Сто години дадаизам (4)

28.10.2016 01:59
Сто години дадаизам (4)

 

Скандал заради скандал

 

Целта на движењето Дада, потполното разурнување на темелите на западната цивилизација, може да изгледа претерана кога знаеме дека дадаистите, во секој од градовите каде што се беше вообличило нивното движење, претставувале само мала група поединци. Како тие воопшто замислувале до крај да изведат еден таков потфат? Тие не се насочуваат против луѓето, дури не ниту непосредно спроти установите, тие ги напаѓаат вредностите, начините на мислење врз коишто се содржело секое здание, и умееле да создадат оружје прилагодено на нивниот начин на борба. Ним воопшто не им било потребно да убедуваат, да водат расправи за идеите, што би претпоставувало постоење на некој референтен систем подложен на критика, некој можен терен за средба со противникот. Доволно им било сè ѓутуре да отфрлат и да им дадат најширок публицитет на чиновите кои го симболизирале таквото отфрлање. Дада, значи, тежнеел да скандализира, а притоа скандалот да нема други оправдувања освен сопствената разорна моќ и задоволството што го пружал.

Бидејќи немало што да објаснува, уште помалку да брани, движењето Дада можело да ѝ се предаде на оргијашката игра на масакрот, на она што Хуго Бал го нарекува „луда игра на ништожеството“. Дада ѝ дава предност на шегата над раскрвавената поза и, бидејќи го сака „апсурдното и откаченото“, дадаистот ги бира најбесмислените шеги за да го излуди буржујот. Овој пак, како што верува Ханс Арп, гледа „во дадаистот пробисвет без манири, вревач што прави неред, некултурен варварин“ којшто негува „лоши намери против неговите ѕвона, неговите железни каси и блескавите ранг-листи на неговата чест“.20

Кон крајот на 1918-та, кога сè уште не знаеше речиси ни за еден скандал што движењето Дада го беше предизвикало во Цирих и Њујорк, Жак Ваше живееше во исчекување на некоја скандалозна манифестација која би ги вџашила луѓето. Му пишуваше на Бретон дека му се обраќа „за да ги подготви патиштата за тој лажлив Бог, по малку подбивен, а страшен во секој случај”.21 Ваше ќе умре во тоа исчекување, не доживувајќи тоа да се оствари, но постигна во него да учествуваат и Бретон и неговите пријатели, коишто на тој начин се подготвија да го дочекаат Тристан Цара и дадаистичкиот дух настанат во Цирих, дух кој најнапред се манифестираше низ склоноста кон скандали.

Циришките дадаисти, исто како Дишан и Пикабиа во Њујорк, сфатија дека големиот дар-мар на којшто се надеваа не може да настане од една единствена манифестација, колку и спектакуларна да биде таа, па затоа треба да бидат изведени многу манифестации, разноразни, како во некаква војна со вознемирување. Сите средства беа добри да предизвикаат скандал: активизмот на Дада, значи, се искажува низ објавување на мноштво списанија, низ организирање на многубројни изложби и јавни вечери. А секогаш требаше да се изведуваат провокации кои го презирале добриот вкус и прифатените вредности. Така го слушаме Рибмон-Десењ како на публиката ѝ се обраќа со следниве зборови: „Пред да се симнеме меѓу вас за да ви ги искорнеме расипаните заби, краставите уши, јазикот полн со чирови; пред да ви ги испокршиме гнилите коски (...), ќе се избањаме во големата антисептичка бања“.22

Со зборот, текстот, спектаклот што го приредуваат за гледање, дадаистите сакаат да ја збунат и изненадат својата публика. Посебна наклонетост покажуваат спрема големите јавни вечери затоа што им е потребно присуство на аудиториум за да го наведат на најмалку контролирани реакции.

Пред војната, Артур Краван, предвесник на дадаистичкиот дух, веќе се испроба во тој тип вежби. На петти јули 1914-та во салата на Научните друштва тој организира незаборавна вечер. Облечен во широко изрежана фланелска кошула со црвен ремен, во црни панталони и лесни мокасини, тој играше, боксуваше, истрела неколку куршуми од пиштол, фалејќи ги спортистите коишто вредат повеќе од уметниците, хомосексуалците, крадците од Лувр, лудаците...

 

Во Цирих, во кабарето „Волтер“, првите претстави што ги режираше Хуго Бал брзо се претворија во агресивни манифестации. На сцената беше изведувана музика со помош на удирање во железни кутии. Некој глас, под огромен шешир, рецитираше стихови од Арп. Зернер наместо да ги чита своите, полагаше цвеќе пред нозете на кројачка кукла. Хилзенбек ги врескаше сопствените текстови, следен од Цара на голем тапан... Овие ујдурми ги водеа гледачите од вџашеност до гнев, но сепак не предизвикуваа насилнички реакции какви што Тристан Цара опишува во својата „Циришка хроника“: „Пред стутканата толпа Цара манифестира, ние сакаме, ние сакаме ние сакаме да мочаме во разни бои, Хилзенбек манифестира, Бал манифестира, Арп Erklarung, Јанко meine Bilder, Heusser eigene Kompositionen пци завиваат и сецирање на Панама на клавир на клавир и укрцување - извикувана песна - извикуваме во сала, се тепаме, првиот ред одобрува другиот ред се прогласува за ненадлежен остатокот вреска, кој е посилен донесуваме голем тапан, Хилзенбек против 200, Хозенлац со ритамот на големиот тапан и удиралките на левото стапало - протестираме врескаме кршиме прозорци се убиваме уништуваме се маваме полиција прекин“.23

Кога движењето Дада потоа се префрли во Париз, го искористи искуството стекнато во Цирих, па јавните вечери беа приредувани по истата испробана шема. Најнапред тоа беше Првиот Петок на списанието Littérature, 23 јануари 1920, во текот на кој беше изведувана музиката на Сати, Мио, Пуланк, Орик. Цара бил присутен и читал една новинска статија следен со ѕвонење на ѕвонци и со шумови од различно потекло. Пикабиа цртал голем цртеж на школска табла, бришејќи го секој завршен дел пред да го почне следниот... Париската публика, помалку стрплива од онаа во Цирих, набрзо почнала да вреви и вечерта завршила во приличен метеж.

Манифестации во ист стил се ределе во постојан ритам. Во Deja Jadis, Рибмон-Десењ зборува за атмосферата на Големата вечер на Дада во театарот l’Euvre, на 27 март 1920-та, во текот на која многубројните гледачи почувствувале дека „имаат право да преминат во противнапад извикувајќи 'уа', дерејќи се и свиркајќи“.24 Движењето Дада двојот врв го достигнало на 26 мај 1920 во Париз, со „Фестивалот“ во салата Гаво. Било најавено дека дадаистите едни на други, на сцена, ќе си ја сечат косата. Гледачите се подготвиле да одиграат активна улога вооружувајќи се со јајца и парчиња бифтек со кои ги замавале Елијар, Бретон, Супо и другите штом се појавиле со левци и нокшири врз главите.

Публиката, значи, се навикнала на таквите претстави. Поради нивното повторување се заканило тапкањето во место. Скандалот поради скандал дошол во опасност да се претвори во уметност на скандалот и да ја загуби својата уривачка сила. За тоа посебно бил свесен Рибмон-Десењ: „Нè навредуваа, се разбира, што беше доказ дека 'тесноградите традиционалисти' од сите фели биле погодени во вистинско место. Истите тие тесногради традиционалисти го сметаа скандалот за ствар по себе, нешто пријатно, примамливо, аперитив и дигестив, така што силата на скандалот слабееше напоредно со неговата преобразба во елемент на изразување”.25 За да се излезе од тој ќорсокак биле измислени нови начини на дејствување, меѓу нив и подигнување обвинение против писателот Морис Барес. Ова „судење“, ќе видиме подоцна, веќе не беше дадаистичка манифестација во строга смисла. Некои протагонисти тежнееја сепак да му дадат скандалозен набој во духот на Дада. Така беше направил Бенжамен Пере, кога се појави преправен во германски „незнаен херој“, или Тристан Цара кога изјавил: „Јас немам никаква доверба во правдата, дури и ако таа правда ја дели Дада. Ќе се согласите со мене, господине претседателе, дека сите ние сме само една банда клапчовци и дека според тоа, ситните разлики, поголеми или помали клапчовци, немаат некое посебно значење“.26

 

Во организирањето на предизвикувачки манифестации, берлинските дадаисти во ништо не заостанувале зад циришките и париските. Првите биле одржани пролетта 1918-та; на 12 април, во салата „Neuer Sezession“, Хилзенбек одржал едно предавање, сè уште прилично умерено, за почетоците и целите на движењето Дада; во јуни, во кафето „Австрија“, Раул Хаусман одржал рецитал на фонетска поезија. Следната година, јавните демонстрации станале сè понасилни: онаа одржана во мај, во салата „Meister“ доживеала толкав успех што организаторите, не сакајќи да западнат во колотечина, својата последна вечер, одржана во декември во театарот „Die Tribune“, го претвориле во стравотна врева.

Освен јавните вечери, изложбите биле друга прилика да се збуни и нападне публиката која дошла да ги разгледа уметничките дела. Веќе во 1917-та Марсел Дишан предизвикал фин скандал кај организаторите на првата изложба на независните во Њујорк со тоа што, под наслов Фонтана, пратил еден писоар. Кога во мај 1921-та во галеријата „Au sans pareil“ го претставувале Макс Ернст, париските дадаисти се погрижиле за мизансценот. Од подниот отвор во дното на сцената допирало лелекање. Еден од дадаистите, сокриен зад едно парче мебел, ги пцуел присутните личности; другите се мотале наоколу без вратоврска но во бели ракавици. Рибмон-Десењ непрекинато извикувал: „Дожд паѓа врз черепот“. Бретон крцкал кибритчиња. Арагон мјаукал. Супо играл миженка со Цара, додека Пере и Шаршун секоја пригода ја користеле за да се ракуваат...

Врвот на провокациите ќе го достигнат дадаистите од Берлин со Големиот Саем 1920- та, поради кој заработија судско гонење од Рајхсверот. На таванот од изложбената сала, која им ја позајмил доктор Бурхард, тие закачиле војник направен од сивозелена слама, со офицерски еполети, со маска на свинска муцка и со војничка капа. Крај еден ѕид, врз трупот на жена од слама, на местото на дојките зашиле рѓосани вилушка и нож, врз рамењата електрично ѕвонче и примус на алкохол, а половиот орган го покриле со железен крст. Повеќе од тие кукли, гневот на војската го предизвикале карикатурите на Грос и колажите на Херцфелд, „претстави на офицери и подофицери, срамни и одвратни“,27 и уметниците поради нив на судењето заработиле тешки парични казни. Главниот организатор на изложбата, Јоханес Бадер, издејствувал да биде ослободен.

Во личноста на Бадер Дада-Берлин поседуваше скандал-мајстор. Во ноември 1918-та, Бадер успеа за време на доминиканската служба да се искачи на проповедалницата на катедралата за да им објави на скаменетите верници дека Дада ќе го спаси светот. Следната година, за време на првиот состанок на Уставотворното собрание во Вајмар, тој од галеријата фрли дожд летоци коишто самиот ги беше испечатил, а во кои е најавена неговата кандидатура за претседател на републиката. Во друга пригода, со Хилзенбек и Грос, ја обелоденил телеграмата упатена до Габриел Д’Анунцио по заземањето на Фиума (Риека, прев.): „Ако сојузниците протестираат ве молам повикајте го клубот Дада, Берлин. Голема победа дело на дадаист. Го браниме неговото признание со сите средства...“28 Стануваше збор, јасно, за нова провокација со цел кај луѓето да се создаде метеж во поглед на вистинските цели на движењето Дада. Зарем Хуго Бал не прогласи: Дада „со радост ја прифаќа секоја маска, секоја игра миженка под услов да му овозможи да го насамари својот свет“29?

 

За да го скандализираат или деморализираат буржујот, јавните манифестации за дадаистите претставуваа најдобро оружје, но неколку пати тие не се двоумеа да прибегнат кон поскриени начини на дејствување, за што сведочи писмото на Филип Супо упатено до Шпанецот Гиљермо де Торе, во коешто се зборува за активноста од крајот на 1921 и почетокот на 1922 година: „Дадаисте работеа во тишина па дури одлучија да започнат една тајна дадаистичка акција“.30 Тие организирале ноќна кампања на лепење на зборот Дада низ Париз. На сите сенатори и пратеници им пратиле посебно писмо по повод движењето Дада. На истиот начин ги вознемириле и сите еснафи. Оваа акција траела безмалку пет месеци, но, според Супо, набрзо повторно се појавила желбата за индивидуално истакнување, најнапред кај Бретон и Арагон, тако што групата му се враќа на дејствувањето при полна светлина!

Сеедно дали дејствувајќи со јавни манифестации или со тајни потези, движењето Дада покажуваше дека има изострено чувство за публицитет, којшто овозможуваше запознавање со движењето. Критичарот Бернар Фај вака го оценува успехот: „Работата со која добрите 'тајфи' ги подвргнуваат идеите воопшто не се состои во тоа да им се одземе нивната поента, нивната зајадливост, во тоа тие да се изгланцаат и измазнат, туку, токму обратно, тие да се направат попродорни и поостри. Тоа беше ремек-дело на движењето Дада, чијашто активност ќе остане една од најинтересните појави на сегашното време и чијшто успех беше општопознат“.31

Постојано изведувајќи сè повеќе скандалозни работи, движењето Дада, значи, успеваше во духовите на луѓето да уфрли јанѕа; изнесувајќи ја на виделина ништожноста на сите вредности на буржоаската цивилизација, тоа можеше да ѝ ги поткопа темелите. Но дадаистите, како што констатира Ханс Арп, не беа толку наивни да поверуваат дека еднаш засекогаш можат да стават точка на сите конформизми, согласности, прифатени идеи. Тие знаеја дека овие нема да престанат одново да се создаваат и дека секогаш одново ќе биде потребно да се започнува уривачкото дејствување.

 

 

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел


_________________________________________________

[20] Hans Arp: “La bouteille a nombril”, Jours effeuilles, Gallimard, 1966, стр. 313

[21] Jacques Vache: “Lettres de guerre”, Littérature, бр. 7, стр. 16

[22] Georges Ribemont-Dessaignes: Au public”, Littérature, бр. 13, мај 1920, стр. 18

[23] Tristan Tzara: “Chronique zurichoise”, Almanach Dada, нав. дело, стр. 13

[24] Georges Ribemont-Dessaignes: Deja jadis, нав. дело, стр. 103

[25] Истиот писател, истото дело, стр. 118-119

[26] Tristan Tzara, “L’Affaire Bares”, Littérature, бр. 20, август 1921, стр. 11

[27] Да се види: “Les abus de la Foire Dada”, Der Ararat, 21 април 1921

[28] Репродуцирано во Almanach Dada, нав. дело, стр. 262

[29] Hugo Ball: Die Flucht aus der Zeit, Munchen, Von Duncker-Humblot, 1927

[30] Писмо на Филип Супо (Soupault) наведено во Guillermo de Torre: Historia de las liter- aturas de vanguardia, стр. 350-351

[31] Bernard Fay: “Eloge des chapelles litteraires”, Cahiers du mois, бр. 8, јануари 1925

 

Извор: Маргина #39, Темплум, Скопје, 1998.
Слики: Франсис Пикабиа

Слични содржини

Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото