Интервју со Џони Штулиќ од 1990 година

28.10.2016 10:03
Џони Штулиќ: Четириесет години го слушавме завивањето на волците, сега четириесет години ќе го слушаме блеењето на овците.

Кои лични мотиви те движат својот мозок во толкава мера да го одржуваш во состојба на хиперактивност, да бараш одговори и на најбесмислените прашања кои ти ги поставуваат луѓето во разните интервјуа што ги даваш деновиве?

Мислам дека тоа е, ако воопшто имам лични мотиви, желбата за сознание, за истражување, за разбирање. И желбата да пронајдам одговор на прашањето: што треба јас да правам во сето ова? Тоа е нулта точка. И тие четири нешта се некакви мои мотиви.

Не можеш да негираш дека од почетокот на кариерата, благодарение и на песните и она што го зборуваше влечеше етикета до ултралевичар. А во меѓувреме толку многу се промени наоколу што...

Барем да останев во левицата за таа да станеше десница. Сè останато околу мене се промени, што инаку е факт. Најголемите левичари станаа најголеми десничари. Четириесет години го слушавме завивањето на волците, сега четириесет години ќе го слушаме блеењето на овците. И сега, што би требало да правам јас во сето тоа: да блејам или да завивам? Што се очекува од мене? Изгледа дека морам да направам таква ситуација од мене да се очекува да завивам, ако веќе не знам да блејам.

Можеби би било логично после „Pit i to je Amerika“ сега да направиш нешто како „Sergej i to je Azerbejdzan“, не знам...

Да, но ако човек еднаш ја направи „Poljska u mom srcu“, не треба сега да прави „Srbija u mom srcu“ или „Makedonija u mom srcu“ или... Принципот е доволен. Каде би стигнал човек на таков начин? Ниту некој повеќе ќе му верува, ниту тоа ќе биде нешто значајно. Не сум виновен што Азербејџан не беше толку популарен како Америка кога настана таа песна. Сега сите почнаа да прават песни за Русија за да се појават на нивниот пазар, што е сосема во ред. Но, јас никогаш не знаев дека треба да се појавам на иранскиот пазар или на австрискиот, полскиот или на американскиот. Меѓу другото, „Pit i to je Amerika“ и не е мој текст, само имав мелодија која ми легна. Инаку, јас не би ни пишувал за Америка.

Не би рекол дека сум Мојсеј

Планираш да основаш Балканска партија на трудот. Дали таа ќе биде транснационална?

Само ако се сложиме дека jebeš zemlju koja Bosne nema. Ако важи тоа, важи и ова. А целиот назив треба да биде „Balkanska partija rada (goli kurac)“. За еден ден, кога господата ќе се гордеат, барем да се сетат од каде тргнале кога веќе не знаат каде одат.

Сè заедно, и идејата и партијата делуваат мошне несериозно.

Така е, за еден ден сето тоа да се покаже како мошне сериозно. Зашто, кога сега би било сериозно, тогаш веројатно на крајот би било многу несериозно. Би била општа комедија, како што е случај со многуте досегашни искуства од овој вид, не само кај нас. Но, нека има барем малку хумор во сето тоа, ќе биде полесно.

Чудно е што се занимаваш со работниците, што се поистоветуваш со нив. Зошто?

Таква е мојата позиција во ланецот на репродукцијата. Оној што ја има економијата во рацете, тој ја има и власта. Јас ја немам, па сум во иста позиција како и кој било работник. Јас и сум работник.

Во сето тоа ја гледам твојата желба да бидеш Месија, предводник.

А, како дојде до тоа? Ти реков што ми треба – ништо. Но, подобро од себеси, тоа е мојот интерес. Од полошото немам никаква корист. Само ќе бидам уште полош, не мачев целиот живот за да бидам полош. Моите интереси се подобри од мене. Мене, без разлика дали како Месија, или како никој и ништо, ми треба некој подобар од мене. Тоа е мојот приватен интерес.

Партијата на трудот е многу чесна организација, затоа што без труд нема ништо. Не ја потценувам човечката работа, апсолутно. Не би рекол дека сум Мојсеј. Ако мора да го правам тоа, тогаш тоа е само затоа што некој мора да организира, да се грижи да има сè. За тоа треба квалитетен кадар, а него го нема. И затоа целата работа ќе остане на хартија уште најмалку педесет години.

Топовска храна на два фронта

Зошто толкави претерувања?

Намерно претерувам за нештата да се видат подобро. Тоа е како ластик. Кога сакаш да видиш дали некаде е засечен, мора добро да го истегнеш за да видиш каде ќе се скине при следната прилика.

Мислам дека сè уште не расчистивме едно нешто: дали си марксист?

Сега, кога во земјава нештата се соголија и кога преку ноќ по четириесет години општествена сопственост и национализација се формираат класа патрон-газда и работничка класа и одеднаш се зборува за потпишување годишни договори помеѓу нив, марксист сум, многу голем. Но само во таа смисла и не подалеку од тоа.

Кои се патроните во оваа земја? Оние кои инаку би требало да платат за сите свои криминални постпаки во минатите четириесет години. Сега волшебно станаа патрони давајќи им на луѓето коска за која ќе се расправаат, кратејќи ѝ четири нули. Што заложија за тие четири нули? Ја заложија земјата и нејзината слобода! Тоа го заложија. Тоа се криминалци. А јас сум единствениот човек во Југославија што го кажува тоа, а сите останати се среќни. Па, нека биде така, но да се знае дека Џони се сомневаше во тоа. Од самиот почеток.

Како гледаш на улогата на поединецот во историјата на човештвото?

Знам за турската пословица, која е универзална, дека еден човек вреди повеќе од сто луѓе и дека сто луѓе не вредат колку еден човек, а јас генерално многу им верувам на Турците. Второ – ја познавам историјата: знам дека сето ова што сега го имаме, овој разговор што се снима, радиото, светлото, сето тоа е еден човек – Тесла. Ако не беше тој, ние сега ќе бевме во некој друг стадиум.

Да ја погледнеме Југославија. Исто така еден човек. Не е важно кој беше позади, кој беше од страна. Тоа беше Тито.

Кога мислам на музиката ги гледам Џон и Пол – Битлси. Ако не беа тие, јас немаше да свирам.

Поединецот? Тој најмногу ни фалеше досега.

Дали се сложуваш со оценката дека тука, во Југославија, сега генерално сме послободни од кога било претходно?

Во одредена смисла да, но во друга не сме. Послободни сме затоа што повеќето од нас смеат да разговараат, да помислат да направат нешто, а не сме затоа што претходно повеќе бевме свои отколку што сме денес.

Затоа што, претходно под Тито, бевме независни – беше каква што беше – а гаранција за тоа беше тој, а со кого се договарал за неа е помалку важно...

Но, сепак, тоа е правено лаички и заради тоа ние сега сме во ваква ситуација. Ако продолжи вака, нема да има ништо за нас. Одиме кон тоталитарен свет, во светлото на Орвел, каде ќе бидеме само топовска храна за, не знам, исламскиот или африканскиот фронт, како што ќе се договорат господата.

Меѓу другото, и досега беше приближно така, но некако повеќе настојувавме да ги имаме нештата во свои раце.

Волеј а ла Џони

Колку беше сериозен кога рече: Ако на рокот му ги одземеш сексот и политиката, тогаш зошто да свириш? Ја поставуваш ли политиката на местото на дрогата во светото тројство?

Па, затоа ние луѓето ја направивме политиката, за да ја имаме наместо дрогата. Таму каде што не функционира политиката, владее дрогата. Дали тоа е црквата, според Маркс, или тоа е фактичката дрога, не е важно, но тоа е факт. И затоа Америка има толку лоши проблеми со дрогата. Таму нема политика.

И понатаму исто размислуваш за Западот – негативно. Велиш дека те расипал и тебе, а сепак остануваш таму. Зошто?

Јас не можам да го спречам тој процес. Човекот станува она што го гледа. Ниту јас ниту кој било друг не може да направи ништо околу тоа. Можеш само да не гледаш, а тоа не е решение.

Дали и претходно толку те интересираа темите кои немаат врска со музиката – или тоа е нешто од поново време?

Јас и почнав да се занимавам со музика затоа што сето ова го имав во главата и музиката ми беше единствениот начин некако да го канализирам тоа, да дојдам до објект за комуникација. Инаку, човек нема со кого да поразговара. И сега немам со кого да разговарам, а камо ли кога не би бил познат. Со кого би можел да разговарам?

Со кого? Би ме ставиле во лудница! За да не стигнам до лудница, морам да разговарам.

Некако ми изгледа дека со годините расте твојата наклонетост да се сметаш себеси за предвесник на сè што постои? Тешко е да се најде што било во оваа земја што хронолошки се појавило после тебе, а да не тврдиш дека е под твое влијание?

Тоа е затоа што имам подобро гледиште од другите, па знам. Не за да добијам поени за тоа. Сè што кажувам може да се вреднува: добро и лошо, така е или не е така, но јас ги гледам нештата на тој начин и така размислувам. Но, твојава констатација има логика – а ако треба да докажувам, можеме конкретно, точка по точка, но нема да има место за сè.

На што конкретно влијаеше во домашниот рокенрол?

А, на што не влијаев?

Добро, на што не влијаеше?

Не влијаев на Бело Дугме кога се појавија, не влијаев на оние пред нив, не влијаев на Групата 220. Но, откако се појавив – влијаев на сè! И не само на рокенролот туку баш на сè. Можеби не на фудбалот во толкава мера, но сигурно и оние што играат мислат дека би требало да бидат како Џони Штулиќ.

Постои една точка која релативно лесно ја преминуваш и кога почнуваш да го кажуваш она што не го мислиш? Свесен си за тоа?

Да. Кога зборувам емоционално тогаш сум таков, кога зборувам логично тогаш сум онаков.

Сепак, во целиот твој нов медиумски настап гледам една мошне весела, мајтапчиска нишка?

Мошне е весела, да. А што друго ни преостанува? Не дека сите мора да се веселиме, далеку од тоа. Но, ако се појави нешто весело, ајде сите да се насмееме, па можеби повторно ќе ни биде малку полесно. Зашто ако нема шеги и зафрканции, ебати животот.

Ми се чини дека уживаш да играш со софизми. Дека се втурнуваш во тешко разрешливи логички сплетки и со нив го измачуваш соговорникот, а понекогаш и себеси. Зошто?

Затоа што човекот мора да мисли за да се извлече од тие невозможни ситуации. Ако не е во невозможна ситуација тој не размислува. А бидејќи од мене се очекува да размислувам, а и не само од мене, би сакал сите луѓе да размислуваат, тогаш јас уште повеќе ќе размислувам, па на сите ќе ни биде поинтересно. Затоа морам да се втурнувам во некои такви невозможни ситуации, тоа исто така е факт.

Не сум си чуден себеси

Дали не ти се чини дека затворајќи се во ваквиот начин на размислување и овој круг теми го стесни кругот на луѓето кои се интересираат за твојата музика? И колку во суштина тоа ти е важно? Колку воопшто се грижиш луѓето да ги прифаќаат твоите песни на истиот начин како и претходно?

Според мојот карактер емоционално сум поврзан со разумското. Така што не можам да го сакам она за кое немам интерес. Не сум баш паметен и кога не размислувам – ќе погодам, кога размислувам – ќе се зафркнам. Не размислувајќи, мислев дека е подобро зад себе да имам пет илјади луѓе што ме разбираат, отколку пет милиони што ме купуваат и не ме разбираат. Никогаш нема да задоволам никого, тоа е мојата политика. Зашто јас би бил првиот што ќе го купи тоа. Јас.

Колку во сите овие интервјуа што ги даваш деновиве разговараш со луѓето што те прашуваат, а колку со самиот себеси? Ми се чини дека никогаш не се канализираш.

Знам само дека не сакам да ги фасцинирам другите, тоа никогаш не ми беше амбиција. Отсекогаш зборував дека ќе бев среќен ако имам најмалку од сите. Така барем луѓето ќе ме оставеа на мира. Според тоа, сакам и другите да се збогатат, за да им биде подобро, е тогаш и мене ќе ми биде многу подобро. Зашто кога само мене ми е добро, не ми е добро, зошто да биде така?

Не ми е целта на сите да им биде добро, туку да ме остават на мира. А ќе ме остават и ќе ме пуштат да поминам по својот пат само ако тие се задоволни. Јас сум малку чуден човек, но ако тие го согледаат тоа и не ми даваат да поминам, што ми преостанува. Кутриот мал провинцијалец мора да се снаоѓа.

Мислиш дека си чуден?

Да, малку, да. Не сум си чуден себеси, чуден сум кога се споредувам со другите. Тогаш гледам каде ми е местото. Не сум будала, барем тоа не сум. Но тоа не значи дека не би можел да бидам будала. Никој не е совршен. И добро е човек понекогаш да биде будала, така повеќе се гледа кога не е будала. Така што тоа не ми пречи воопшто.

Понекогаш и јас правам будала од себеси само за да се види дека не сум бил отсекогаш таков и дека тука има и добри, паметни нешта. Има моменти кога никој не знае да каже нешто толку добро, паметно како будалата. Тоа е стара работа. Затоа краловите и ги имале будалите.

И Турците тоа го решавале слично. Тие на Султанот му испраќале везир кој му ги бакнувал нозете зашто не смеел да го гледа во очи и зборувал:

"O Presvjetli, o Veliko Sunce, oni kauri, oni bijesni psi, oni nevjernici, zamisli, oni kažu da si ti pizda!"

Тоа функционира така во целиот свет. Со вратоврска или без неа.

На крајот, како се чувствуваш во ситуација кога старите песни се подобро прифатени од овие новите?

Па, подобро нешто отколку ништо.

Не те возбудува тоа?

Не. Воопшто. Знам дека ќе биде онака како што ќе кажам. И не само тоа, ќе биде како што ќе кажам затоа што нема друг избор. Сосема сигурно. А она што го мислев пред десет години многумина го мислат сега. Така за десет години ќе сфатат дека и ова било во ред. А потоа повторно ќе дојдат да ме ебат во мозок со истите нешта.

Извор: http://www.yugopapir.com

Слични содржини

Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Свет / Музика
Балкан / Култура / Музика
Балкан / Музика / Историја

ОкоБоли главаВицФото