Добра причина за голем кревет

07.06.2010 10:58
Добра причина за голем кревет

Како воопшто можеме да се потпреме на Палестинците? Со својата пот тие 43 години им градат куќи, патишта и огради на доселениците, и потоа наеднаш прогласуваат – бојкот. Дали така се однесуваат партнерите? Зарем така се однесуваат оние кои со години ги учевме да ни ги полеваат градините и да ни ги садат дрвјата?

Дури ни премиерот не ја разбира оваа неблагодарност. На партискиот состанок во Ликуда горко се жалеше на одлуката на палестинските власти да бојкотираат 500 производи кои се произведуваат на окупираните територии и решението 6000 луѓе да престанат да работат на градењето објекти кои таму никнуваат. „Тие мислат дека сè им е дозволено“, луто се изјасни премиерот и неговото срце се возбуди поради страшната неправда која ни се нанесува, а светот само го гледа тоа и не реагира.

И навистина, како можат да ни го прават тоа? Зарем не им даваме работа, добар живот, богатство и среќа, а тие на доброто враќаат со лошо? Зарем не знаат дека без Арапите не може да се гради? Дали овој бојкот треба да ги натера доселениците сами да почнат да ги градат своите куќи, а господарите на земјата сами да работат како градежни работници? Тоа е добро само за домордното население. Затоа и ја имаме окупацијата, која ни обезбедува робови за половина цена – исто како и во апартхејдот.

Ни Советот на доселениците не го разбира бојкотот. Остро реагираше и рече дека се работи за „непријателски чин“. Еден член на Кнесетот предложи контрабојкот, а премиерот рече дека е сосем неприфатливо Палестинците да водат економска војна против нас.

Шаграи Брош, претседателот на индустријалците, смета дека ова претставува скандал. Така мислат и министрите од владата на Авигдор Либерман и Бенјамин Бен-Елиезер. Бидејќи само нам ни е дозволено да ја спроведуваме кампањата „купувајте само сино-бело“. Ним им е забрането да ја развиваат сопствената економија бидејќи нивната цел е да нè поддржат нас како добри господари. Факт е дека им продаваме фабрички вишоци, производи од понизок квалитет и лекови на кои им е изминат рокот на траење. Во спротивно, од каде би добиле лекови?

Ние сме тие кои им наоѓаат работа. Тие за нас прават чевли и произведуваат јаглен за скарата што ја печеме кога го славиме Денот на независноста – впрочем, господарот ги почитува празниците.

На седницата на истата група Нетанјаху разоткри страшна тајна: Палестинците се труделе да не бидеме примени во OECD (Организација за економска соработка и развој). И тоа е уште еден скандал од низата. Ако успееја во својата зла намера, тој не би можел да отпатува во Париз, а подоцна и во Канада и САД и да ужива во скапиот голем кревет кој Ел Ал посебно го создаде за него и го постави во авионот – обичната прва класа не му одговара на неговото височество.

Нетанјаху не разбира зошто Палестинците се противат на нашето зачленување во OECD. Палестинците се должни да ни вратат со добро, поради искоренувањето на маслинките, одземањето на земјата, убивањето, апсењето, блокадите, административните затворања. Зарем не сфаќаат дека кога ќе се зачлениме во OECD, ќе бидеме уште побогати и ќе им ги зголемиме платите, ќе им дадеме великодушна пензија, годишен одмор, облека и слични социјални услови. Нетанјаху исто така рече дека „Израел се стреми кон економски мир и ние постојано работиме на развојот на палестинската економија“. Каква благородност!

Нетанјаху не разбира зошто тие не го прифаќаат толку благородниот совет за економскиот мир, туку продолжуваат да се борат за „независна држава“. Вистина, економскиот мир е оној кој се воспоставува меѓу коњот и јавачот. Но на крајот на краиштата, што е тоа што Арапинот го сака? Пита и маслинки. И тоа е она што обилно го добиваат од нас. Од друга страна, ако се осмелат да станат самостојни, кој ќе им гарантира дека ќе им останат доволно маслинки?

Нетанјаху им се лути од повеќе причини. Тој вели дека се одговорни „за загадувањето на нашите извори на вода“. И тоа е врвот на нивната безобзирност. Вложивме стотици милијарди во инсталации за рециклирање на нечистата вода и уште стотици милијарди за заштита на околината на арапските села. Погледнете го списокот на вложувања во арапскиот дел на Ерусалим кој е познат по квалитетот на живот, чистотата, убавината, пространите училници, водоводната и канализациска инфраструктура кои функционираат како во Швајцарија.

Па, како се осмелуваат да ги заобиколат овие инсталации за рециклирање и да го пуштаат отпадот во блискиот канал кој, за несреќа, ја носи оваа вода до „нашите извори“. Бидејќи познато е дека сите извори меѓу морето и Јордан се „наши“.

И како врв на елегијата над Палестинците, Нетанјаху рече дека овој бојкот „ги погодува нив самите“, и дека од таа причина е погрешен. Овде сфатив дека се работи за хуман и чувствителен човек. Бидејќи сиот овој труд произлегува од грижата за Палестинците за, не дај боже, да ги погоди овој бојкот.

Тоа, изгледа, е и причината зошто беше нарачан големиот кревет од Ел Ал за патот до Париз. За можеби да успее да ја одгатне загриженоста за судбината на Палестинците и да одмори за кратко.

Извор: Haaretz

Фотографии: Ник Виси

ОкоБоли главаВицФото