Победничката Хилари

26.10.2016 11:01
Победничката Хилари

Од почетокот на оваа бескрајна предизборна кампања медиумите нè убедуваат дека Хилари Клинтон е лоша кандидатка, пред сè затоа што е неубедлива како личност. Последен, на тој начин оспоруван кандидат беше Ал Гор во кампањата 2000 година. Но, госпоѓата Клинтон ја освои демократската номинација, го победи својот противник во сите три претседателски дебати и е фаворит за победа на претседателските избори на 8 ноември. Како успеа да го направи сето тоа ако е толку лоша? Некои велат дека таа едноставно има среќа: ако републиканците не го номинираа Доналд Трамп, таа немаше да успее. Еве и контра аргумент: можеби таа победува затоа што ги има вистинските квалитети што ги игнорираат медиумите.

И, кој би бил подобар кандидат од Републиканската партија? Господинот Трамп ја освои номинацијата затоа што на партиската база ѝ го зборуваше она што сака да го слушне, канализирајќи го расното прашање кое веќе со децении е рецепт за успех кај тоа гласачко тело. Тој само го изговори она што го мислат неговите ривали и затоа беше толку поуспешен од нив. Сите тие се послични со Трамп отколку што признаваат заговорниците на алтернативната историја во која кандидат на републиканците е Марко Рубио. Се сеќавате кога трипати рефренски повторуваше: „Не занесувајте се од тоа дека Обама не знае што прави; тој точно знае што прави“, за време на еден од своите настапи. Оваа изјава ја иницираше лудата теорија на заговор дека претседателот Обама намерно го руши угледот на САД во светот. Па, дали тој навистина е подобар од Трамп?

Неавтентичноста е основниот проблем на републиканските лидери. Ниеден од нив не верува во волшебните зборови за намалување на даноците, или дека климатските промени се голема измама, или дека повторувањето на фразата „исламски тероризам“ ќе ја порази ИСИС. Но, мора да се преправате дека го мислите сето тоа за да бидете примени во републиканскиот клуб. Со Трамп оваа неискреност се соголи и им стана јасна на повеќето луѓе.

И уште нешто за господинот Рубио: зошто некој мисли дека човекот кој се скрши од подбуцнувањето на Трамп би ја победил жената која остана присебна за време на единаесет часовното испитување за Бенгази, при што нејзините иследници испаднаа големи будали? Тоа нè доведува до квалитетите на госпоѓата Клинтон. Кога коментаторите фалат нечиј политички талент, тие пред сè мислат на ограничениот збир архетипови: херојски лидер, момче со кое би испиле пиво, страствен говорник. Госпоѓата Клинтон е премногу жена за да биде таков просечен машки говорник со предвидливи реплики.

Но, оваа есен во дебатите импресионираше милиони гледачи: самоуверена, смирена, совршено подготвена, убедлива. И нејзините победи во дебатите растеа како што поминуваше времето, а впечатоците во јавноста спласнуваа. Доблестите што ги покажа за време на дебатите ќе ги има и како претседателка. Искажувањето на стручноста и смиреноста во стресни ситуации се врвни квалитети, иако не се совпаѓаат во стандардните обрасци на харизматичноста. Госпоѓата Клинтон во кампањата внесе уште нешто што го нема ниеден републикански кандидат: таа навистина се грижи за важните прашања и верува во решенијата што ги предложува.

Знам дека таа на многумина им изгледа преамбициозно и студено калкулантски и дека ја обвинуваат дека за макроекономските прашања зборува без вистински жар. Но, посветено и со страст зборува за женските права, расната неправда или поддршката на семејството. Поуверлива е од сите републикански лидери. Крајно време е да признаеме: Хилари Клинтон не успеа затоа што има среќа, туку затоа што е натпросечно човечко битие.

21.10.2016

Извор: http://www.nytimes.com