектот за единствена валута. Идејата за оптимални валутни зони на почетокот од шеесеттите прв ја изложи Канаѓанецот Роберт Мундел, добитник на Нобеловата награда за економија во 1999. За одредена зона да има интерес за користење на заедничка валута, пишуваше Мундел, таа мора да исполнува одредени предуслови, што вклучува висока подвижност на производствените фактори (капиталот и трудот), доминација на симетричен образец за шокови (усогласеност на деловните циклуси помеѓу земјите), значајни фискални трансфери и хомогени колективни преференции на жителите на зоната.

Во повеќе елементи идната еврозона не ги исполнувала тие услови. Но, тоа често е проблем со теоретските конструкции – во реалноста веројатно не постои зона која ги исполнува сите поставени критериуми. Во практиката, „оптималната валутна зона“ не е ништо друго туку зона која зад себе има повеќедецениско искуство на користење единствена валута.

Самиот Роберт Мундел не тврдеше дека неговата теорија имплицира дека единствената европска валута не е можна или не е пожелна. И покрај тоа, активно го поддржуваше проектот за единствена валута со кој беше блиско поврзан од седумдесеттите години, иако често ги критикуваше ставовите на германските политичари кои учествуваа во проектот.

Она што особено иритира во овој контекст, со оглед на тоа дека доаѓа од еден прогресивен економист каков што е Стиглиц – тоа е став во кој Стиглиц не е осамен – е неразбирањето на висината на политичките улоги во овој проект: пред сè, еврото беше средство за прекинување со неолибералниот пристап во процесот на европските интеграции, според кој со интеграциите треба да управуваат исклучиво пазарните сили. Во таквиот режим единствено пазарот би бил оптоварен со практиката на дампингот не само во доменот на даночните и социјалните политики – што и денес е голем проблем – туку и во доменот на монетарната политика. Имаше обиди таквите трендови да се стават под контрола со воведување фиксни, но прилагодливи курсови помеѓу европските валути, но тој механизам не заживеа.

Еврото прекина така што клучниот елемент на суверенитетот го префрли на Европската унија, што најпосле овозможи недопирливата политика на пазарната конкуренција да се замени со заедничко водење на политиките – монетарната и валутната. Џозеф Стиглиц очигледно е во право кога нагласува дека условите зацртани во времето на конципирањето на еврото со договорот од Мастрихт 1992 и правилата утврдени во времето на конечното воведување на валутата 1999 биле неадекватни и дека во големи размери придонеле за кризата во 2010 (на што со своите колеги неуморно укажував во Alternatives Economiques во последните 25 години).

Денешните американски економисти кои голем дел од глобалниот авторитет му го должат на доминантниот статус на доларот ја имаат таа непријатна навика да забораваат дека и американската монетарна унија е резултат на долг и комплициран процес: требаше да поминат 137 години од прогласувањето на независноста (и една крвава граѓанска војна) за Американците да добијат централна банка (1913). Таа бурна историја е опишана во неодамна објавената и мошне корисна публикација на експертската организација Bruegel во која тој „долг, тежок и политички размрдан процес“ (создавање монетарна и финансиска унија во САД) се споредува со значително пократката историја на еврото.

Исто така, Џозеф Стиглиц очигледно го потценува значењето на промените кои се извршени во еврозоната по кризата во 2010. Тој објаснува дека Европската унија пред сè морало да биде „банкарска унија“. Што, се разбира, е точно: тоа е еден од клучните елементи кои недостасуваа од самиот почеток и причина за многуте неволји кои следеа кога се воспостави магичниот круг помеѓу државите и банките. Но, банкарската унија постои од ноември 2014, иако сè уште не го помина тестот на реалноста и има многу недостатоци. Особено ѝ недостасува заедничко осигурување на депозитите, како што овој нобеловец правилно забележува.

Исто така, вели Стиглиц, недостасуваат „правила за контрола на пазарните вишоци“. И тука е во право: големиот трговски суфицит на Германија е главна причина за дисфункционалноста на еврозоната. Но, и тие правила сега се воведени со пакетот од шест регулаторни мерки од 2011, што беше голем чекор напред за еврозоната. Сепак, збунува отсуството на политичка храброст на Европската комисија, барем засега, тие мерки да ги примени и јавно да се изјасни за германските вишоци.

Понатаму, Стиглиц тврди дека се потребни „еврообврзници или некој друг механизам за изедначување на долгот“. Иако не се нарекуваат така, зашто тоа би било кршење на политичкото табу, Европскиот механизам за стабилност кој веројатно ќе обезбеди 700 милијарди евра за долгот, и 300 милијарди од планот на Јункер, претставуваат облик на еврообврзница во зачеток. Освен тоа, политиката на големи откупи на инструментите на суверениот долг од страна на Европската централна банка де факто води кон изедначување на европските долгови во банкарските биланси – што со текот на времето ќе отвори некои нови тешки прашања.

Уште еден елемент што недостасува, продолжува Стиглиц, е „монетарна политика која ќе се фокусира на вработеноста, растот и финансиската стабилност, а не само на инфлацијата“. Француските политичари и од левицата и од десницата, во седумдесеттите години сакаа со воведување на еврото да вратат дел од монетарната сувереност што ја губеа заради слабеењето на франкот. Целта беше да се спречи унилатералното управување со европската монетарна политика од германската централна банка која водеше сметка само за инфлацијата и не посветуваше внимание на растот и вработеноста.

На тој фронт, што и да тврди Стиглиц, еврото ги оствари поставените цели. Европската централна банка денес спроведува исклучително експанзивна монетарна политика и нејзиниот биланс во обем го надминува билансот на системот на федералните резерви во САД. Најостри критичари на таа политика во рамки на ЕЦБ се претставниците на германската централна банка. Заради тоа, двајца од нив 2011 година поднесоа оставки на членството во управниот одбор на ЕЦБ.

Но, дури и пред кризата од 2010 година, главната забелешка што можеше да се упати на сметка на Европската централна банка во периодот од 1999 до 2008 беше дека веќе спроведува експанзивна монетарна политика која создава шпекулативни меури во јужна Европа. Можно е сите тие промени извршени на работ од провалијата да се „премалку и предоцна“, а тоа ја продолжи кризата на еврото.

Сепак, ако некој на почетокот од 2010 година им кажеше на Ангела Меркел и Волфганг Шојбле дека во наредните пет години ќе се утврди фонд од 700 милијарди евра за помош на земјите во криза, дека ќе се воспостави банкарска унија и дека Европската централна банка на големо ќе почне да ги откупува приватните и јавните долгови, тешко ќе беше да се погоди дали плачат од смеење или од бес. Во тој момент двајцата беа сигурни дека ништо од тоа нема да се случи додека тие се живи.

Клаузулата за забрана на финансиското спасување која беше во самото јадро на договорот од Мастрихт и која не дозволуваше солидарност со земјите во фискална криза, практично беше отповикана. Но, Џозеф Стиглиц со право го нагласува впечатливото отсуство на индустриски политики, да не ја споменуваме и натаму структурно рестриктивната ориентација на фискалните политики. Тоа е суштината на проблемите кои спречуваат економијата од еврозоната да влезе во период на одржливо закрепнување. Многу е тешко да се реши тој проблем од политички причини.

Кога станува збор за Франција, штета што за пет години колку што е на власт Франсоа Оланд, ништо значајно не е направено. Се разбира, успехот не е гарантиран, но Оланд не се ни обиде да преземе нешто.

Сепак, овој нобеловец најмногу греши кога од таквите пропусти и длабоки политички проблеми извлекува општи заклучоци. Бидејќи Европејците се неспособни да остварат напредок на ова поле, Стиглиц смета дека е најдобро да се најде начин за „постепено напуштање на еврото, со можност за преминување кон некој пофлексибилен евро систем“. Според неговото мислење, „крајот на единствената валута не би морал да биде крај на европскиот проект.“ Но, тоа е мошне ризичен облог.

Прво, нејасно е како напуштањето на еврото би ѝ помогнало на која било земја во зоната. Земјата која би излегла од системот прво ќе забележи дека каматните стапки со кои се задолжува ненадејно пораснале. Така, повторно се враќаме на комплицираното прашање за долговите кои се акумулирале кон остатокот од светот. Ако државата продолжи да ги пресметува долговите во евра, и покрај депресијацијата на националната валута, товарот од долгот ќе се зголеми: ако еднострано одлучи да не ги враќа долговите, макар и делумно, ќе мора да се подготви за долг период на исклученост од меѓународните пазари.

Во секој случај, таквата земја со години ќе мора да применува мерки за штедење посурови од оние кои (непромислено) ги пропишува Тројката. Дури и Грција, земја од еврозоната која најмалку би изгубила со излегување од монетарната унија, му се спротивстави на искушението и запре на работ од провалијата. Таквиот потег не го наметнаа локалните елити, туку огромниот притисок на грчката јавност: оние што им советуваат да излезат нема да бидат тука за да ги сносат последиците, а грчките граѓани во својот паричник повеќе би сакале да имаат евра отколку драхми, без разлика што ќе каже за тоа Џозеф Стиглиц кој не мора да се грижи за силата на својот долар.

Идејата за постепено напуштање на еврото која нема да ги загрози темелите на европската градба личи на научна фантастика. Ако дојде до тоа, логично е да се очекува дека европските земји ќе се обидат да ги предупредат соседите, да ја зајакнат „конкурентноста“ така што ќе приграбат дел од нивниот извозен пазар и ќе ги привлечат инвеститорите со пониска цена на трудот по девалвацијата на новата валута во однос на некогашното евро – што истовремено би ја намалило домашната потрошувачка заради падот на куповната моќ предизвикан од истата девалвација. Со други зборови, би почнал процес на трка кон дното кој ќе ја разгори војната на сите против сите.

Во реалноста, напуштањето на еврото има само една цел, онаа која во таквиот потег ја гледа Марин Ле Пен, а тоа е доведување во прашање на процесот на европските интеграции и излегување од унијата кое ќе го турне континентот во ужасите од минатото. И покрај оние што ги поттикнуваат и ги туркаат во таа насока како Џозеф Стиглиц, граѓаните од Европа не покажуваат желба да направат таква грешка: и покрај основаното незадоволство од еврото, тие не сакаат да се откажат од него. Можноста тоа да се случи толку ги загрижи француските гласачи – сосема оправдано – што дури и Марин Ле Пен ја ублажи реториката за напуштање на еврозоната.

Задачата е тешка, а напредокот бавен. Сепак, откако ќе се донесе одлука, Европа нема алтернатива освен постепено да ги исправува пропустите за својата монетарна унија. Сè друго е фикција, понекогаш фикција со висок квалитет во жанрот на економската теорија, како во случајот на Џозеф Стиглиц. Неговата загриженост за Европа е трогателна, но начинот на кој му пристапува на проблемот потврдува дека кога се во прашање темите во кои историскиот, општествениот и политичкиот контекст имаат пресудна улога, чисто теоретските пристапи не се од голема корист.

Дали можеме да го обвинуваме за тоа? Ако некој Европеец напишеше книга за тоа што треба да преземат Американците за да го намалат нивото на нееднаквост во САД, како да го премостат јазот помеѓу републиканците и демократите, белите и црните луѓе или државите од југот и оние од крајбрежните зони, веројатно би ја промашил темата исто колку и Стиглиц во својата последна книга.

Слики: Barbara Bernát

Извор: https://www.socialeurope.eu


ОкоБоли главаВицФото