Штрудлата на Лиле Дирјан

28.10.2016 01:13
Штрудлата на Лиле Дирјан

Штрудлата на Лиле Дирјан е подобра од мојата погача со маслинки. Таа штрудлата ја прави со мак, а јас мојата погача со маслинки со црно, ‘ржано брашно. Ситно го мелe макот, ситно ги сечкам маслинките. И брашното го просејувам, за секој случај, на едно старовремско сито. Таа става и некои тајни тревки, па куќата со денови ѝ мириса на јадрански острови; од мигот кога ќе ја намисли штрудлата - до оној кога некому ќе го подари последното парче. Додека таа го витка тестото меко како увце, јас се губам низ уличките во Влае со топлата погача во големо ѕвоно од „Кауфланд“. Розово. Со убава и безбедна рачка озгора. Таксистите од нејзините раскази никогаш не сум ги начекала да бидат на смена на „Партизанска“, инаку би им скршила по едно крајче и ним. Лиле знам дека би им дала цел плех со четири големи векни штрудла. Стаклести озгора, од белката со малку шеќер, сок од лимон и којзнае што уште.

-Сакаш да ти дадам едни листови наместо вегета? – ми вели додека седиме во двор.
-Наместо вегета???
-Да, де, види! – станува, кине листови од една голема грмушка, ги трие со палецот и показалецот на десната рака и ми подава да помирисам. - Ова е селен или лесандрина!
-Навистина мириса на вегета! – се чудам.

Ја погледнувам право в очи и ѝ гледам по две тенџериња во секоја зеница: во едното вари обична супа со зарзават, во другото динста мешани мевца за турлитава: свинско, телешко, прозно и поетско. Романи нема. „Изгледа и тие не јадат романи“, помислувам, ама сепак истото и гласно го изговарам:

-Изгледа и вие дома не јадете романи?
-Што збориш, ма? – Лиле се преправа дека се чуди. – Знаеш дека не јадеме романи! Вие јадете?
-Да, ама сепак не ни се омилена храна... Понекогаш ќе зготвам, ама ги комбинирам со многу други прилози.

Се стемнува. Прст пред око не се гледа.

-Ќе си одам – ѝ велам, а таа веќе заспана, ми пакува цел плех со четири големи векни штрудла. Моето големо ѕвоно од „Кауфланд“, розовото со убава и безбедна рачка озгора, никогаш не може сосем да се наполни, оти има бескраен простор во себе: за цела грмушка со листови наместо вегета, море, за целиот двор на Лиле Дирјан сосе сите јадрански острови и пак да остане место и за мојата мала тераса со две саксии босилек.

Слика: Jungho Lee

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото