„Ние одлучуваме“ - граѓанска акција пред Собранието на РМ

27.10.2016 02:41
Ние одлучуваме

Пред Собранието вчера беше промовирана граѓанската кампања „Ние одлучуваме“, која има за цел да ги информира, мотивира и охрабри граѓаните да учествуваат на предвремените парламентарни избори на 11 декември. Акцијата има за цел и да ги регистрира злоупотребите на јавните ресурси и на институциите за изборни цели, како и заканите и заплашувањето кон граѓаните за остварување на своето избирачко право.

Пред Собранието беше претставен и камионот „мерцедес“ кој како заштитен знак на акцијата ќе патува по целата земја каде граѓанските активисти ќе имаат средби со граѓаните. Камиониот е целосно осветлен со лед-светилки за да може и ноќе додека сообраќа по патиштата да ги мотивира и потсети граѓаните да гласаат.

Ирена Стеријовска, една од активистките во акцијата, истакна дека единствена цел на оваа кампања е да се потенцира важноста на предвремените избори кои ќе се одржат во декември и да се настапи одговорно во овој решавачки момент за Македонија.

- Организациите од „Ние одлучуваме“ ќе ги регистрираат сите злоупотреби на јавните ресурси за изборни цели. Ќе ги регистрираме и заканите кон гласачите, а во рамки на акцијата се предвидени мотивирачки кампањи за излезност и за тајност на гласот, бесплатна СОС линија за пријавување повреда на гласачко право, како и мониторинг на партиските избори. Ги поттикнуваме граѓаните да гласаат на 11 декември затоа што бараме промени, можеме подобро, бидејќи ние одлучуваме - рече Стеријоска.

Активистот Драган Додевски во својот говор нагласи дека никој нема право да ги прашува граѓаните за кого гласале, ниту пак тие имаат обврска да кажат како гласале.

- Граѓаните ќе може да пријават заплашување, притисоци или повреда на гласачко право на бројот 0800 88 88 секој ден од 9 до 21 часот, а тајноста на граѓаните е гарантирана - нагласи Додевски.

Младиот активист Љуми Бекири потенцираше дека младите се најзасегнати од политиката, а најмалку заинтересирани за гласање, но оцени дека за нив постои перспектива во Македонија.

- Подобра Македонија е можна само ако младите повеќе се ангажираат зашто политиката им припаѓа ним, исклучиво на граѓаните, а не само на политичарите - рече Бекири. 

Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото